Максим Димитриевски: Доколку бугарските политичари толку го воздигнуваат Ванчо Михајлов значи дека никогаш се немаат откажано од нивното фашистичко минато

t

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, денеска во објавата на социјалните мрежи и во дописот до медиумите го оцени вчерашното отворање на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ и посетата на бугарската делегација во Битола, за таа цел, како провокација кон македонскиот народ.

Димитриевски упати порака и до македонскиот владин врв да ја преиспита работата на министерот Османи.

Тој потсетува дека на работна средба во Бугарија за ИПА програмата, премиерот на Бугарија Кирил Петков се согласил со неговиот став дека братски народи не се блокираат туку се поддржуваат.

– Неодамна на работната средба на градоначалници од Македонија и Бугарија во Сандански по повод новата ИПА програма за прекугранична соработка имав можност да му се обратам на премиерот Петков во врска со нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и упатив јасна порака: „Братските народи (како што многумина претставници од бугарската политичка елита милува да ги нарекува македонскиот и бугарскиот народ) не се блокираат туку се поддржуваат и поткрепуваат“, при што Петков се согласи со мојот став и рече дека активно со Ковачевски работат на изнаоѓање решение и дека европската иднина на регионот е приоритет за сите. Вчерашното присуство во Битола на бугарскиот владин врв на отворањето на клубот на Бугарите во Македонија „Ванчо Михајлов“ е само уште една од низата провокации кон македонскиот народ и нашата држава Македонија, пишува Димитриевски.

Тој прашува дали премиерот на Бугарија знае кој е Ванчо Михајлов и како се доживува во земјава, за што вели има непобитни историски факти.

– Дали Петков знае кој е Ванчо Михајлов? Накратко кажано тој е еден од најголемите негатори на постоењето на македонскиот народ и државност, фашистички соработник и противник на антифашистичката борба на македонскиот народ и другите сојузнички народи во втората светска војна и промотор на тезата за голема Бугарија во која ја присоединува и територијата на денешна (Вардарска Македонија), оваа се лесно проверливи и меѓународно потврдени историски факти, вели Димитриевски.

Поради тоа, додава Димитриевски, му предлагам на Петков како компромис, „доколку толку воздигнуваат еден потврден фашист и колаборационист нека си го слави и воздигнува Ванчо Михајлов во Бугарија и со тоа само ќе потврди дека добар дел од бугарската политичка елита никогаш се нема откажано од фашистичката идеологија и фашизмот на нивните предци“.

– Но притоа, повеќе не треба да ги вознемирува тезата дека Македонија била окупирана од бугарски фашистички окупатор во Втората светска војна, а ослободена од македонските и сојузничките борци и партизани, нема зошто да им сметаат спомениците од НОБ на коишто пишува бугарски, четнички и балистички окупациони и злосторнички сили за коишто изрично бараат да се бришат и менуваат, а поединци во Македонија подлегнаа на тоа и си згазија на сопствената историја и предците наши, пишува Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник му предлага на бугарскиот премир да разговара со претседателот на сојузот на ветерани од војните во Бугарија и учесник во НОБ, за Ванчо Михајлов. Во објавата, Димитриевски вели дека по средбата со Петков имал чувство дека станува збор за млад, образовен човек, го повика да се извини од името на нацијата, да го осуди фашизмот и заеднички регионот да продолжи да чекори по патот на ЕУ.

Димитриевски нагласува дека овде ќе се слави Гоце Делчев, Даме, Карпош, хероите од антифашистичката борба, затоа што, нагласува – Македонија била на вистинската страна.

– Во оваа прилика сакам да упатам порака и до нашиот премиер Ковачевски најпрвин, сериозно да ја преиспита работата на министерот Османи и да ги преземе сите чекори за негово разрешување и веднаш јавно да даде изјава во која ќе ги осуди постапките на бугарскиот државен врв и ќе застане на браникот на Македонските национални интереси што е впрочем негова уставна обврска заедно со Претседателот на државата Стево Пендаровски. Поголема провокација и навреда од оваа немало, молкот е повеќе од срам!, пишува Димитриевски.

Извор: Сител ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