Македонија не знае што сака од Бугарија

t

Во Скопје дојде новиот премиер на Бугарија, Петков, и добро е што дојде. Посетата воопшто не беше случајна. Односите меѓу двете земји се на крајно ниски гранки и досегашните нецивилизирани политики на Софија се рефлектираат и на нивниот меѓународен углед, и на иднината на Македонија. Петков дојде со прецизни задачи и си отиде со повеќе отколку што се надевал.

Македонија, пак, очигледно не знае што сака од Бугарија, а уште помалку кои се нејзините интереси, и како да ги реализира. Софија е длабоко уверена дека сега е моментот, еднаш за секогаш, да го збришат македонизмот бидејќи ние сакаме во ЕУ а тие се внатре и, преку блокади, уцени и попречувања, имаат историска шанса тоа да го постигнат. Свесни се дека на другата страна, нашата, се политичари коишто спроведуваат странски сценарија, целосно соодветни на бугарските интереси.


Софија работи на долгорочна основа и тие, со директна и неспорна американска поддршка, на време ни подметнаа да потпишеме нерамноправен договор, којшто им отвори можности да ги постигнат своите нечесни и нелегални цели. Врз таа основа, беше подготвена антиисториска платформа од страна на БАН, верификувана од Владата и преточена во за сите обврзувачка декларација во Собранието, изгласана едногласно. Истата, која обилува со бесмислици, безумности и апсурди, потоа беше дистрибуира низ целиот свет, во вид на меморандум. Иако во него Македонија беше сатанизирана на крајно парадоксален начин, ние не реагиравме. Нашето молчење, светот можеше да го толкува само како прифаќање на бугарските национал-шовинистички измислици.

Во такви услови пристигна Петков. Мора да ни биде јасно дека тој нема никакви услови суштински да ги промени меѓусебните односи, создадени одамна пред него, а сега само експонирани. Во неговата влада се четири партии, од кои другите три се закоравени душмани на македонизмот.

Петков е секако свесен дека проблемот е нерешлив, барем во кус рок, заради крајно тесниот маневарски простор со којшто располага. Впечатокот е дека тој сака нешто да промени (така му се вика и партијата), не изгледа задоен со бугарските антимакедонски историски синдроми, иако ги почитува и, се чини, тргна по заобиколен пат да бара решение. Шансите да успее се речиси никакви и, барем за јавноста, сосема е неизвесно кои ќе му бидат следните чекори.

Петков успешно ја заврши првата задача: го намали силниот надворешен притисок врз Софија, против блокадата на нашите преговори со ЕУ. Иницијативите кои тука ги покрена, беа најдобар можен начин за тоа. Со еден потег, го задоволи светот, а нам ни ја затвори устата, која и така беше зачепена. Сепак, тоа се негови краткотрајни успеси. Можеби до крајот на оваа година, Вашингтон и Брисел ќе ја толерираат блокадата на Македонија и Албанија, ама не и подолго. Таа нив ги прави нефункционални бидејќи нивните планови можат да се реализираат само преку преговорите на Македонија. Затоа, Софија повторно ќе биде под притисок.

Наше е, меѓутоа, да прашаме: додека Петков влече мудри потези, и добива поени, што прави Македонија? Според сите информации, нашата земја продолжува бесцелно да тапка во место. Го пречекавме Петков без никаква концепција, а за стратегија и да не зборуваме. Прифативме се’ што предложи тој а, се чини, не побаравме – ништо! А ние сме блокирани и бараме излез од тунелот. Силен е впечатокот дека и новата влада ставила до знаење дека е спремна да го витка ‘рбетот, да голта кнедли и да се подготвува за нови капитулации бидејќи продолжува нашата болна опсесија со датумот за преговори.

Не може поинаку да се протолкува фактот што, без никаква потреба, и вицепремиерот Маричиќ и самиот премиер, Ковачевски, пред посетата, изјавија дека не ги интересира судбината на македонското малцинство во Бугарија, бидејќи не сме сакале да се мешаме во нивните внатрешни работи! Дури, на директно прашање на ТВ Телма – дали има македонско малцинство во Бугарија, Маричиќ не одговори и рече дека и сто пати да го прашат, тој пак нема да одговори!
Неговото – „ако има…“ може само да значи дека – нема! Зарем е можно на нашиве врвни политичари (само по функција!) да не им е јасно дека кога се во прашање Македонците во Бугарија се работи за ЧОВЕКОВИ ПРАВА коишто се одамна интернационализирани и не претставуваат внатрешна работа на која било држава.

САД, на пример, секојдневно на таа линија ги бомбардираат и Русија и Кина и тоа за никого не е мешање во нивните внатрешни работи. Дури чинам дека Вашингтон му наметна и некакви санкции на Пекинг за третманот на ујгурското малцинство во Сингкијанг!

