Златните резерви на Србија достигнаа рекорд: Во трезорите речиси 54 тони злато
По силниот раст во изминатите месеци, цената на златото помина низ краткорочна корекција под влијание на посилниот американски долар, високите приноси на американските државни обврзници и очекувањата дека каматните стапки подолго ќе останат на високо ниво. Сепак, цената и понатаму се задржува блиску до историските максимуми, а интересот за злато не слабее – само го менува својот облик.
Глобалниот пазар покажува јасна промена: додека купувањето златен накит е под притисок поради високите цени, инвестициската побарувачка и купувањата од централните банки остануваат силни.
Според податоците на Светскиот совет за злато, вкупната побарувачка за злато во првиот квартал од 2026 година, вклучувајќи ги и вонберзанските трансакции, достигнала 1.231 тон, што е раст од два проценти во однос на истиот период лани. Поради високата цена на златото, вредноста на побарувачката пораснала за 74 проценти и достигнала рекордни 193 милијарди американски долари.
Најсилен раст е забележан кај златните полуги и златниците, каде што побарувачката достигнала 474 тони, што претставува годишно зголемување од 42 проценти.
Истовремено, побарувачката за накит се движи во спротивна насока. Обемот на купување златен накит паднал за 23 проценти на годишно ниво во првиот квартал, иако вредноста на купувањата пораснала за 31 процент. Тоа значи дека потрошувачите и понатаму трошат на златен накит, но купуваат помали количини или полесни парчиња.
Високата цена не го намалува интересот за златото, туку ја менува причината за негово купување – од емоционален и декоративен производ кон практичен инвестициски инструмент.
Овој тренд е видлив и во Србија. Според податоците на Народната банка на Србија, златните резерви на земјата достигнале рекордни речиси 54 тони на крајот на април и вределе околу 6,9 милијарди евра, што претставува 24,4 проценти од бруто-девизните резерви.
Само во текот на април, Народната банка на Србија ги зголемила резервите за 225,8 килограми преку купување 18 златни полуги на домашниот пазар од компанијата „Србија Зиѓин Копер“. Од почетокот на 2026 година, златните резерви на Србија се зголемени за околу 1,5 тон.
Со тоа Србија се приклучува кон поширокиот светски тренд. Централните банки ширум светот продолжуваат да го зголемуваат уделот на златото во своите резерви како заштита од геополитички ризици, валутна неизвесност и зависност од странски средства.
Во првиот квартал од 2026 година, централните банки нето купиле 244 тони злато, што е за три проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
„Краткорочната корекција на цената не ја менува пошироката слика. Високите цени природно ја ограничуваат куповината накит, бидејќи таа одлука често е емотивна и може да се одложи. Кај инвестициското злато логиката е поинаква – луѓето бараат имот што ја чува вредноста и може да се претвори во пари кога е потребно“, изјави Георги Христов, директор на „Тавекс злато и сребро“.
Во услови на инфлациски притисоци, геополитичка неизвесност и високи каматни стапки, златото сè повеќе се доживува како сигурен чувар на вредноста – и кај граѓаните и кај институциите. објави Скопје1.мк
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Златните резерви на Србија достигнаа рекорд: Во…
По силниот раст во изминатите месеци, цената…
Андоновски: Укинувањето на роамингот со ЕУ е…
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска…
Тешка несреќа на автопатот Скопје-Велес, повредени три…
Малолетничка и две млади девојки на возраст…
Обвинет за Пулс фотографирал доказен материјал и…
Јавноста е повторно разбранувана по најновото Мислење…
Градежните пропусти, повик за будење на институциите
Ниту се следат прописите за заштита, ниту…