Македонија ќе остане со 3.000 деца годишно – катастрофална статистика која најавува изумирање на државата
3760 деца на возраст од 10 години, 3209 лица на возраст од 30 години во 2070 година. Проекциите за населението во Македонија покажуваат катастрофални податоци. Според податоците кои ги поседува Државниот завод за статистика во 2070 година во Македонија буквално ќе живеат само пензионери и по некој што веројатно по грешка останал во државава.
Стареењето на населението е глобален проблем. Најголем број од државите се свесни за ситуацијата во која се наоѓаат и презеемаат мерки согласно проекциите кои ги имаат. Во Македонија проекции има, но дали некој ги гледа?

Табелата која ја гледате погоре се податоци на Државниот завод за статистика. Согласно проекциите, од 21.215 деца на возраст од 10 години во 2026 година, бројот ќе се намали на 3760 деца во 2070 година. Бројот на десетгодишни деца се намалува за речиси седум пати. Слични се и податоците за лица на 30 години, каде во 2026 година бројот изнесува 20.565, додека во 2070 година ќе изнесува 3209 лица. Бројот на лица над 80 години варира, од 57.000 до 75.000 како максимум во вкупната проекција.
Согласно прредвидувањата, во 2070 година ќе има:


Вкупниот број на население до 30 години, согласно овие податоци во 2070 година ќе изнесува 123.969. Бројот на население од 50 години ќе изнесува 5547, над 70 години 8521, додека драстично е зголемена бројката на население над 80 години и тоа изнесува 62535.

Бројот на население од 65 до 79 години во 2070 година ќе изнесува 132.996 лица, што е за 9027 повеќе од бројот на население до 30 години.
За конкретните податоци во Македонија речиси и да не се зборува. Граѓаните постојано се преокупирани со други теми, на пример измените на законот со кој се предвидуваат дополнителни рестрикции за пушење на цигари, дали Бугарите ќе бидат дел од Уставот или не. Покрај темите наметнати од партиите на кои им одговара да се зборува за дневнополитички настани, населението во Македонија се грижи и за секојдневниот опстанок. Ниски плати, генерално лоши услови за работа, неперспективна иднина, мисли за иселување што подалеку од државата.
Што преземаат државите во Европа и светот?
🇩🇪 Германија
1) Детски додаток – Kindergeld
- Месечна парична помош за секое дете за сите семејства.
- Сума: околу 255 € месечно по дете (2025).
2) Родителски надоместок – Elterngeld
- Парична поддршка по раѓање со флексибилен период на добивање за мајката и таткото.
- Сума: зависи од приходот, може да биде значителен процент од платата со партнерски бонуси.
Системот е во сила со повеќе реформи во последните 20+ години. Целта е финансиски олеснувања и поддршка на родителите при згрижување и воспитување деца.
🇮🇹 Италија
Assegno Unico e Universale
- Assegno Unico e Universale е универзална помош за секое дете до 21 година (квалитетно детско надоместување).
- Суми:
- околу €50–€175 месечно по дете, износите зависат од економската состојба на семејството.
Оваа мерка е воведена во март 2022 година и го замени претходниот систем на бонуси и надоместоци. Целта е поедноставена и универзална поддршка на родители, од бременост (од седмиот месец) до 21 година на децата.
🇭🇺 Унгарија
1) Семејна помош и поволности
- Семејни додатоци:
- 12 200 HUF/месечно за 1 дете (околи 31 евро), 13 300 HUF за 2 деца (34 евра) , 16 000 HUF за 3+ деца (околу 32–43 €).
Семејни даночни олеснувања: до околу 33 000 HUF месечно за семејства со 3+ деца (околу 79 €).
2) Важни политики (студентски долгови, ослободување од данок)
- Жените со студиски долгови може да добијат ослободување од задолженија ако имаат деца, а за мајки со 4+ деца – повластено ослободување од данок на доход.
Од 2025/2026, унгарската влада ја зголемува даночната поддршка така што мајките со 3 или повеќе деца се ослободуваат од данокот на доходот. Целта е значителни поволности и даночни олеснувања за семејства со повеќе деца.
🇬🇧 Обединето Кралство
Детски бенефит (Child Benefit)
- Детски бенефит е месечна парична поддршка за родителите.
- Сума: фиксна месечна исплата (околу £20-25 по недела за прво дете ) — точните најнови износи варираат поради политиката и инфлацијата
Породилно и татковско отсуство
- Платено породилно и татковско отсуство (законот обезбедува минимални плаќања и временски рокови) за да се поддржат родителите финансиски.
Целта да се олесни економскиот товар за семејствата со деца преку директни бенефити и плати за отсуство.
🇺🇸 САД – Child Tax Credit
- Child Tax Credit е даночен кредит што ги намалува даночните обврски на семејствата со деца.
- Сума (2025): до $2 200 по дете како кредит што може да ја намали даночната обврска или делумно да се рефундира.
Кредитот е воведен 1997 година, последните проширувања и трајни зголемувања се резултат на закони донесени во 2025 година. Целта е финансиски олеснување за трошоците за подигање деца и поддршка на семејни приходи.
🇷🇺 Русија – Мајчински капитал
- Мајчински капитал е еднократна, но значајна парична поддршка што ја добиваат семејствата после раѓање/посвојување на дете.
- Суми (2025):
- околу 676 000–690 000 RUB за прво дете(над 7.500 евра),
- околу 894 000–912 000 RUB за второ и повеќе (речиси 10.000 евра).
Програмата е во сила од 2007 година, со проширување во 2020 да важи и за прво дете. Сумата може да се користи за купување на стан, образование на деца, подобрување на услови за живот и други сериозни трошоци. Целта е да им помогне на семејствата при финансиски значајни животни одлуки и трошоци за подигање деца.
Македонија?
Во Македонија владата на Никола Груевски претходно донесе мерка за субвенции за трето дете.
За да го стимулира наталитетот, Владата објави пакет на државни субвенции.

