Левица: Жртвите од Кочани заслужуваат правда

t

Денес се навршува една година од трагедијата во Кочани која засекогаш ќе остане запишана како една од најболните страници во поновата историја на Македонија. Загубата на толку многу млади животи остави рана што ниту времето, ниту зборовите можат да ја излечат.

Покрај загубените животи, трагедијата остави и над двесте повредени лица, чија борба за закрепнување продолжува и денес. Во најтешките часови по трагедијата, лекарите, медицинските сестри и целиот персонал вложија натчовечки напори за да им помогнат на повредените и да спасат што е можно повеќе животи. Нивната посветеност, професионалност и човечност во тие моменти остануваат длабоко врежани во сеќавањето на сите кои беа сведоци на таа борба за живот.

Годишнините од вакви трагедии не смеат да бидат само момент на сеќавање. Мора да бидат и момент на совест и потсетник дека трагедијата во Кочани не беше обичен несреќен случај, туку последица на систем во кој корупцијата, институционалната негрижа и непочитувањето на правилата станале опасна норма.

Една година подоцна, за жал, Македонија не може да каже дека извлекла вистински поуки. Не се спроведени суштински системски реформи. Не се направени ниту законски измени во областите каде што беа јасно детектирани пропустите. Надзорната расправа која требаше да ја отвори целата одговорност пред јавноста сè уште не е организирана. Наместо сериозен институционален рез, сведоци сме на продолжување на истиот модел на одложување, релативизирање и политичко тактизирање.

Во таква атмосфера, трагедијата во Кочани останува и силен потсетник дека системот кој ја дозволи таа катастрофа сè уште не е суштински променет. Кога корупцијата продолжува да цути, институциите избегнуваат одговорност, а реформите се одложуваат, се создава чувство на неправда и безизлезност што сè повеќе ги оттурнува младите луѓе од сопствената држава.

Токму затоа, сеќавањето на Кочани мора да биде повеќе од комеморација. Тоа мора да биде постојано барање за одговорност, расчистување со коруптивните практики и изградба на систем во кој безбедноста и животот на граѓаните ќе бидат апсолутен приоритет.

Жртвите од Кочани заслужуваат правда, а Македонија заслужува систем што ќе ги штити животите на граѓаните, наместо да ги оплакува неговите последици.

Оние што ги изгубивме никогаш нема да бидат само бројка во една трагедија.

На повредените им посакуваме целосно закрепнување и сила со денови во кои болката ќе се повлекува, а местото ќе го заземаат нови почетоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Левица: Жртвите од Кочани заслужуваат правда

Денес се навршува една година од трагедијата…

Мицкоски: Кочани памети, Македонија памети

Денес во Кочани оддаваме тивка, но длабока…

Филипче со порака од Кочани: Сочувство до…

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од…

Мајка на една од жртвите во Кочани…

Мајката на една од жртвите во кочанската…

Преживеан од „Пулс“ со трогателна објава: Животот…

Еден од повредените во тешкиот пожар во…