А, ние? Уште понеразбирлив е претседателот Пендаровски. На ТВ 24 Часа, во емисијата „Анализа“, на 18/1/22, и тој тврди дека наш интерес за Македонците во Бугарија би бил мешање во нивните внатрешни работи! Сепак, тој кажа дека Македонци во Бугарија – има, и коректно оцени и дека барањето на Софија, да ги внесеме Бугарите во нашиот Устав, е мешање во нашите внатрешни работи. Меѓутоа, кога новинарот Чадиковски го праша – дали му го рековте тоа на Петков? Пендаровски одговори – „Не го побара тоа од мене“! Остана нејасно дали некој треба да го праша нашиот претседател, за тој да каже дека Бугарија се меша во нашите внатрешни работи!? Новинарот му рече дека во јавноста се шпекулира дека не ги примал Македонците од Бугарија за да не провоцира пред посетата на Петков. Пендаровски одговори со констатација дека како провокација може да се смета и нивното барање на средба три дена пред неговата посета!? Додаде дека ќе ги прими на 28 јануари.

Зарем може на претседателот на државата да не му биде јасно дека Македонците од Бугарија мора да ги прими пред да дојде Петков, за да можат тие, од прва рака, детално да го информираат за нивната позиција во земјата, за проблемите со кои се соочуваат и слично та тој, евентуално, тие прашања да ги отвори на средбата со Петков? Таква средба требаше да бара тој, а не тие. Закажаната на 28 јануари е непотребна. Пендаровски би требало да се сретне со нив во Бугарија, при неговата посета што ја најавува.

Исто како и Петков, којшто во Скопје се виде со малобројните Бугари. Пендаровски би можел да посети и неколку села во Пирин, населени со Македонци, што е веројатно незамисливо.

Дека едните знаат што и како сакаат а другите се, во најдобар случај – збунети, зборува и фактот што, по којзнае кој пат, Македонија прифати еднострано да се резили и да прати нота во ООН дека нашето кусо име не рефлектира територијални претензии, без никаков чекор на добра волја од другата страна!
Тоа е сериозна добивка за Петков и Бугарија. Тоа беше првото од бугарските 5 + 1 барања, за што немаше никаква потреба да се согласиме, барем во овој момент. Тоа е игнорирање и на Резолуцијата од Собранието, која наложува односи на рамноправна основа, што ова секако не е. Ние цело време даваме некакви гаранции дека нема да ги окупираме соседите, коишто се воено преку сто пати посилни од нас, а тоа не го бараме и од нив. Игнорирањето на македонскиот народ, јазик, историја… од страна на Софија и Атина, се директни безбедносни закани за Македонија. Тоа е класичен иредентизам. По нашата нота, единствено е позитивно што Б. Борисов за прв пат мирно спиел дека нема да ги окупираме!

Во основата, идејата на Петков за петте комисии е само нова мутација на бугарската позиција. Тој нема можност да ги промени нивните бесмислени ултиматуми за нашиот идентитет, јазик… и, преку комисиите, создава нова слика за билатералните односи, која нема да ги реши сегашните проблеми.

БУГАРИЈА НЕМА НИКОГАШ ДА ГО ПРИФАТИ ИЛИ ПРОГОЛТА МАКЕДОНИЗМОТ.

Ние само се согласивме да се вртиме во маѓепсан круг, при што ЕУ останува празен сон. Еве, за два месеци ќе воспоставиме авио линија. По четири ќе ја прекинеме бидејќи нема да има патници. До Софија има 235 километри и модерен автопат треба секако под итно да се изгради. За два и пол саати си таму, а со авион ќе се патува барем три. Железничката пруга, пак, е приказна за себе. Македонија планира да потроши дури 600 милиони евра за нејзина изградба, што се огромни пари и за една Германија, а нема теоретска можност таа да биде економски исплатлива. Тоа ќе биде буре без дно и секоја година ќе носи огромни загуби, коишто ќе треба да се покриваат. Нормална држава, не прави такви глупости. Црноморските пристаништа не се решение за Македонија. Развојот на економските и сите други врски, пак, треба и можат веднаш да се развиваат, ама не при бугарска блокада во Брисел. Тоа мора веднаш и одлучно да и’ се каже на другата страна. Соработка и блокада во никој случај и никаде не одат заедно. Ако Софија сака соработка, мора да ја прекине блокадата. Ако останат со намерата да не разнебитат како народ, единствена опција е – конфронтација.

Логична беше средбата на Петков со Мицкоски, како главен опозиционер. Невообичаена, крајно непотребна, дури и провокативна беше таа со Ахмети. Македонија (се’ уште!) не е федерација а Ахмети втор претседател! Тој чекор само откри дека и Петков е во тек со тајната странска стратегија, која упорно се спроведува 30 години – Македонците да се фрлат во прегратки на Бугарија, а Албанците да живеат сите заедно, без промена на границите.

Ристо Никовски
Јануари, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЦУК со апел до граѓаните по најавата…

По најавата на Управата за хидрометеоролошки работи…

Инспекторат на Град Скопје спроведе вонреден инспекциски…

По претставка од O2 Иницијатива, денес Инспекторат…

„Југо“ излета од патот Охрид – Кичево

Жена е тешко повредена откако вчера наутро…

Приведени двајца дилери на дрога од Скопје

Приведени двајца дилери на дрога од Скопје,…

(Видео) ,,Шамар од турскиот министер”: Не бараме…

Турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу објавува…