Името не го даваат: Бугарските клубови немаат намера да ги сменат имињата?

До овој момент, од законските застапници на наведените здруженија не се поднесени пријави за усогласување според измените на Законот за здруженија и фондации, ни одговорија од Централниот регистар на прашањето дали здруженијата со спорни имиња поднеле документи за измена на имињата и статутите.
Битолското здружение на граѓани „Иван Михајлов“ и охридското „Цар Борис“ засега не го почитуваат Законот за здруженија и фондации, ниту одлуката на Комисијата за заштита и спречување дискриминацијата и до Централниот регистар на Македонија не поднеле документација за промена на нивните спорни називи и статути.
„Слободен печат“ праша дали „Иван Михајлов“ постапува по одлуката на Комисијата, според која до вчера требаше да го смени името и статутот и дали двете здруженија досега отвориле постапка да ги сменат своите називи во согласност со последните измени на Законот за здруженија и фондации, според кои е забрането да се користат имиња поврзани со личности и настани од времето на фашизмот, Третиот рајх итн., за што законскиот рок е до крајот на јануари.
Од Комисијата завчера информираа дека истече рокот од 45 дена за „Иван Михајлов“ да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата, откако претходно таа утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност со основањето на клубот.
Казната со која се соочува битолското здружение е од 3.000 до 10.000 евра
– Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство. Идејата не е да се казнуваат граѓаните парично, идејата е да се отстранат сите практики што создаваат нееднаквост во ова општество – информираа вчера од антидискриминаторската комисија.
Казната со која се соочува битолското здружение е од 3.000 до 10.000 евра. Но, бугарскиот центар може да се соочи и со кривична одговорност, најавија од Комисијата, бидејќи не е испочитуван ниту рокот за отстранување на спорните содржини, објавени од клубот на социјалните мрежи. Според измените на Законот за здруженија, пак, ако до февруари „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ не ги сменат имињата, ќе бидат избришани од Централниот регистар, односно министерот за правда ќе донесе решение за нивна ликвидација.
Овие два клуба беа цел на неколку напади. „Играта“ со клубовите почна пролетва, откако стана јасно дека спорот што Бугарија ѝ го наметна на Македонија ќе се надмине со формулата „вметнување на Бугарите во македонскиот Устав“, што во македонската јавност е протолкувано дека Софија нема да застане со своите провокации и уцени кон Скопје.
Неприфатливите изјави на Костадин Костадинов од бугарската националистичка партија „Преродба“ за време на отворањето на бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, како и изјавите по последниот состанок на Мешовитата експертска комисија, во кои копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров рече дека се зборувало за тоа како да биде претставена Охридската архиепископија во учебниците, поттикнаа барање на премиерот Димитар Ковачевски двете страни да се воздржат од шпекулации.
Извор: Слободен Печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Тешка сообраќајна несреќа во Топанско Поле!
Тешка сообраќајна несреќа доцна вечерва се случи…
Во 59 минута најтажниот громогласен аплауз во…
На почетокот од 59. минута од вечерашниот…
Селективна правда втор дел? Зошто актуелни функционери…
Фејсбук страницата Bella Ciao продолжи да ги…
Џеј Ди Венс во петок ќе го…
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави…
Москва е гневна откако Зеленски позираше покрај…
Фотографијата од украинскиот претседател Володимир Зеленски, на…