Малта се пече на 43 степени, главниот град остана без струја
Валета остана без струја среде екстремен топлотен бран, додека температурата на Малта достигна рекордни 43,3 степени. Прекини во снабдувањето со електрична енергија се регистрираат веќе неколку дена и во други делови на островската држава.
Без електрична енергија останаа делови од главниот град, владини институции, министерства и бројни деловни објекти. Прекинот накратко го запре и судењето поврзано со убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција.
Рестораните пријавија дека морале да фрлаат храна поради расипување, додека дел од жителите поминале цела ноќ без вентилатори и климатизери во услови на екстремно високи температури.
Премиерот Роберт Абела упати безусловно извинување до граѓаните кои останаа без струја. Тој призна дека прекините предизвикале сериозни проблеми за семејствата и компаниите.
Државната енергетска компанија „Енемалта“ соопшти дека екстремната топлина предизвикала дефекти во дистрибутивната мрежа. Во исто време, побарувачката за електрична енергија достигнала рекордни 741 мегават.
Само еден ден претходно бил поставен рекорд од 713 мегавати. За споредба, најголемата потрошувачка за време на топлотниот бран во 2023 година изнесувала 663 мегавати.
Малта се наоѓа на крајот од петдневен топлотен бран. Во саботата биле измерени 43,3 степени, што е највисоката јулска температура регистрирана во земјата.
Енергетските екипи користеле мобилни генератори и работеле на поправка на повеќе кабелски дефекти. Во поголемиот дел од погодените места снабдувањето било обновено, но проблемите во Валета продолжиле подолго.
Опозицијата побара надомест за семејствата и компаниите кои претрпеле штета поради продолжените прекини. Владата најави финансиска помош за корисниците кои останале без електрична енергија подолг период.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Малта се пече на 43 степени, главниот…
Валета остана без струја среде екстремен топлотен…
Две европски земји тајно развиваат ракета што…
Европа подготвува ракета за удар длабоко во…
Уапсен 52-годишник од Прилеп, предизвикал пожар во…
Синоќа прилепската полиција го уапси 52-годишниот (Г.Ц.)…
Тешка несреќа во Куманово: 65-годишен работник паднал…
Шеесет и петгодишен работник од Куманово се…
33 повредени лица во невремето во Скопје,…
Во вчерашното невреме во Скопје биле повредени…