Макрон и Мерц најавија проширување на француско-германската одбранбена соработка додека Европа се стреми кон поголема воена автономија
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон најавија продлабочување на билатералната одбранбена соработка и поинтензивна координација во услови кога Европа се стреми кон поголема воена автономија, пренесе Ројтерс.
Двајцата лидери ветија и поодлучен одговор на засилената економска конкуренција од Кина, за која рекоа дека врши значителен притисок врз европските пазари преку пренаситување и вештачко потценување на јуанот.
Средбата се одржа во рамките на редовните заседанија на Француско-германскиот совет за одбрана и безбедност, со цел да се намалат тензии поради прекинот на долгоочекуваниот заеднички проект за ловец од следната генерација меѓу двете најголеми економии во Европската унија.
Германската влада претходно годинава ја прекина француско-германско-испанската програма за развој на идни борбени воздушни способности, потсети Франс прес. Проектот со месеци беше во застој поради несогласувања меѓу производителите задолжени за програмата – компаниите „Дасо“ и „Ербас“.
„Правиме сѐ што е неопходно за да ја зачуваме нашата слобода, безбедност и колективна одбрана“, изјави Мерц на заедничката прес-конференција со Макрон. Лидерите претставија список на заеднички цели, меѓу кои развој на системи за противракетна одбрана и ракети со долг дострел.
Мерц и Макрон упатија и критики кон Кина, наведувајќи дека таа не ги почитува правилата на меѓународната трговија и дека ѝ обезбедува на својата индустрија државна поддршка која е најмалку осум пати поголема од поддршката што ја даваат други земји од Организацијата за економска соработка и развој.
„Воопшто не сме свртени против Кина – ниту дипломатски, ниту економски – но гледаме трезвено на фактите“, рече Макрон, додавајќи дека Европа акумулирала трговски дефицит со Кина од една милијарда евра дневно.
Двајцата претходно ги оцртаа и предлозите за билатерална соработка во областа на нуклеарното одвраќање, наспроти сѐ појасните сигнали од САД за можно намалување на нивните обврски кон одбраната на Европа.
„Во оваа област одиме со поетапен пристап што може да доведе до нова доктрина“, изјави Мерц, нагласувајќи дека работата е во рана фаза и дека секоја форма на соработка ќе биде дополнување на постојните договори во рамките на НАТО.
Макрон јасно стави до знаење дека Франција целосно ќе ја сноси одговорноста за своето нуклеарно одвраќање. „Финансирањето на француската нуклеарна програма секогаш ќе го обезбедува Франција“, рече тој, одговарајќи на прашање дали Париз разгледува дополнително финансирање од Германија.
И покрај замренатиот проект за заеднички нов ловец, работата на идниот борбен воздушен систем ќе продолжи. „Овој систем никогаш не бил само проект за нов авион“, рече Мерц, цитиран од ДПА.
„Остануваме посветени на системот и продолжуваме да го развиваме.“ Во рамките на иницијативата е создадена и облачна платформа за размена на информации – таканаречениот „Борбен облак“ – наменета за поврзување на различни оружени системи. Според Мерц, облачната архитектура и целиот командно-информациски систем на долг рок можеби ќе бидат поважни од самиот нов ловец.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Макрон и Мерц најавија проширување на француско-германската…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател…
Канада нема да ги дели патарините со…
Специјалниот советник Марк Карни изјави дека Канада…
Раздор помеѓу Трамп и Нетанјаху
Американскиот претседател Доналд Трамп одбива да закаже…
Извештај на ЕК за Македонија, Албанија, Србија…
Европската комисија денеска го претстави седмиот годишен…
Чадот од Канада го опколи стадионот на…
Само два дена пред големото финале на…