Колумна на Ристо Никовски: Замина уште еден голем Македонец
На почетокот на 2022, во Торонто, Канада, на 91 година, почина Коста Станвик (Kosta Stanwyck), човек со големо македонско срце. Тој беше еден од главните столбови на македонското општество во Канада, секогаш максимално посветен на македонското прашање и на потребите на нашите луѓе кои живеат таму и насекаде. Беше еден од најуспешните македонски бизнисмени во земјата, кој никогаш не ги забораваше своите национални корени. Коста Станвик ќе остане пример кој ќе ги инспирира новите генерации како да го сакаат својот народ и да се борат за неговите интереси.
Коста е роден во Арменско, во беломорскиот дел од Македонија, во 1930 година. Местото е прекрстено во Алона. Промената на името на неговото родно место, Коста го доживувал како напад на неговиот идентитет. Често се прашувал што значи тоа за неговите дедовци и прадедовци и заклучувал дека целта на тие потези едноставно значи бришење на Македонците од историјата на местото.
На 18 години, без пари, Коста со брод заминал за Канада. Набргу се оженил за Хелен Теодор (Helen Theodore) и имале три деца. На почетокот, како и многу други Македонци, работел во шумарство ама набргу станал успешен претприемач. Имал разни фирми, се’ до 1996 година, кога заедно со синовите отворил фабрика за сирења, со која станал познат во целата земја. Пред две години купил мотел на плажата во Васага и го именувал „Македонска сирена“.
Коста Станвик има значајна улога во изградбата на прекрасниот храм „Свети Климент од Охрид Македонска православна црква“ во Торонто. Целиот свој живот тој финансиски ја подржувал црквата, а неговата сопруга неуморно работела во кујната, организирала бинго и други активности, за да се соберат пари. Црквата за Коста била симболот преку кој се одржувал националниот идентитет на Македонците во Канада.
Непосредно пред смртта, Коста даде значајна финансиска помош за да продолжи публикувањето на весникот „Народна волја“ во Бугарија, откако пред неколку месеци не напушти и неговиот издавач, Георги Христов. Во многу кусо време загубивме двајца џинови кои несебично се бореа за македонизмот кој е денес под сериозни закани за уништување. Слава им.