Комити стануваат акционери во ФК Вардар
Навивачката група на Вардар, „Комити“ ја информираше јавноста дека ќе стане акционер во фудбалскиот клуб со 25-отсто од акциите.
Ваквата одлука е поттикната од актуелните случувања во клубот. Првичната цел на „Комити“ е да ги расчистат долговите на Вардар и да го вратат клубот на стабилни нозе. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Ја известуваме целокупната јавност, дека ние, навивачите на ФК Вардар, во договор со сопственикот на клубот Слободан Крстевски, отпочнуваме постапка за стекнување на 25% од акциите на клубот. Во склоп на договорот, членови на нашата група ќе станат дел од сите структури, и ВОЛОНТЕРСКИ ќе ги извршуваат сите тековни задачи, а се со цел нормално функционирање на клубот. НЕ ЗА ПАРИ – ЗА КЛУБОТ!
На ваков чекор се одлучивме од повеќе причини. Првенствено, затоа што не можевме повеќе да ја гледаме катастрофалната ситуација во која се наоѓа нашиот Вардар. Предолго веќе трае агонијата. Сите визии и планови кои ни беа презентирани се мртви. Сите рокови во кои требаше да бидат исполнети, се одамна поминати. Вардар низ годините, од спортски гигант, стана предмет за пресметка помеѓу разни струи, кои преку нашиот клуб единствено сакаа да си ги исполнат личните цели, кои по нас, немаат допирна точка со она како ние гледаме на работите, како ние гледаме на Вардар.
Како група помагавме и максимално се трудевме, клубот и покрај сите проблеми, да продолжи да функционира, да оди напред. Но, околностите во овој момент, бараат од нас радикална одлука. Главната цел на ваквиот наш чекор е целосно расчистување на долгот на ФК Вардар кон сите институции и физички лица, воспоставување на здрав долгорочен систем, во кој главен удел ќе имаат кадарните лица, чија главна цел ќе биде, спортскиот успех на клубот и создавање подобра иднина, за која сите ние заедно ќе треба да се избориме!
Ќе тропнеме на секоја врата. Во секоја надлежна институција, кај секој човек. Покани нема да чекаме. Нашиот план ќе го презентираме секому. Веруваме дека ќе наидеме на конструктивност и желба за соработка. Пред секој состанок, со секоја надлежна институција, јавно ќе ги обзнаниме нашите конкретни барања. По завршување на секој состанок, јавно ќе го озбаниме исходот, односно резултатот од средбата. Веруваме дека на ваков начин, јавноста, народот, ќе има најдобра прилика да увиди кој конкретно го помага, а кој го минира и одмага спроведувањето на нашиот план.
Радува фактот што, веќе денес, заедно со Општината Аеродром, успеавме да изнајдеме решение, со кое на ФК Вардар, му се препишува фудбалскиот терен, лоциран во близина на С.Ц. Јане Сандански, кој по завршување на законската рамка, ќе стане достапен за нашите фудбалери. Благодарност до Општина Аеродром, до советот и градоначалникот, за конструктивната соработка и желбата да му се помогне на ФК Вардар. Веруваме дека сите институции и општини ќе го следат овој пример, ќе ја имаат истата волја, и ќе придонесат кон побрзо решавање на проблемите поврзани со клубот.
Секако, доколку во периодот што следи, се појават одредени спонзори, чии цели би биле во дослух со нашите, ние како засегната страна, би биле апсолутно отворени за разговор, и секако за можен потенцијален договор. Но, на секого нека му биде јасно дека ќе мора да се исполнат одредени критериуми. Нема да дозволиме ФК Вардар да стане полигон за остварување на личен профит, и нема да дозволиме преку грбот на клубот, да се пазари!
За крај, сакаме да потенцираме, дека нашиот легитимитет не го црпиме само од правен аспект, туку сметаме дека ова е нашето природно право, поради сите заложби и акции преку кои активно сме помогнале на клубот. Секако, најголемиот легитимитет го црпиме од народот, кој ја препозна нашата искреност, и не поттикна уште повеќе на ваков чекор. Вардар е клуб на народот, бил и ќе биде. Заедно ќе се избориме за неговата иднина!
Ќе известуваме за секој нареден чекор, а вие бидете спремни, затоа што ќе има многу активности, преку кои директно ќе може да му помогнете на клубот.
БОРБА – ЗА ВАРДАР НАШ!“, стои во соопштението на навивачката група.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еурофарм Пелистер го победи Вардар
Актуелниот македонски машки ракометен шампион, Е. Пелистер,…
Приказни од Булеварот: Ако дојде до нивото…
Овој молк ќе го однесе Вардар во…
Спектакл во Битола: Пелистер и Вардар ќе…
Утре од 19:00 часот на Тумбе Кафе…
Вардар изгуби и од Силекс
Во убав амбиент, Вардар го пречека Силекс…
(Вознемиpyвачко видео) За влакно избегната трагедија, прелета…
Снимка од безбедносните камери покажува како се…