Изборот на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител утре на собраниска седница

t

Собранието утре треба да се изјасни за предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител. Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март, а за да ја добие функцијата потребни му се најмалку 61 пратенички глас.

Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка во која учествуваа петмина кандидати.

Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Тој е магистер по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Савески од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.

Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.

Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и на УСАИД.

Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.

Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.

Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.

Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