НАТО сака да создаде „автоматизирана одбранбена зона“ на границата со Русија

t

НАТО планира во следните две години да ја зајакне одбраната на европските граници со Русија, главно преку создавање „автоматизирана одбранбена зона“ опремена со системи што функционираат речиси без војници, изјави германски генерал за германскиот печат.

Планот за одбрана ќе вклучува одбранбена зона што непријателот мора да ја помине пред да напредува, еден вид „жешка зона“, изјави бригадниот генерал Томас Ловин, заменик-началник на штабот за операции во Командата на копнените сили на НАТО во Измир, Турција, за неделното издание на весникот „Велт ам Зонтаг“.

Поточно, сензорите ќе детектираат непријателски сили и ќе активираат одбранбени системи, како што се вооружени беспилотни летала, делумно автономни борбени возила, беспилотни копнени роботи, како и автоматизирани системи за противвоздушна и противракетна одбрана, прецизираше генералот.

Меѓутоа, конечната одлука за употребата на ова оружје „секогаш ќе биде човечка одговорност“.

Ловин додаде дека сензорите, кои мора да покриваат зона од неколку илјади километри, ќе бидат лоцирани „на земја, во вселената, во киберпросторот или во воздухот“. Тие ќе можат да собираат податоци за „непријателски движења или употреба на оружје“ со цел да ги информираат сите земји-членки на НАТО во реално време, објасни тој.

Планот предвидува зајакнување на постојните залихи на оружје, одржување на стационираните единици на исто ниво како денес и конечно употреба на cloud computing и вештачка интелигенција за управување со системот, заклучи генералот.

Првите елементи веќе се тестираат како дел од пилот-проекти во Полска и Романија, а целиот систем на НАТО треба да се имплементира доколку е можно до крајот на 2027 година, пренесе Велт ам Зонтаг.

Соочена со зголемување на упадите на руски или неидентификувани беспилотни летала минатата есен во Полска, Германија, Романија, Данска и Белгија, Европската комисија ја изнесе идејата за воспоставување „ѕид против беспилотни летала“, чија рамка сè уште не е дефинирана. ЕУ има намера да се потпре на искуството на Украина, која се соочува со ваков вид напад повеќе од три години.

Полска се подготвува да потпише договор за „најголемиот систем против беспилотни летала во Европа“, изјави денеска полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш за дневниот весник „Газета Виборча“. Министерот не прецизираше колку ќе чини договорот, кој ќе се однесува на „различни видови оружје“, ниту пак името на конзорциумот што ќе го потпише на крајот на јануари. Оваа одлука е одговор на „итна оперативна потреба“, нагласи тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

НАТО сака да создаде „автоматизирана одбранбена зона“…

НАТО планира во следните две години да…

Договорен датум за нови преговори меѓу Русија…

Следната рунда разговори меѓу Украина и Русија,…

Заврши првата рунда преговори меѓу Киев, Москва…

Преговорите меѓу делегациите од Москва, Вашингтон и…

Преговори САД-Русија-Украина во Абу Даби: Територијални прекројувања…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека трипартитните…

САД: Русија е закана за источното крило…

Русија ќе остане постојана, но управлива закана…