Над 50% од жените се економски неактивни – Државата практично им праќа порака: „ОСТАНЕТЕ ДОМА!“
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека повеќе од 50% од жените во Македонија не учествуваат на пазарот на труд, односно не работат, барем не официјално. Бројките се различни, зависно дали ќе се земат податоци од работосподобно население, активно население или неактивно население, но секаде добиваме ист резултат, жените се значително помалку застапени на пазарот на труд во Македонија, во споредба со мажите. Ваквите податоци веројатно се резултат на општествените прилики, делумно патрихјархалното воспитување во делови од државата, како и самите економски прилики во Македонија и понудата на пазарот на труд, платите, поволностите или неповолностите кои жените ги добиваат доколку засноваат работен однос.

Податоците на Државниот завод за статистика, согласно последниот попис во 2021 година, покажуваат дека 438.000 жени се неактивни, а 37.000 се невработени. Најголем дел од невработените и неактивните жени имаат приходи по основ на плата или пензија на членови на домаќинството, потоа следуваат жени кои добиваат социјална помош. Во листата на приходи се наведуваат и парична помош од странство, како и сопствени приходи по друг основ.
Зошто државата не го искористува овој потенцијал?
Од Министерството за економија за Инфомакс велат дека при спроведување на мерките за вработување се внимава на еднаквата застапеност на жените и мажите.
– Во рамките на годишните оперативни планови за вработување во кои се одржани мерки кои водат до директно вработување на вработените лица или се спроведуваат различни видови на обуки во реални работни услови со кои невработените лица, се стекнуваат со знаења и вештини барани на пазарот на трудот и на тој начин полесно и побрзо го премостуваат временскиот јаз од невработени во вклучени лица на пазарот на трудот.
Исто така во рамките на годишните оперативни планови за вработување, дефинирано е покрај другото, како општо правило да се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите.
Учеството на жените во мерките за вработување е забележително, односно 40% од вкупниот број на невработени лица во Оперативниот план за вработување за 2025 година. Забележителен е податокот од над 40% од вкупниот број на невработени лица кои станале претприемачи од носно отвориле сопствен бизнис се жени. – велат од Министерството за економија и труд.
Според поранешната министерка за труд и социјална политика, а актуелна пратеничка во Собранието, Јована Тренчевска, огромен потенцијал во државата останува неискористен. Тренчевска додава дека најголем дел од невработените жени се со основно образование и живеат во руралните делови од државата.
– Да, според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија жените се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите и 57.2 % од жените се економски неактивни. Од вкупниот број неактивни жени на пазарот на труд најголемиот дел, односно 37.4 %, имаат завршено само основно образование, а од нив 48.5 % живеат во руралните делови на државата, а 33.9 % имат завршено 4-годишно средно образование. Овие бројки покажуваат дека огромен потенцијал во државата останува неискористен, вели Тренчевска.
Според неа на овие бројки треба да се додаде и фактот дека во градинките има долги листи на чекање, што значи дека најчесто мајките остануваат да се грижат за своите деца до одредена возраст, наместо да работат.
– Најчести причини за неактивноста на жените е недоволниот број на градинки и долгите листи на чекање, одредени културни норми, недоволни политики за хармонизација на семејниот и професионалниот живот (флексибилно работни ангажмани, родителско отсуство и сл), нискиот износ на минималната плата и воопшто ниските плати во трудоинтензивниот сектор и во останатите сектори вообичаено каде што жените работат. Има стратегии и мерки за вклучување на жените на пазарот на труд, но очигледно или се недоволни или се неадекватни за овие жени кои се надвор од пазарот на труд. Мерките мора да се прилагодат на образованието и на вештините со кои располагаат овие жени. Креирање на мерки без да се земат овие карактеристики нема да дадат резултат и понатаму ќе ги имаме овие жени неактивни. Во време кога економијата се соочува со недостиг на работна сила, мора да се креираат соодветни мерки како овие жени да се вклучат на пазарот на труд. Ќе имаме повеќекратна добивка, и економијата добива работна сила, жените добиваат економска независност а семејствата повеќе приход во нивните семејства. – објасни Тренчевска.
