Минчев: Законот за правична застапеност ќе го донесеме и со „мал Бадентер“

t

Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека новото законско решение за правична застапеност е изработено од експертска група токму за да не се повторат слабостите на претходниот систем.

-Правичната застапеност е уставна категорија што произлегува од Охридскиот рамковен договор. Владата подготви ново законско решение за повторно да не се најдеме во ситуација како со балансерот, кој беше укинат од Уставниот суд. Законот е во Собранието, но во моментов е блокиран од ДУИ – вели Минчев.

Во однос на барањата на ДУИ, министерот вели дека не гледа причина за нивното противење.

-Не ми се јасни нивните забелешки. Албанците и другите етнички заедници со овој закон добиваат посебно законско решение за правичната застапеност. Нашата намера е законот да биде донесен со голем Бадентер, но доколку тоа не биде можно, најважно е конечно да се обезбеди законска рамка што ќе може да се применува – нагласува тој.

Според Минчев, по донесувањето на законот ќе биде формирано координативно тело составено од претставници на Владата, Агенцијата за администрација, академската заедница и Народниот правобранител, кое ќе ја подготви методологијата за спроведување на правичната застапеност.

Тој ги отфрла критиките дека законот е „без заби“ и тврди дека суштината ќе биде токму во методологијата што ќе обезбеди доследна примена. Воедно посочува дека бројките покажуваат оти и по укинувањето на балансерот процентот на застапеност на етничките заедници практично не се променил, што, според него, покажува дека процесот може да функционира и без старата алатка.

Говорејќи за реформите во јавната администрација, Минчев оценува дека Владата за краток период донела пакет системски закони што со години биле нотирани како слабост во извештаите на Европската комисија.

-Добро е што ги донесовме законите, но уште поважно е тие да се спроведуваат. Имплементацијата е поважна од самото носење на законите – вели министерот.

Тој нагласува дека реформите се спроведувале низ транспарентен процес, со учество на институциите, експертите, академската јавност, невладиниот сектор и ЗЕЛС, а како еден од најзначајните закони го издвојува Законот за високата раководна служба.

-За првпат воведуваме јасна и транспарентна постапка за избор на високите раководни лица, со јавен конкурс и европски критериуми. Тоа е историски закон затоа што ја намалува можноста за партизација – вели Минчев.

Во однос на состојбата во администрацијата, министерот признава дека затекнал систем со сериозни слабости, но смета дека решението не е масовно отпуштање.

-Не мислам дека Македонија има преголема администрација. Проблемот е што со години имало партизација, непотизам и луѓе што не биле доволно вклучени во работниот процес. Затоа формираме Академија за обуки и сакаме преку доедукација да изградиме професионална администрација. Оној што работи ќе напредува, а оној што не работи нема да може да остане заштитен како досега – истакнува Минчев.

Осврнувајќи се на реконструкцијата на Владата, тој вели дека шпекулациите за незадоволство на ЗНАМ биле неточни и дека партијата никогаш не инсистирала на конкретни министерства.

-За нас не беше важно кој ресор ќе го водиме, туку да ги реализираме програмските определби што станаа дел од владината програма. Во Министерството за правда беше направена сериозна работа, а преземањето на земјоделството го гледаме како можност да покажеме резултати и на терен – рече тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