“Се воведе финансиска помош во вид на родителски додаток за второ дете во висина од 5.000 денари месечно, односно 30% од просечната плата во земјава. Паричната помош за второ дете, семејствата требаше да ја примаат секој месец во траење од 9 месеци, а за трето во висина од 8.250 денари месечно, односно 50% од просечната плата, пишува новата неделна економска анализа на Порталб.мк. Паричната помош семејствата беше одлучено ја примаат секој месец во траење од 10 години и четврто дете во висина од 11.550 денари месечно, односно 70% од просечната плата , која семејствата би ја примале секој месец во траење од 15 години.
Родителскиот додаток беше предвиден да се исплаќа од 1 јануари 2009 година за мајки, во исклучителни ситуации татковци или старатели на живородени деца родени по наведениот датум кои живеат најмалку три години во општините каде природниот прираст на населението е под 2,1 промили“.
Заклучно со 2015 година во земјава имало 20 581 родители – корисници на родителскиот додаток за трето дете, и овој број во однос на 2009 та година се зголемил за 18 683 нови корисници.
Владата на Заев подоцна ја укина оваа мерка.

Анализите во Министерството за труд и социјална политика покажале дека оваа мерка не дала ефекти врз наталитетот, па затоа парите се пренаменуваат во други категории, односно кон оние групи граѓани кои се социјално загрозени. Податоците на Министерството покажале дека стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 проценти во 2001 година до 11,1 проценти во 2016 година.
– „Со предложените законски измени не се укинува надоместокот за трето дете, туку се унапредува во право на користење на надоместок за прво, второ и трето дете. На овој начин се проширува правото на користење на еднократна парична помош за новороденче и се дава можност на истото и за второродено и за третородено дете. Исто така, се прави прогресивно зголемување на износот. За прво дете висината на еднократната парична помош предвидено е да изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето новороденче 60.000 денари“, објавија тогаш од Министерството за труд и социјална политика.
За исплата на родителскиот додаток за трето дете од буџетот на Министерството за труд и социјална политика во 2017 година се потрошени 38,7 милиони евра. Во 2017 година за трето дете додаток зеле 26.126 мајки, а за четврто 803.
Актуелните за наталитетот
Мицкоски: Прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција како народ и држава
Денес мора да донесеме одлука – да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ги вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом. Но, истовремено мора да внесеме и надеж. Владата ова прашање го гледа како прашање на иднината на нацијата и затоа го поставува како еден од највисоките национални приоритети, потенцираше премиерот Христијан Мицкоски на 8 Септември 2025 година, на централна свеченост на која беа одбележани 34 години од осамостојувањето на државава.

