Мицкоски: Нема договор за мигранти со Британија, СДСМ: „Многу ти веруваме“
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не постои договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство за прифаќање мигранти, оценувајќи дека во изминатите месеци опозициската СДСМ ширела „политичка паника“ и неосновани тврдења во јавноста. На прес-конференција тој посочи дека од британската дипломатија добиле јасен демант дека постои каков било договор или преговори за отворање центри за мигранти во земјата.
По изјавата на премиерот следуваше реакција од СДСМ, од каде со ироничен тон наведуваат дека „му веруваат“ на Мицкоски, но истовремено отвораат прашања за одлуките на Владата поврзани со странски работници, законските измени и информациите објавени во британски медиуми за миграциските политики.
Мицкоски: Нема договор со Велика Британија за мигранти, СДСМ со месеци ширела политичка паника
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не постои договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство за прифаќање мигранти, оценувајќи дека во изминатите месеци опозициската СДСМ ширела „политичка паника“ и неосновани тврдења во јавноста. Изјавата беше дадена на прес-конференција, на која Мицкоски се осврна на повеќе политички и економски теми.
Според него, тврдењата дека постои таен договор со Велика Британија за мигранти се покажале како неточни.
„Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор. Од британската дипломатија, директно, право во чело. Јавно и недвосмислено британскиот амбасадор кажа: таков договор не постои и никогаш не постоел. Нема договор. Нема преговори. Нема центри за мигранти“, рече Мицкоски.
Мицкоски оцени дека опозицијата со месеци пласирала приказна без докази со цел да се создаде страв кај граѓаните.
„Со месеци се пласираше приказна без ниту еден документ, без ниту еден доказ, без ниту една официјална потврда. Имаше само шпекулации, сензационализам и политичка желба да се создаде паника кај граѓаните“, изјави премиерот.
Тој додаде дека ваквиот пристап, според него, е дел од „деструктивен модел на однесување“ на СДСМ.
„Гледаме една иста шема која се повторува – прво се фабрикува сензационална приказна, потоа се создава медиумска паника, а кога фактите ќе ја разобличат приказната, темата едноставно исчезнува“, рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на економските показатели, истакнувајќи дека македонската економија во 2025 година остварила раст од 3,5 проценти.
„Годината 2025 македонската економија ја заврши со реален раст од 3,5 проценти и, според податоците на Евростат, се наоѓа меѓу првите пет економии во Европа според растот“, рече Мицкоски.
Тој најави и нови инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони.
„Инвестициите кои се реализираат или се во фаза на договарање изнесуваат околу 650 милиони евра, односно 17 инвестиции кои треба да создадат до 5.000 нови работни места“, изјави премиерот.
Мицкоски посочи дека Владата работи на мерки за ублажување на ефектите од глобалните кризи, особено во енергетиката.
„Мојата цел е да имаме најевтини енергенси во регионот, и покрај реалноста која покажува дека цените на светските пазари растат“, рече тој.
Според премиерот, цените на горивата во Македонија се пониски во споредба со соседните земји.
На крајот од обраќањето, Мицкоски го честиташе 8 Март – Меѓународниот ден на жената.
„Дозволете ми да го честитам 8 Март – Денот на жената на сите жени во Македонија, со искрена почит за нивната сила, посветеност и незаменлива улога во семејството, општеството и државата“, изјави премиерот.
СДСМ: „Мицкоски ти веруваме, многу ти веруваме“
Опозициската СДСМ реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека не постои договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти, оценувајќи дека неговите тврдења не се убедливи и дека јавноста има право да поставува прашања.
Во писмена реакција, СДСМ со ироничен тон наведува дека „му верува“ на премиерот, посочувајќи на негови претходни политички ветувања.
„Му веруваме на Мицкоски бидејќи тој е познат по тоа што кога нешто ќе каже го исполнува. Како на пример поништувањето на Преспанскиот договор, враќањето на името, најавената оставка ако се утврди поврзаност со Агенцијата за обезбедување од Пулс и многу други ‘вистини’“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ посочуваат дека британски медиуми објавиле информации за разговори поврзани со миграциската политика.
„Затоа веруваме дека случајно британските медиуми, меѓу кои и ‘Тајмс’, објавија за што се разговара“, велат од партијата.
Во реакцијата се наведува и дека власта донела одлуки кои, според СДСМ, отвораат простор за поголем број странски работници во земјата.
„Истотака е случајно што Владата на Мицкоски донесе одлука за нови 10.000 странски работници само во 2026 година, со што ги отвори вратите за така наречените ‘економски работници’“, се наведува во соопштението.
Опозициската партија реагира и на измените во законската регулатива поврзана со странци и работни дозволи.
„Власта го смени и Законот за странци, со кој ги олесни условите за доаѓање, престој и работа на ‘економски работници’ во Македонија, ги скрати процедурите и го продолжи времетраењето на дозволите“, соопшти СДСМ.
Од партијата тврдат и дека во дел од компаниите странски работници се задржуваат наместо домашни.
„Веруваме дека случајно во истиот пакет е и тоа што странски компании отпуштаат македонски работници за да задржат претежно работници од странство“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението СДСМ се осврнува и на мерките кои се разгледуваат во Обединетото Кралство во врска со мигрантите.
„Случајно во Британија се најавува нов модел за доброволно враќање на семејствата кои се одбиени баратели на азил со плаќање на 10.000 фунти по лице, до максимум 40.000 фунти, како поттик да го напуштат Обединетото Кралство“, наведуваат од партијата.
На крајот од реакцијата, СДСМ повторува дека сите овие случувања, според нив, не се поврзани со мигранти туку со „економски работници“.
„Веруваме дека сето ова е случајно, не се тоа ‘мигранти’, тоа се ‘економски работници’“, се вели во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски: Нема договор за мигранти со Британија,…
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не постои…
Пациентка од Крива Паланка почина во возило…
Трагичен настан се случи при медицински транспорт…
Организирани чартер-летови за евакуација на македонски граѓани…
Првата група македонски граѓани кои треба да…
Такер Карлсон тврди дека трипати го молел…
Познатиот американски конзервативен новинар Такер Карлсон откри…
Мицкоски: Работите се сериозни поради кризата на…
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес во…