Мицкоски: Македонија има поголема куповна моќ од повеќе земји членки на ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека куповната моќ во Македонија е повисока од онаа во сите земји од регионот и од повеќе земји членки на Европската Унија, повикувајќи се на најновите податоци за куповната моќ.
Одговарајќи на новинарско прашање за критиките од опозицијата дека граѓаните живеат сè потешко, Мицкоски рече дека, според него, таквите тврдења биле демантирани од официјалните показатели.
„Македонија не е најслаба, туку е многу подобра од неколку земји на Европската Унија и од сите земји во регионот кога станува збор за куповната моќ на граѓаните. Ако тоа се спореди со бројките од пред три до четири години, може да се забележи значителен напредок“, изјави Мицкоски.
Сличен став претходно изнесе и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој наведе дека бруто-минималната плата во Македонија, мерена според стандардот на куповна моќ, во јули годинава е повисока од онаа во седум земји членки на ЕУ, како и од сите земји од Западен Балкан и Турција.
Од СДСМ, пак, ги отфрлија ваквите оценки, оценувајќи дека статистичките податоци не ја одразуваат реалната состојба на граѓаните.
Според последните податоци на Евростат, Македонија со 1.142 единици на куповна моќ е рангирана пред Малта, Словачка, Унгарија и Чешка. Анализата покажува и дека од јануари до јули 2026 година, земјата забележала најголем раст на минималната плата меѓу анализираните држави – 6,9 проценти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски: Македонија има поголема куповна моќ од…
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека куповната моќ…
Научници предлагаат нуклеарно оружје како последна одбрана…
Можноста огромен астероид еден ден да удри…
Нови повици на социјалните мрежи за масовен…
Шпанската Цивилна гарда започна истрага во врска…
(Видео) Tрамваи се судрија во Германија: 25…
При сообраќајна несреќа во која учествувале два…
Лишен од слобода маж од Боговиње кој…
Полициски службеници од СВР Тетово вчера го…