Мајчиното млеко златен стандард во исхраната на новороденчето – исклучително важно за имунитетот и формирањето здрав цревен микробиом
Светската недела на доењето, која од 1992 година се одбележува на иницијатива на WABA, СЗО и УНИЦЕФ, е можност јавноста да се информира за најновите научни сознанија за мајчиното млеко и неговото значење.
Неонатологот д-р Александра Христова во изјава за МИА, споделува и најнови научни сознанија од семинар во Холандија, каде биле презентирани истражувања за олигосахаридите во мајчиното млеко.
– Досега се идентификувани околу 200 гени поврзани со синтезата на олигосахариди, а се претпоставува дека ги има околу илјада. Тие претставуваат храна за добрите бактерии во цревата на новороденчето, придонесуваат за нивно размножување, го штитат цревниот ѕид и имаат антиинфективно и антивоспалително дејство, вели Христова.
Во рамки на одбележувањето на Светската недела на доењето (1–7 август), здравствените работници од Општата болница Куманово апелираат мајките да не се откажуваат од доењето и покрај почетните предизвици, нагласувајќи дека мајчиното млеко и понатаму е незаменливо во исхраната на новороденчињата. Воедно, потенцираат дека квалитетот на мајчиното млеко е тесно поврзан и со исхраната на мајката.
Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ препорачуваат ексклузивно доење во првите шест месеци од животот, а во кумановската болница од септември повторно ќе започне со работа школата за родителство, со нова едукативна програма за бремени жени и доилки.
Мајчиното млеко, повеќе од храна
Неонатологот д-р Александра Христова вели дека Светската недела на доењето, која од 1992 година се одбележува на иницијатива на WABA, СЗО и УНИЦЕФ, е можност јавноста да се информира за најновите научни сознанија за мајчиното млеко и неговото значење.
– Мајчиното млеко отсекогаш било и ќе остане златен стандард во исхраната на новороденчето. Тоа е комплексна биолошка течност богата со нутритивни компоненти, биоактивни молекули, имуноглобулини, витамини, минерали и корисни бактерии кои имаат клучна улога во развојот и заштитата на новороденчето, изјави Христова.
Таа појаснува дека современите истражувања покажуваат дека мајчиното млеко не е само извор на енергија, туку активно учествува во развојот на имунолошкиот систем, созревањето на дигестивниот тракт и формирањето на здрав цревен микробиом.
Исхраната на мајката влијае и на бебето
Според Христова, квалитетот на мајчиното млеко е тесно поврзан со исхраната на мајката, поради што во обновената школа за родителство ќе биде ставен акцент и на нутрицијата.
– Не е важно само мајката да дои, туку и како се храни за време на бременоста и лактацијата. Потребна е добро избалансирана исхрана со овошје, зеленчук, протеини и природни јаглехидрати. Не ги поддржуваме трендовите на рестриктивни диети кај доилките, бидејќи исхраната на мајката влијае врз микробиомот на новороденчето, нагласува Христова.
Таа додава дека умерената и разновидна исхрана придонесува и за постепено враќање на телесната тежина по породувањето, без да се загрози лактацијата.
Мајчиното млеко богато со хранливи материи
Иако, индустријата постојано ги усовршува млечните формули, тие сè уште не можат целосно да го реплицираат составот на мајчиното млеко, посочува Христова.
– Формулите обезбедуваат хранливи материи, но не можат да ги заменат живите клетки, имуноглобулините и биоактивните компоненти кои природно се наоѓаат во мајчиното млеко. Тие имаат антибактериско, антивирусно и антивоспалително дејство и се исклучително важни за имунитетот на новороденчето, вели таа.
Посебно го издвојува колострумот, првото млеко што се создава непосредно по породувањето.
– Колострумот е богат со протеини и заштитни фактори и затоа често го нарекуваме „прва вакцина“ на новороденчето. Потоа следува преодно млеко, а подоцна зрело мајчино млеко, чиј состав постојано се приспособува на потребите на бебето, објаснува Христова.
Таа нагласува дека дури и кога е потребно дополнување со млечна формула, мајките треба да продолжат со доење.
– И еден оброк мајчино млеко дневно има значење. Нашата препорака е мајките да ја одржат лактацијата најмалку до шестмесечна возраст на детето, вели Христова.
Без вода и чаеви во првите шест месеци
Според препораките на СЗО, новороденчињата кои се исклучиво доени немаат потреба од дополнителни течности.
– Околу 87 проценти од мајчиното млеко е вода, па затоа на бебињата не треба да им се даваат чаеви, вода или други напитоци. Тоа целосно ги задоволува нивните потреби за течности, нагласува Христова.
Докторката вели дека мајчиното млеко содржи идеален сооднос на протеини, како и ензими и биолошки активни компоненти кои помагаат во развојот на имунитетот, апсорпцијата на железото и заштитата од инфекции.
Нови научни сознанија од Јапонија и Холандија
Христова неодамна учествувала на стручни посети во Јапонија и Холандија, каде што биле презентирани најновите истражувања за мајчиното млеко.
Во Јапонија, посочува таа, стапката на рано започнување со доење е висока, а истата практика ја следи и кумановското родилиште, кое се стреми што повеќе новороденчиња да бидат поставени на града во првите 30 минути по раѓањето.
Во Холандија, пак, биле презентирани истражувања за олигосахаридите во мајчиното млеко.
– Досега се идентификувани околу 200 гени поврзани со синтезата на олигосахариди, а се претпоставува дека ги има околу илјада. Тие претставуваат храна за добрите бактерии во цревата на новороденчето, придонесуваат за нивно размножување, го штитат цревниот ѕид и имаат антиинфективно и антивоспалително дејство, вели Христова.
Нова соба за едукација на бремени жени
Одговорната медицинска сестра на Одделението за акушерство, Албина Мемети, изјави дека во болницата се опремува нова соба за едукација на трудници, која ќе започне со работа од 1 септември.
– Во неа ќе се спроведува психофизичка подготовка за породување, ќе се зборува за начините на породување, грижата за новороденчето и техниките на доење. Веќе има интерес од идните мајки, а термините ќе бидат објавени преку медиумите и социјалните мрежи, рече Мемети, упатувајќи повик до сите трудници да се пријават.
Поддршката од акушерките е клучна
Медицинската сестра од интензивна нега Сандра Цаневска-Трајковска посочува дека успехот на доењето во голема мера зависи од правилната поддршка веднаш по породувањето.
– Акушерката е првата што го поставува новороденчето на града и ѝ покажува на мајката како правилно да го дои. Ако има потешкотии, поддршката продолжува и на одделението, каде што сестрите ги обучуваат мајките за правилно поставување на бебето и за техниките на измолзување, вели Цаневска-Трајковска.
Според податоците од кумановското родилиште, 80,3 проценти од новороденчињата се поставуваат на доење во првите 30 минути по раѓањето, додека при исписот од болницата 60,2 проценти од мајките продолжуваат со доење.
– Најважно е мајките да не се откажуваат поради почетните тешкотии. Со упорност и стручна поддршка, повеќето проблеми можат успешно да се надминат, а придобивките за новороденчето се непроценливи, порачуваат здравствените работници од кумановската болница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мајчиното млеко златен стандард во исхраната на…
Светската недела на доењето, која од 1992…
МЗ: Доење за одржлив почеток во животот…
По повод Светската недела на доење, што…