Од Здружението за Еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, за Инфомакс велат дека овие податоци не се резултат на индивидуален избор, туку на системска нееднаквост и погрешно поставени приоритети во јавните политики.
– Како организација која три децении работи на унапредување на правата на жените и нивно економско јакнење, сметаме дека фактот дека над половина од жените во Македонија се надвор од пазарот на труд не е „индивидуален избор“, туку јасен показател за системска нееднаквост и погрешно поставени приоритети во јавните политики. Ова не е само социјален проблем, ова е и економски проблем, проблем на сиромаштија, демографија и развој, велат од ЕСЕ.
Здружението има и сопствени анализи.
– Нашите минати анализи покажуваат дека вкупната активност на работоспособното население е приближно 60%, но жените учествуваат со само 40% од вкупната активна работна сила, што е 20 процентни поени помалку од мажите. Уште поалармантно, во структурата на неактивното население жените се застапени приближно 63%. – покажуваат истражувањата.
Според Здружението ЕСЕ, причините се структурни.
Причините се структурни. Прво, грижата и неплатената домашна работа се основна бариера. Кога нема доволно градинки, услуги за грижа за стари лица, дневни центри и поддршка за семејства, државата практично им праќа порака на жените: „останете дома“. Второ, ниските плати и несигурните работни места прават работата често да не биде економски исплатлива, особено ако жената мора да плати превоз и грижа за дете. Трето, голем дел од жените се „невидливи“ во статистиките затоа што работат неформално или како неплатени семејни работнички, особено во земјоделие. Четврто, тука се родовите стереотипи и дискриминацијата, од помалку можности за вработување и напредување, до казнување заради мајчинство, објаснуваат од ЕСЕ.
Бројот на невработени подолго од 12 месеци е над европскиот просек.
– Сликата дополнително се влошува со долготрајната невработеност. Иако нема јавно достапни родово раздвоени податоци за долготрајна невработеност, анализите претходни покажуваат дека 56% од невработените се невработени подолго од 12 месеци. Тоа е далеку од европските нивоа: ЕУ просекот за долготрајна невработеност е околу 4%. Оваа реалност, комбинирана со високата женска неактивност, создава генерации жени без стабилен стаж, без економска независност и со зголемен ризик од сиромаштија.
Според ЕСЕ, државата спроведува активни мерки, но клучниот проблем е што за активните политики издвојуваат недоволни средства и истите се погрешно насочени. Државата од буџетот за вработување издвојува над 70% за пасивните мерки, наместо за активните. Со други зборови, повеќе плаќаме за „одржување на статусот“, отколку за вистинско активирање и вработување.
Дополнително, активните мерки се речиси целосно врзани за регистрација во Агенцијата за вработување. А токму тука е големиот пропуст: околу 55% од невработените не се регистрирани, и поради тоа немаат право на пристап до активни мерки и услуги. Ова несразмерно ги погодува жените, затоа што најголемиот дел од неактивните жени воопшто не се во системот, тие се дома
поради грижа, се во неформална работа или се обесхрабрени од институциите.
Значи, мерките не се насочени кон најголемата група што треба да се активира. И надворешните евалуации дополнително потврдуваат дека проблемот не е само во средствата, туку и во дизајнот на програмите. Според националната евалуација на ИЛО (2015, последно јавно достапна), ефективни се програмите за практиканство и обука кај познат работодавач, додека не даваат резултати или дури ја влошуваат позицијата мерките како: самовработување, субвенции за плати, обука за дефицитарни занимања и напредни ИТ обуки, објаснија од ЕСЕ, од каде додаваат дека особено ранлива категорија се жените што претрпеле семејно насилство.
– Во портфолиото на активни политики и мерки за вработување, во изминатите 10 години нема видлива суштинска промена ниту во виодот на мерки, ниту во начинот на имплементација.