– Ние сме решени да изградиме систем кој ќе ја охрабри младата генерација да остане тука, да создаде семејство и да верува во својата иднина дома. Тоа значи постојана работа на политики што ја зајакнуваат довербата во државата, што нудат стабилност и чувство на сигурност, што отвораат перспектива за секој млад човек, дека овде може да има достоинствен живот. Нашата визија е Македонија да стане земја во која детската насмевка ќе биде најголемата вредност, земја во која родителите ќе знаат дека нивниот труд и љубов се вреднувани, земја во која иднината не се гледа во иселување, туку во создавање – истакна премиерот.
Затоа, како што рече, Владата останува посветена да вложува во луѓето, во семејствата, „во секое ново дете што ќе се роди“.
– Тоа е суштината на нашата мисија – да обезбедиме Македонија да ја има и утре и задутре и во генерациите што доаѓаат – подвлече Мицкоски.
Премиерот рече дека залудно е сè, ако има сè помалку луѓе во државата.
– Не можам да бидам мирен кога се знае и е јасно дека Македонија ја има сè помалку. Може ние да се расправаме за патишта, клучки, за даноци, плати и пензии. Но, залудно е ако имаме сè помалку луѓе. Ако наталитетот е во рецесија. Залудно правиме патишта ако нема кој да вози по нив, да градиме училишта ако клупите се празни или да градиме игралишта ако нема детски жагор во нив. Залудни се сите наши борби и грижи ако за 70 – 100 години, народот ни се преполови. Ние не сме многуброен народ, а прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција како народ и држава – додаде премиерот.
Тој посочи дека во Битола, во 2015 година, прво одделение започнале 960 првачиња, а десет години подоцна, само 651 дете.
– За една деценија изгубивме повеќе од 300 ученици – една цела генерација што ја нема. Во Тетово, каде пак миграцијата од село во град е голема, во 2022 година имавме 1076 првачиња, а оваа година само 940. Во Охрид, во 2022 имаше 560, а во 2025 – едвај 440 деца. Тоа значи дека секоја паралелка се гаси пред нашите очи. Најдраматичен е примерот на Радовиш: во 2022 година имаше 208 првачиња, а оваа година – само 139. За три години, речиси 70 деца помалку. Овие бројки не се само статистика. Тие се приказни за затворени училници, за празни игралишта, за мали градови и села што полека се празнат. Денес мора да си кажеме вистината: Македонија ја има сè помалку – рече премиерот.
Ѓорчев: Владата ќе работи на наталитетот
Се размислува за владини стимулации во делот за решавање на станбеното прашање на повеќедетни семејства и други мерки за решавање на домувањето на младите, вели Влатко Ѓорчев, национален координатор за демографија, млади и човечки капитал. Друга мерка која би можела да го стимулира наталитетот е изградба на градинки во повеќе места за да им се помогне на младите родители, вели тој во интервју за „360 степени“

– Се работи за едно од клучните стратешки прашања за иднината на Македонија, затоа што во било која држава, не само во Македонија, сè може да се направи. Може да се направат и патишта, згради, фабрики, мостови и аеродроми, но ако нема луѓе, сè е попусто и џабе. Значи, мислам дека апсолутно се работи за исклучително важно прашање и бројките кои вие пред малку ги кажавте се и тоа како бројки за загриженост. Помеѓу 2006 и 2016 година Македонија беше единствената држава во Јужна Европа која имаше раст на новородени деца, не многу – 2 отсто. Од 22 585 во 2006, зголемивме на 23 002, зголемување од 2,3 отсто во текот на тие десет години. Единствена земја од Португалија преку Шпанија, Италија и сите балкански земји, Македонија демографски беше убедливо најдобра. За жал, од 2017 година со сите влади на Зоран Заев и Таче Ковачевски на Македонија ѝ се случува незабележан во историјата пад по бројот на новородени деца и незабележано како никогаш во историјата иселување. Тоа резултираше да од 2016 до 2024 Македонија, покрај Украина, која е во војна, која има огромен број на загинати и десет милиони бегалци, Македонија заедно со Украина е демографски најлоша во Европа и мислам дека тоа е едно од најголемите потфрлања на претходната влада на СДСМ не во смисла да ја префрлам вината на нив, но неброено пати во Собранието и комисии им кажував и укажував и замолував да не ги демонтираат демографските мерки, да обрнат внимание на демографијата и тоа резултираше да паднеме од 23 000 новородени деца до овој историски минимум сега, каде имаме едвај 16 000 новородени бебиња, вели Ѓорчев.

Додека светот презема сериозни мерки за зголемување на наталитетот, се чини дека во Македонија раѓањето на деца е само тема за одвлекување на внимание во моменти кога тоа им е потребно на политичарите. Конкретни мерки, кои даваат резултати, нема. Социјалната и економската положба во Македонија веројатно влијаат најмногу врз одлуката на младите за создавање на семејство.
Кој би сакал да има семејство со 24.000 денари минимална плата? И поради тоа што не сака, држава кога-тогаш, ќе ни ја снема. Нема да ни ја земат Бугарите, ниту Грците, ниту Србите или Албанците, веројатно ни Трамп нема да нѐ окупира бидејќи не сме Гренланд. Ќе нѐ снема затоа што по проекцијата за 2070 година во Македонија ќе има повеќе пензионери од работоспособно население, проекција за 2100 година сѐ уште нема, а веројатно би била уште пострашна.
Дали за 100, дали за 200 години ќе нѐ снема? Ние одлучуваме. Ние бираме кој ќе ја води државата, ние бираме политики, ние бираме дали ќе излеземе на протест за платите или ќе се иселиме. Ние бираме и добро би било да почнеме мудро да одбираме, за почеток, да почнеме да читаме предизборни програми наместо да гласаме за илјадарче.
Ние бираме дали ќе постоиме и до кога.
А.Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија ќе остане со 3.000 деца годишно…
3760 деца на возраст од 10 години,…
Два авиони со млади луѓе еднаш неделно…
Станавме главен и одговорен дистрибутер на човечки…
Левица предлага укинување на Регулаторната комисија за…
Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ,…
Децата во Газа се враќаат на училиште…
Децата во градот Газа, за првпат по…
Путин нареди: Руската економија мора да расте!
Руската економија е во лоша состојба, а…