Континуитетот на илинденската традиција во НОБ/НОВ и АСНОМ
Мечкин Камен, Питу Гули, комитите и војводите – битка до последен здив
На почетокот на 20от век во Македонија е создаден националниот мит за хероизмот на востаниците од Илинденското востание во кое круциален момент е саможртвата на бранителите на Крушево кај Мечкин Камен под команда на војводата Питу Гули. Овој херојски чин е есенцијата на македонското револуционерно и востаничко минато. Тоа е тој непоништлив и вековен ПРОСТУМ. Тој инспирира, дава сила, обврзува. Оваа херојска жртва и многуте други од Илинденската епопеја и славната и победничка НОВ, од 1941 до 1944 година, станаа парадигма за НЕПОКОР и митска мотивација за дејствување во насоката на создавање на македонската држава.
Денешната колумна е посветена на светлиот лик и храброто револуционерно дело на славниот комита и храбар војвода Питу Гули(следната ќе биде посветена на Кузман Јосифовски – Питу). Питу Гули е јунак кој со саможртвата своја и на неговотие соборци, трајно се вгради во македонската крвава, славна и светла историја. Голоемиот, непоколеблив и храбар војвода Питу Гули бил без образование, но со природно бистар ум и вродена интелигенција. Питу е еден од оние дејци на Македонската револуционерна организација кои јасно увиделе дека интересите на балканските држави, нивните буржоазии и царски дворови, не се совпаѓале со интересите на напатениот македонски народ. Токму затоа и цел живот го посвети на борбата за слобода на македонскиот народ и создавање на самостојна македонска држава. Пред своите комити, соборци и народните маси знаел смело да каже “Борбата за нашето политичко ослободување ќе не ослободи и од духовното ропство“.
Кој е Питу Гули?
Ниту местото, ниту пак годината на раѓање на Питу не се точно утврдени. Се знае дека е од влашки род и дека води потекло од планината Грамос, од каде потекнуваат голем број влашки родови од тој крај после ограбувањето, палењето на Москополе и убивањето на Власите. Уште на 17 годишна возраст се се оддал на македонската револуционерното македонско дело, бил затворен, суден, осуден и испратен на робија во Мала Азија.
Питу Гули е комита, војвода, револуционер и борец до последен здив.
Бунтовник со причина. Сирак од влашко семејство, паталец по судбина, осуденик и заточеник кој секогаш се враќал на револуционерните патеки и врвици. Најголем илинденски херој, легенда и мит.
Можеби највпечатливиот опис на Питу Гули го дава Стојан Василев Орлев, од с.Вепрчани, Мариово, кој лично го познавал: “…А тој, Гуле, си беше малку сербез… така, бестрашен. Го знаеме ние уште кога беше ајдутин Мариовското. Ќе се напие, па после сербез пукај со малихерата, па ако има аскер, полиција туа у близина… Баш кумита беше тој Пито Гуле, ама на своја глава, сербез. Коа ќе рече не отстапува…“.
Лука Џеров, пак во своите “Спомени“ потврдува дека го примил Питу Гули во редовите на ВМРО во 1897 година, а Никола Киров Мајски сведочи дека Гули успешно ги криел четниците на војводата Дуко Тасев во 1898 и 1900 година.
Тоду Борјар, учесник на илинденските збиднувања, во своите сеќавања за Питу, потврдува дека свртеноста негова кон широките народни маси, што подоцна, во 1903-та ќе биде пресудно за неговиот авторитет, во обуката на комитите и командувањето со најбројната комитска чета
А и Марко Цепенков, кој лично го познавал, го сместува меѓу познатите комити уште од 1879 – 1894 година, нарекувајќи го “Пито Гули од Крушоо“. Славата на Питу поради неговиот карактер и принципи стигнала и до Делчев, кој се заинтересирал за него. My било кажано дека Питу е „многу храбар, многу буен, но крајно верен другар… Во него се всадени херојски принципи. Тој смета дека е срамно и недостојно за човек да го предаде своето оружје… Питу никогаш нема да отстапи….”.
Добар психолошки и карактерен профил на Питу Гули дал Васил Иљоски во драмата “Окрвавен камен“, во дијалогот на Питу со даме Груев: “… Да бегам? Заедно со оние што го потпалија огнот да гори, а сами ќе се извлечат…. И да се вратам во она ниско, исчадено кафанче, ден и ноќ да ги гледам и слушам како се препираат, караат, тепаат, ќе држат долги говори и од далеку со зборови ќе ја ослободуваат Македонија!? Овде, каде што се роди, растев, да останам, на Мечкин Камен, на високо гроб да си најдам, во пазувите на гората – мајка ајдутска и комитска! Тоа е за мене. Нека бега Сарафов, нека оди да шета по Европа и пие кафе со министри. Јас ќе останам со народот да ја испијам горчливата чаша…“. За овој хероизам, за неговата голема љубов кон родината, мајка Македонија, за градот Крушево и народот македонски, Н.К.Мајски ги испеал следните стихови:
“… Тука и денеска, кога дрва
селанецот сече, собира,
слуша шепот – чудни слова:
Питу Гули не умира!…“
И секако, за тие за кои и загина овој славен син македонски и најдобро го опејаа, во народна песна – за век и веков:
Илјада девесто трета година
Оган гореше градот Крушево.
Жените плачат, пиштат децата,
А крв се лее на Мечкин камен.
Таму се бие тој славен јунак,
Тој славен јуник, тој Питу Гули.
Тој Питу Гули, славен јунак беше,
Славно загина за Македонија.
Овој простум и непокор на Питу Гули, неговите комити и на сите војводи и комити што се ја изведоа Илинденската епопеја Македонската Масада – одбранбениот и непробоен бедем, неосвоената тврдина, која после четири децении, преку НОБ/НОВ, ќе прерасне во АСНОМ како врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска и слободна Македонија.
Пишува: Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата ќе ги покачува пензиите непосредно пред…
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска…
Дали ДПМНЕ го награди Максим со 243…
Од унгарскиот кредит од 50 милиони евра,…
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…
Ужас во Охрид: Автомобил влета меѓу пешаци…
Стравична сообраќајка вечерва ја потресе Охрид –…
Сите ја плаќаме цената на иранските напади,…
Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ…