„Макам-транс“: Активно бараме решение за проблемите со кои се соочуваат превозниците
Од Асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение за проблемите со кои се соочуваат превозниците при престојот во шенген-зоната во преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација на Европската Унија. Посочуваат дека веќе има позитивни одговори од некои од институциите и коморите по чекорите што ги презедоа за поголемо лобирање за наоѓање решение и апелираат на што поголем заеднички ангажман од сите во оваа насока.
– Има реакции од Стопанската комора, од каде што има поддршка, од Американската стопанска комора, каде што, по првичната комуникација, испративме и дополнителни информации за нашите предлози за решението. Постојано имаме поддршка од Министерството за транспорт, очекуваме Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да закаже состанок со амабасадорите. Има одговори и од некои од амбасадите до кои се обративме да ни укажат какви визи постојат за професионалните возачи за влез на територијата на шенген-зоната – изјави денеска за МИА, Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“.
Од Асоцијацијата истакнуваат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение и оти целта е да се обезбеди непречено вршење на дејноста превоз во патниот сообраќај, со целосно почитување на меѓународните и европските правни стандарди и без дискриминација на професионалните возачи од нашата држава.
По состанокот од минатата недела (11 февруари) на работната група на претставниците од шесте држави од Западен Балкан со тие од шенген-зоната, нов состанок според најавите треба да се одржи на 23 февруари.
На состанокот на работната група на 11 февруари од претставниците на шесте држави од Западен Балкан биле побарани технички показатели, како број на возачи, превозници… и по консултациите во рамките на шенген-зоната ќе се одржи нов состанок за наоѓање соодветно решение за преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација.
– Во дополнетата стратегија за визна либерализација на ЕУ првпат се признава дека професионалниот возач е лице што врши дејност и треба да биде третирано соодветно, односно да има можност за подолг престој од 90/180 дена исто како екипажите во другите видови транспорт – потенцираат од „Макам-транс“.
Како дел од конкретните чекори за поголемо лобирање, „Макам-транс“ испрати официјален допис до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за институционална поддршка преку организирање средба со сите амбасадори на државите членки на шенген-зоната, кои имаат амбасади во нашата држава, со покана и до амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, и претседателот на Комората за странски инвестиции.
Испратени се и барања до амбасадите на земјите членки на шенген-зоната во нашата држава за добивање информации за поднесување барање за добивање посебна виза за професионалните возачи за подолг престој во нивната држава, односно со можност да важат и за сите држави од шенген-оната. Освен до стопанските комори, испратени се и дописи до Организацијата на работодавачите, до застапникот од Федералниот секретаријат од Белгија за секторот Патен транспорт и логистика и до превозниците за обезбедување поширока поддршка преку нивните соработници од земјите на шенген-зоната. Исто така, и до делегацијата на Европската Унија во државата со барање за воспоставување услови за преодно решение до целосна имплементација на новата стратегија во согласност со Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ.
„Макам-транс“ укажува дека целта е да се обезбедат услови и во преодниот период за непречено вршење превоз на стока и патници на територијата на ЕУ, без неправедни ограничувања и дискриминаторни постапки во согласност со Спогодба за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ во 2001 година и сите билатерални спогодби од областа на патниот превоз.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески вчера порача дека бизнис-секторот и Kомората ќе ја продолжат битката за транспортните компании за трајно решение за престојот на превозниците во шенген-зоната.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Макам-транс“: Активно бараме решение за проблемите со…
Од Асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека активно учествуваат…
Да не се потпаѓа на шпекулации, секој…
Во врска со престојот на превозниците во…
ЕУ ги отфрли сите предлози на превозниците…
Европската комисија (ЕК) ги отфрли сите предлози…
ЕК работи на решение за проблемите на…
Европската комисија е свесна за загриженоста што…
Превозниците од денешните блокади: Без нас продавниците…
Генералната секретарка на превозникот „Макам-Транс“, Билјана Муратовска…