Лидерите на НАТО во Анкара ќе ја потврдат посветеноста на колективната одбрана и ќе најават нова воена помош за Украина
Лидерите на земјите-членки на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, на самитот што ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара ќе ја потврдат „непоколебливата посветеност“ на принципот на колективна одбрана, предвиден со членот 5 од Вашингтонскиот договор, се наведува во нацрт-декларацијата што ја одобриле амбасадорите на Алијансата, а во која увид имала агенцијата „Ројтерс“.
Во документот се истакнува дека напад врз една членка ќе се смета за напад врз сите членки на Алијансата, со што повторно се нагласува клучниот принцип на НАТО.
Според текстот на декларацијата, земјите-членки ќе се обврзат да обезбедат 70 милијарди евра воена помош за Украина во 2026 година, како и најмалку исто толку средства во 2027 година. Документот треба да добие конечна потврда од лидерите за време на самитот.
Во изминатиот период, американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ја критикуваше Алијансата, обвинувајќи ги европските сојузници дека издвојуваат недоволно средства за одбраната и дека премногу се потпираат на Соединетите Американски Држави.
По несогласувањата со европските лидери околу американско-израелската воена операција против Иран, Трамп дури ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО и изјави дека размислува за напуштање на Алијансата.
Сепак, одобрениот текст, кој добил поддршка од амбасадорите на сите 32 земји-членки, вклучително и на САД, укажува дека Вашингтон засега останува посветен на заедничката одбрана.
Во декларацијата Русија е оценета како „долгорочна закана“ за евроатлантската безбедност и стабилност, а се наведува и дека европските членки на НАТО и Канада ги исполнуваат обврските преземени на минатогодишниот самит во Хаг за зголемување на издвојувањата за одбрана.
„Градиме иднина – посилна Европа во посилен НАТО. Европските сојузници и Канада, во соработка со Соединетите Американски Држави, преземаат поголема одговорност за одбраната на Алијансата“, се наведува во документот.
Во текстот се повторува и ставот на НАТО дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, а до Техеран е упатен повик целосно да ја почитува слободата на пловидба низ Ормутскиот Теснец.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лидерите на НАТО во Анкара ќе ја…
Лидерите на земјите-членки на НАТО, меѓу кои…
Голема полициска акција низ Македонија: Приведени 23…
Во координирана полициска акција спроведена во текот…
АРМ се поднови со опрема вредна 40…
Радари, термални камери, транспортни возила, симулатори. Македонската…
НОВ ШОК: Осум играчи од една репрезентацијата…
Тунис го заврши Светското првенство катастрофално, а…
Турција уапси стендап-комичар, кој кажувал шеги за…
Турските власти денеска го приведоа стендап-комичарот Дениз…