Ковачевски: Агресивните активности на Русија на Балканот имаат за цел предизвикување безбедносна криза
Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина, порача премиерот Димитар Ковачевски на вонредниот самит на НАТО во Брисел.
Според Ковачевски, руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право. Истовремено, тој ја поздрави „храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата”.
„Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешно-политичка ориентација и безбедносни аранжмани”, рече Ковачевски.
Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски нагласил дека во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина, кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на алијансата.
Тој истакнал дека Македонија обезбеди хуманитарна помош и медицински материјали за Украина и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.
„Премиерот Ковачевски посочи дека внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот”, се наведува во владиното соопштение.
Ковачевски исто така укажал дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста.
„Политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западниот Балкан, која може да има повеќекратни негативни тенденции.
Проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ без натамошни одложувања”, додал тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска Давкова: Време е за храбар чекор…
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во годишното…
Хрватските газди бараат магационери „под дрво и…
Хрватските газди моментално бараат повеќе од 2.000…
Мојсоска: Дали професорката по уставно право ќе…
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска преку објава…
Радост во Скопје ЗОО: Две нови бебиња…
Од Зоолошката градина Скопје денеска објавија дека…
Застрашувачки вести од Харков: Повеќе од пола…
Русија го нападна енергетскиот систем на Украина…