Костов: Македонската интелектуална авангарда им одговори на забеганите политички елити и нивните историчари – фалсификатори и ревизионисти

t

Историско соочување: Македонија и Бугарија, вчера, денес и утре(1.)

Македонската наука и интелектуалната авангарда македонствуваа со збор и непокор


Македонската фаланга на 21-от век, составена од историчари, фолклористи, политолози и правници, сите докажани доктори на науки, респектирани професори и научници, од Институт за национална историја, Државен архив на Република Македонија, Филозофски факултет, “Св. Кирил и Методи“, Скопје, Правен факултет “Јустинијан I“, Универзитет “Св. Кирил и Методи“, Скопје, ЈНУ Институт за фолклор “Марко Цепенков“, Скопје и УГД “Гоце Делчев“, Скопје, вчера на НАУЧЕН СОБИР со тема “Македонија и Бугарија меѓу минатото и сегашноста“, МАКЕДОНСТВУВАА СО ЗБОР И НЕПОКОР.

Најеминентни македонски историчари, фолклористи, политолози и правници (Митко Панов, Наташа Котлар, Бранислав Светозаревиќ, Никола Жежов, Ѓорги Малковски, Теон Џинго, Иванка Василевска, Нада Јурукова, Виолета Ачковска, Новица Вељановски, Стефан Мицов – Влахов, Михајло Миновски, Билјана Ванковска, Велика Стојкова Серафимовска и Тодор Чепреганов), презентираа научни сознанија, факти и аргументи за односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Тие во корен ги сосекоа анахроните, ненаучни и фалсификувани документи на Парламентот на Република Бугарија и на Бугарската академија на науките. Со презентираните научни трудови, создадоа соѕвездие од историски македонски калиграми.

Тоа беше еден вид македонска историска поезија, која го осветли образот на Македонците. Своевидна географија, историја, археологија и фолклористика на македонската светлина, од дамнина – искон, за век и веков – вечност. Со аргументи, со факти, со проверени научни извори, со архивски материјали(руски, бугарски, полски, германски, словенски, чешки, словачки, англосаксонски, хрватски, македонски), или ако сакате историско градиво од латински, византиски и словенски извори, македонските научници покажаа дека имотниот лист за Македонија, со кого мавта бугарската историографија е невалиден, историски не заснован. Воедно, одлучно, јасно, концизно и научно издржано докажаа дека единствен легален, легитимен и морален сопственик на тапијата за Македонија, нејзината историја, јазик, култура и традиција, се Македонците и само Македонците.

Научниот собир преку речта, мислата, перото, умот, рациото и логиката на учесниците –поднесувачи на научни трудови, преку една научна вивисекција, ги констатира сите историски фалсификати, сите неосновани негирања, на се што е македонско, од страна на забеганите политички елити и нивните историчари – фалсификатори и ревизионисти, а потоа испрати многу јасни пораки:

Бугарскиот национален наратив од 19-от век е историски фалшлив и научно неточен, т.е. изместен. Со тоа и историскиот генетски код на Бугарите е фалшлив. Под големо влијание на Царска Русија, изнедрен е проектот за Голема Бугарија, и од тогаш, Бугарија, од темнината на средновековието, преку анти-логика, доведена до апсурд, романтичарски замислува дека се што е македонско всушност е бугарско;

Ново пронајден историски документ покажа дека уште во 1905г. при попишувањето на македонското население, бугарските егзархисти ги преправале графите во пописните документи, и наместо запишаните Македонци, пишувале Бугари;

До детал беше образложено македонското прашање, со сите негови особености и фази, пројавено како јазично, духовно, културно, народносно и политичко самостојно, пред Османлиската власт и Бугарската егзархија;

Најпластично, калиграфски сликовито, беше претставена бугарската окупаторска психа низ историјата; Со правни аргументи и издржани факти успешно беше негиран и оспорен Договорот за добро соседство помеѓу Македонија и Бугарија, од причина што тој е анахрон и содржи опасен регионален анахронизам;

Со јасен збор, впечатлива слика и уверлив графикон, беше докажано дека Бугарија извршила културна апропријација на македонската култура и фолклор, со што го загрозила македонскиот идентитет, а сторила КУЛТУРОЦИТ;

Со право беа посочени македонските власти дека неосновано се мешаат во работата на историчарите и дека од историјата прават служавка на политиката, на голема штета на македонските државни и национални интереси. Затоа беше даден предлог ваквите нефер и штетни разговори и преговори со Бугарија да се прекинат, а разговорот да продолжи со Европската Унија.

Од самиот почеток, па до крајот учесниците на научниот собир, покрај тоа што одважно ги изнесоа своите научно засновани ставови, во вид на историска експертиза, поставуваа и прашања: Зошто молчи Универзитетот? До кога ќе ги трпиме господарите на хаосот? Зошто сме толку независни, што ништо не зависи од нас? Каде се интелектуалците? Зошто македонските научници некому да го докажуваат тоа што е евидентно, очебијно и непобитно?

На научниот симпозиум беше промовиран и Зборник на научни трудови, со наслов како и темата на собирот, и можам да ви кажам, драги мои Македонци, дека овој Зборник, според значење и улога, за нашите национални и државни интереси, но и според научната тежина што ја поседува, веќе е нареден во низата на Златните книги за Македонија(историја, јазик, име, култура, идентитет, фолклор, традиција).

Се на се браво за Научниот одбор(Михајло Миновски, Новица Вељановски, Наташа Котлар Трајкова, Ѓорги Малковски, Тодор Чепреганов, Виолета Ачковска). Браво за Организациониот одбор(Љупчо Димовски, Јован Лазаров, Јован Пејковски, Тодор Каламатиев, Сталин Лозановски). Браво за Социјалистичка партија на Македонија.

Сите тие, заедно со присутната публика, на дело, со ЗБОР И НЕПОКОР, ја спроведоа пораката на Венко Андоновски, испратена истиот ден, преку весникот “Нова Македонија“: “Македонци, не виткајте грб пред сите, сметајќи се за непросветено племе. Пред самите да знаете кои сте и пред самите да цените, не очекувајте никој друг да ве знае и да ве цени. Учете кои сте“. Оваа македонска научна авангарда покажа дека има рбет, и тоа исправен рбет, а свеста, умот и рациото, историската аргументација и логика и се кристално чисти и непоматени. Се е кажано.

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Михајловски: Не е точно дека не можеме…

Не е точно дека не можеме да…

Таравари за пукањето вчера: Што има да…

Арбен Таравари од Алијанса на Албанците во…

Финска ќе постави бариери на границата со…

Парламентот на Финска денеска изгласа Закон за…

Арсовска предлага средношколците цело лето да се…

Советниците на градскиот Совет ќе можат на…

Чулев: Оставки на Спасовски и Османи затоа…

На вчерашниот протест Оливер Спасовски и неговите…