Историски континуитет или поделена македонска историја: Како да се постапува со минатото?

t

Ги слушам вчера, оние бугарските недоквакани историчари, зборувале они за Охридската архиепископија со нашиве кобајаги историчари, а за Гоце Делчев, наводно не станало ни збор. Нашиве пак ашљаци во соопшението го кажуват спротивното – се договарале со бугатрските колеги за Гоце Делчев. Тука некој лаже и маме. Нешто е труло во тоа “диво месо“ на македонската и бугарската историска фела. А знаеме, кој лаже, според онаа народната, тој и краде. А богами и вошки има. Е па, време е да ги пресретнеме лажговците и крадците на туѓа историја и да ги попрскаме со ди-ди-ти. Колку за превентива за телесна хигиена, а може и за ментална.

Денес, после 160 години од започнувањето на македонската преродба, после 119 години од Илинденската епопеја и Крушевската република, 81 години од НОБ, 78 години од АСНОМ, и 31 од самостојна, независна и суверена Република Македонија, некои луѓе се уште не можат да се ослободат од жестокиот политички антагонизам во нашата историја. Прават се определени историски настани, личности, случувања и појави да бидат неприродно спротивставени внатре во самата историја. Тоа недоволно е предупредувачки, па со спротивставени ставови, политички и историски, се влетува во авантура на таканаречена заедничка историја со еден од нашите соседи – Република Бугарија. Некој, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, времето ќе покаже, занемарува или игнорира дека Македонија 1913 година беше поделена, и оттогаш имаме и поделена историја и сега, без претходно да си ја завршиме домашната работа, исилено, зорле, неприродно и вештачки ќе прогласува заедничка историја со еден од субјектите кој учествуваше во тројната поделба на Македонија.

Зошто се игнорира фактот, поточно од кои причини и за кои цели се прави тоа, дека ние внатре во Република Македонија докрај не сме ги доизградиле и конечно воспоставиле мостовите помеѓу одделните епохи и мостовите меѓу нивните историски протагонисти и антагонисти и докрај не сме ги помириле различните и во определен дел спротивставени ориентации во реализацијата на македонската историска идеја? Тука мислам пред се на дејствувањето на ВМРО (со различни додавки) во периодот од втората деценија на 20от век до почетокот на НОБ, а секако и на скршнувањето од воспоставениот курс на АСНОМ, одење во правец на социјалистичка (црвена) револуција (која ја нема во документите на АСНОМ) и отстранувањето и физичкото уништување на македонската национална линија воспоставена со документите и одлуките на АСНОМ.

Некои наши луѓе, пред се политичари, и мал број историчари, ги игнорираат овие факти и како да се скарани со нив. Истите тие не признаваат потреба од национално помирување, а тоа е алката која недостасува доколку сакаме да ја видиме и доживееме линијата на органскиот континуитет во македонската историографија. Ретко кој може, првенствено бидејќи нема валидни факти и аргументи за тоа, да негира дека имаме поделена земја (Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија), поделен народ (македонски народ во Република Македонија, македонско малцинство во Грција – Македонци под Грција, македонско малцинство во Бугарија – Македонци под Бугарија), поделени личности (позитивни и негативни; предавници и спасители; напредни и назадни; револуционери и реакционери) и поделена историја (историја на Република Македонија, историја на Бугарија и Грција за Македонија и македонскиот народ спротивни на нашата историја). Ете тоа беше и остана реалната слика за Македонија во 20от век, и еве за првите три декади од 21от век.

Што требаше да направиме на овој план?

Што пропуштивме да сториме, а требаше и мораше да го сториме?

Овие се судбински прашања за кои ние се уште бараме одговори, кои мораме да ги најдеме и да ги дадеме: пред самите нас, за нашата македонска историја, и секако за тие кои го негираат нашето постоење и не го признаваат нашиот историски континуитет.

Прво што треба да го направиме е да не дозволуваме повеќе други да ја пишуваат нашата историја наместо нас. Тоа доволно го правеа, како Бугарите, така и Грците, а да не ги заборавиме и Србите и Турците. И од нив да е, доста беше. Толку.

Треба да продолжиме таму каде што застана Михајло Апостолски, основоположникот на МАНУ и нејзиниот прв претседател кој со своја стручна екипа ја напиша првата званична историја на Македонскиот народ во 1969 година, кој конечно создаде и своја држава (академик Михаило Апостолски, академик Блаже Конески, академик Димитар Митрев, д-р Данчо Зографски, д-р Христо Андонов Полјански, д-р Иван Катарџиев и проф. Љубен Лапе). Тука треба да се спомне и трудот Македонскиот народ и македонската нација (Прилози за развитокот на македонската културно – национална мисла) од академик Блаже Ристевски. И за крај Историја на македонската книжевност (20ти век од Миодраг Друговац). Подоцна следуваа и други изданија за македонската историја на македонскиот народ, македонската нација, македонската книжевност и македонскиот литературен јазик. Една од нив е Историја на македонскиот народ, во издание на Институтот за национална историја, од 2008г., од авторите Анета Шукарова, Митко Б.Панов, Драги Ѓоргиев, Крсте Битовски, Иван Катарџиев, Ванче Стојчев, Новица Вељановски и Тодор Чепреганов. Сите до еден професори, доктори на науки и со голем и плоден минат труд (издадени книги и монографии) во македонската историографија.

И сега некои вчерашни дечишта, недоиспилени историчари, послушници на забеганите политички елити, ќе им држат ненаучни предавања за “този дупче не е дупче“? Ма ајде, срамота! Никакви личности и карактери, а згора и климоглави историчари, брука на професијата, ќе ни ја прекројуват историјата. Скраја да е.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонски музичари ќе нè забавуваат на Плоштад…

На новогодишната ноќ, на плоштадот „Македонија“ во…

ДПИ: Цените на производите од „новогодишната кошница“…

Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите)…

(Видео) Битиќи до Кочоска: Компаниите ги оставивте…

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната…

Снегот предизвика проблеми во Бугарија, Боровец остана…

Снежното невреме во Бугарија предизвика проблеми во…

Финансиска полиција спроведува акција за апсење на…

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан…