МАКЕДОНИЈА НА УДАР ОД ГЛОБАЛНИТЕ КРИЗИ: Како конфликтот Иран – Израел носи нова инфлациска закана

Продолжувањето на конфликтите на Блискиот Исток и генералната нестабилност на глобалната сцена се закануваат да ја нарушат економската рамнотежа и на мали, отворени економии како македонската. Во овој контекст, академик Таки Фити предупредува дека ефектите би можеле да бидат многу подлабоки отколку што изгледаат на прв поглед – посебно во делот на цените, инфлацијата и стабилноста на производството.
Според Фити, македонската економија е длабоко поврзана со надворешниот пазар, што значи дека секоја криза што ја погодува глобалната понуда – особено во енергетиката – се прелева и дома. Како пример тој ги наведува енергетската криза, руско-украинската војна и новите тензии меѓу Иран и Израел – геополитички турбуленции кои директно влијаат врз цената на нафтата и другите енергенси. А кога тие поскапуваат, расте цената и на многу други производи, бидејќи нафтата е основен влезен ресурс во индустриското производство.
Македонија, со својата висока увозна зависност, посебно за енергенси и суровини, не може лесно да се заштити од вакви потреси. Затоа, зголемувањето на цените во странство речиси автоматски значи увезена инфлација дома. Тоа го прави производството поскапо, ги зголемува цените на крајните производи и врши притисок врз животниот стандард, нагласува Фити.
„Ако конфликтите продолжат, може да се активираат долгорочни инфлаторни процеси што сериозно ќе ја погодат економската активност и ќе го отежнат водењето бизнис,“ предупредува тој.
Фити е дециден дека државата треба да внимава да не влезе во замката на директно регулирање на цените, бидејќи тоа е само привремено решение. Наместо тоа, тој предлага фокус на системски и индиректни економски политики: зајакнување на конкуренцијата, подобра контрола врз пазарното однесување и активна улога на институциите, како Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Не е оправдано Комисијата да чека пријава за да постапи. Таа има законски надлежности да дејствува и проактивно, особено во кризни услови кога се зголемува ризикот од монополско однесување и ценовни злоупотреби,“ изјави Фити.
Но, одговорот не е само во менаџирање на кризи. Според академикот, суштинската отпорност на македонската економија мора да се гради преку модернизација на производствените процеси, воведување на иновации и поефикасно менаџирање на фирмите. Само така може да се создаде економија што ќе биде помалку ранлива на надворешни шокови.
Еден од секторите со најголема потреба од реформирање, според Фити, е земјоделството. Иако државата издвојува значителни средства за субвенции, нивниот ефект врз растот на продуктивноста и додадената вредност е незадоволителен. Главниот проблем е во начинот на доделување – наместо да се субвенционира конкретниот производ, средствата често се доделуваат врз основа на посеани површини, што не ја стимулира вистинската продукција.
„Значителен дел од субвенциите завршуваат кај луѓе кои формално земале државно земјиште под закуп, но реално не произведуваат ништо. Тоа мора да се промени,“ потенцира Фити.
На крајот, тој укажува дека земјоделството мора да биде третирано како стратешки приоритет, не само поради храна, туку и како стабилизирачки фактор во економијата. Потребни се не само финансиски средства, туку и нов пристап во кој ќе доминираат резултатите, иновациите и фер распределба на ресурсите.
Извор: Пари
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МАКЕДОНИЈА НА УДАР ОД ГЛОБАЛНИТЕ КРИЗИ: Како…
Продолжувањето на конфликтите на Блискиот Исток и…
Просторот околу Собранието прогласен за безбедносна зона…
Собранието на предлог на Владата, усвои нов…
Сенатот го усвои крипто-законот кој е поддржан…
Сенатот на САД го усвои Законот за…
Димитров: Преспанскиот договор беше злоупотребен во политичкиот…
„Ми беше јасно дека Преспанскиот договор беше…
Внимавајте: Можно е да има пороен дожд…
Времето денеска ќе биде сончево и топло…