Кога зборуваме за ранливи категории на жени, како што се жените што претрпеле семејно насилство, тие се наоѓаат во уште понеповолна положба на пазарот на труд. Анализите на ЕСЕ за трошоци кои се резултат на семејното насилство покажуваат дека 80% од жените што претрпеле семејно насилство им било забрането да работат од страна на нивните партнери, додека 40% од
нив ја изгубиле работата како резултат на насилството. Дополнително, oтсуството од работа како резултат на семејното насилство има сериозни економски последици за жените. Периодите на отсуство, било поради физички или психолошки последици од насилството, често доведуваат до намалена продуктивност и загубени приходи, што ја зголемува економската зависност од партнерот или други лица. Нефлексибилните работни услови и недостатокот на политики за отсуство им оневозможуваат на жените ефективно да ги балансираат потребите за закрепнување со професионалните обврски. Покрај директните трошоци, жените кои претрпеле семејно насилство се соочуваат со сериозни индиректни последици, како што се пропуштените можности за напредување и намалената продуктивност кои имаат долгорочен ефект на нивната економска благосостојба и го ограничуваат нивниот потенцијал за професионален развој.
Овие жени се соочуваат со долгорочна невработеност и недоволни вештини за повторно вработување, а постоечките програми за вработување не ги опфаќаат нивните специфичните потреби. Поради немањето на стабилни приходи по напуштањето на насилната заедница, жените имаат потреба од финансиска поддршка од страна на државата во овој период на транзиција.“
Ако сакаме реална промена, мора да се направи пресврт, објаснија од Здружението.
Општи препораки за вклучување на жените на пазарот на труд:
(1) мерките да ги таргетираат и жените што не се во системот,
(2) да се инвестира во услуги за
грижа (грижа за децата, грижа за болни и стари, итн.) како предуслов за вработување и одржување на работниот статус,
(3) да се префрли фокусот кон ефективни обуки и индивидуализирани услуги,
(4) да се воведе редовна годишна евалуација и јавно следење на резултати по пол,
(5) да се намали зависноста од пасивни политики и да се зголеми уделот на активните мерки.
Во спротивно, ќе продолжиме да имаме исто сценарио: жените ќе остануваат неактивни, долгорочно невработени или „невидливи“ во неформална работа, а државата ќе губи човечки капитал, економски потенцијал и социјална кохезија.
Препораки за економско јакнење на жени што претрпеле семејно насилство:
(1) Поддршка за вработување. Потребно е да се воведат специјализирани програми за економско зајакнување, кои ќе вклучуваат обуки, советување и менторство.
(2) Прилагодливи работни услови. Потребно е обезбедување на флексибилни работни услови, како работа од дома, скратено работно време и политики за платено отсуство за жените.
(3) Финансиска поддршка во периодот на транзиција. Обезбедувањето на привремена финансиска поддршка како редовна помош ќе придонесе за економското стабилизирање на жените во периодот на транзиција.
(4) Целосна интеграција во програмите за вработување. Потребно е да се адаптираат постојните мерките за вработување и да се овозможи пристап за жртвите, независно од нивната регистрација како невработени. – посочија од ЕСЕ.
Како дополнителни причини овде би требало да се наведат и ниските плати во Македонија, краткото породилно отсуство, недоволна поддршка од околината и државата за жените кои сакаат да имаат семејство, меѓутоа и активно да работат.
И нормално, нема проблем во одлуката на жената да не работи, доколку тоа е личен избор, непоткрепен од ограничените можности во државата. Проблем е доколку политиките на државата не се погрижиле да овозможат жените да работат, наместо да се увезува работна сила од странство.
А.Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Над 50% од жените се економски неактивни…
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат…
Златото денес се продава за 135 евра…
Златото денес поскапо за едено евро по…
Македонскиот „Караман“ на чекор до светска афирмација
Генералниот комитет на светска федерација на кинолошки…
Криза во германската автомобилска индустрија: Секоја втора…
Кризата во германската автомобилска индустрија со полна…
ОЈО ГОКК: Сѐ уште трае акцијата за…
Во рамките на опсежната акција што се…