Лазарев: Срушена уште една бариера, македонското Брајово писмо станува дел од Андроид

t

Имам чест да споделам вест која е мала работа за многумина, но огромна за познавачите на Брајовото писмо во Македонија. Македонското Брајово писмо конечно станува дел од Андроид екосистемот преку апликацијата „Адвенс брејл киборд“ (Advance Braille Keyboard), открива Кристијан Лазарев, специјалист за пристапност и инклузија.

Како што посочува Лазарев, од објавувањето на оперативниот систем Андроид, па досега, слепите корисници во Македонија беа принудени на компромиси.

Односно, биле принудени или да пишуваат на латиница преку англиската виртуелна Брајова тастатура која има само 26 букви, или да користат „QWERTY“ тастатури кои поради малите букви прават да пишуваат бавно, или пак да се потпираат на препознавање на гласот преку диктирање, кое, вели тој, иако корисно, не е ни од далеку доволно прецизно за македонскиот јазик.

„Ако белиот стап е симбол на нашата независност во физичкиот простор, тогаш можноста да пишуваме на нашето Брајово писмо во дигиталниот свет е симбол на нашата интелектуална слобода“, објави тој преку социјалната мрежа Линкдин.

Според Лазарев, слепите луѓе заслужуваат да користат македонска кирилица, па затоа се зафатил на иницијативата и го вклучиле во тимот на „Адвенс брејл киборд“, откако претходно стапил во контакт со нив.

„За наша среќа, и покрај веќе долгата листа на јазици што ги поддржуваат, тие покажаа исклучителна отвореност и беа расположени да го додадат и македонскиот јазик. Бев вклучен во нивниот тим од тестери, го имплементираа кодот што им го испратив и резултатот беше фантастичен. Уште од првата бета верзија, македонското Брајово писмо беше таму – целосно функционално“, раскажува тој.

Лазарев, кој воедно е и наставник по македонски јазик и литература на слепи ученици и ученици со разни попречености, вели со новитетите ќе можат да пишуваат „Ш“, „Ч“, „Ѓ“ со истите брајови комбинации што ги учеле во училиште, а не да се мачат со странска виртуелна Брајова тастатура, која некои букви воопшто ги нема.

„Дополнително, се зголемува брзината – пишувањето преку екран на допир со брајови комбинации е значително побрзо од барањето букви на виртуелна тастатура и нема потреба дури ни да го доближуваме телефонот до уво за да слушнеме што сме напишале. Се отвораат и нови можности – сигурен сум дека ова е само почеток и дека за неколку месеци ќе го имаме македонскиот јазик и во други асистивни уреди. Веќе нешто ново е на пат… Напомена дека моментално поддршката е достапна во бета верзијата, но се очекува за неколку недели од денес да биде дел и од официјалната јавно достапна верзија на ‘Плеј стор’ за оваа аплиакција“, објаснува Лазарев.

Апликацијата функционира на принцип на допир со еден или повеќе прсти истовремено на екранот, слично како Перкинс машина.

„Сега останува на нас – сите оние кои го сакаат Брајовото писмо и сакаат наместо на класична QWERTY тастатура да пишуваат на 6-точковна македонска Брајова кирилица – да ја искористиме оваа можност. И како за крај на крајот би сакал да истакнам – ова е само уште еден доказ дека кога има иницијатива и знаење, бариерите се рушат една по една. Пишувајте и уживајте“, вели тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Внукот на Тоше, Кристијан преку фото-галерија му…

Внукот на Тоше Проески, Кристијан кој уште…