На албанските партии не им одговара модел со една изборна едница: Беса бара три, АА сакаат осум изборни единици

t

По неколкуте средби на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со помалите партии од власта од кои добија поддршка за измените на Изборниот законик, Беса е првата од албанската опозиција која се изјасни против промена на изборниот модел. Пратеникот Фадил Зендели по средбата со ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тие се залагаат за три изборни единици, а за сите измени што ќе се прават според нив мора да има консензус од сите партии. Подготвени се да зборуваат за отворени изборни листи.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски и покрај разликите со БЕСА околу бројот на изборните единици, важно е што побрзо да почне собраниската расправа за законот за промена на изборниот модел кој помалите партии го поднесоа уште лани во март, а останува да се дефинира изборниот праг.


Во обид да добијат поддршка за измените во Изборниот законик, Милошоски за утре најави средба и со Алијанса за Албанците кои исто така се против и наместо една бараат осум изборни единици, а не ја исклучува можноста пратениците од ВМРО-ДПМНЕ следниве денови да се сретнат и со ДУИ, кои досега немаат јасен став, но претходно се залагаа да остане сегашниот изборен модел.

Недостатоци во моделот со една изборна единица гледа и белгискиот експерт Питер Ванхојте, кој беше ангажиран во преговори за Пржинскиот договор и добро ја познава работата на македонскиот парламент. Тој во изјава за „Независен“ вели дека е против идејата за промена на изборниот модел, бидејќи со една единствена изборна единица мнозинството од граѓаните повеќе нема да бидат претставени во парламентот и на таков начин ќе се создаде мнозинство пратеници од Скопје. Според Ванхојте важно е пратениците да ја претставуваат изборната единица и областа каде што се избрани.

Алијанса на Албанците се залага за 8 изборни единици колку што има економски зони, додека ДУИ и Беса сметаат дека доколку се променат изборните правила, тогаш најприфатливо решение би било три изборни единици.

Малите партии потписнички на измените бараат да се отвори комисиска расправа во наредните 15 дена. За висината на изборниот праг ќе се земат предвид компаративните искуства од земјите членки на ЕУ и ќе се утврди кој модел е најсоодветен за нашата држава.

СДСМ се сомнева во вистинските намери на ВМРО ДПМНЕ и останува на тврдењето дека за промена на изборните правила потребен е консензус на четирите најголеми политички партии што во моментов го нема.

И од Владата се на став дека за ова прашање треба да се формираат работни групи кои ќе го дадат конечниот збор и дефинираат изборниот модел.

Разговорите ќе продолжат и утре.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пендаровски и Вучиќ разговарале за “братските односи…

Претседателите на Македонија и Србија, Стево Пендаровски…

Грчкиот министер за надворешни утре во посета…

Дополнително зајакнување на билатералните односи во сите…

Пендаровски и Вучиќ ја поздравија одлуката на…

Претседателот Стево Пендаровски на Економскиот форум во…

Запленети над 1100 метри мрежа и околу…

Ноќеска во периодот од 00:20 до 07:00…