Николоски: Истовремено градиме 6 автопати, Македонија добива модерна автопатска мрежа

t

Во Македонија во моментов се градат шест автопати истовремено, што е невидено во целиот регион. Динамиката на работите на секоја од овие делници се одвива одлично и во наредните години ќе имаме модерно патно поврзување во сите делови на државата, вели министерот за транспорт, Александар Николоски во гостување во поткастот „Радар“.

За автопатот Скопје–Блаце, Николоски потсети дека веќе е потпишан Договорот за грант со кој се обезбедени околу 31 милион евра, што претставува околу 15 проценти од вредноста на проектот. Тој посочи дека избран е ГРАНИТ како изведувач, оценувајќи дека ова е позитивен момент за домашната градежна оператива.

Осврнувајќи се на автопатот Кичево–Охрид, министерот истакна дека досега се изградени 37 километри, од кои 34 километри веќе се пуштени во сообраќај, а за летово најави и нови делници за сообраќај.

Говорејќи за автопатот Гостивар–Букојчани, министерот рече дека градежните работи се одвиваат подобро од очекуваното.

-Иако се работи за ултракомплициран терен, немаме проблеми со експропријација ниту со пристап до градилиштето. Од 31 километар, колку што ќе биде долг автопатот, веќе се пробиени 17 километри.Ова е првиот автопат во Македонија што се гради истовремено од двата краеви, од правец на Гостивар и од правец на Букојчани и ќе го скрати патувањето за околу 15 километри, изјави тој.

Тој очекува оваа делница целосно да биде завршена во втората половина на 2029 година, додека автопатот Тетово–Гостивар ќе биде завршен и порано.

Николоски најави и скорешен почеток на изградбата на делницата Букојчани–Кичево, долга 12 километри, која ќе го поврзе автопатот што го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ со автопатот Кичево–Охрид.

-Проектот ќе се реализира со поддршка од Европската банка за обнова и развој и очекувам во следните десетина дена да биде избран изведувачот, по што ќе започне изградбата, рече министерот.

Осврнувајќи се на автопатот Битола–Прилеп, Николоски истакна дека станува збор за најдолгиот автопатски проект што моментално се гради во државата.

-Динамиката на работите е добра и очекувам во првата половина на следната година во употреба да бидат пуштени првите 10 до 11 километри како целосно автопатско решение, изјави Николоски.

На крајот, тој нагласи дека со реализацијата на овие шест автопатски проекти, Македонија во следните години ќе добие современа и значително подобрена патна инфраструктура, оценувајќи дека ваков обем на истовремена изградба на автопати досега не е забележан ниту во земјата, ниту во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Николоски: Истовремено градиме 6 автопати, Македонија добива…

Во Македонија во моментов се градат шест…

Уставен суд: Не е релевантно какви имиња…

Уставниот суд упати остри критики до политичките…

Кузеска: Мицкоски кажа збогум на Европа и…

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на…

Уапсени тројца скопјани, краделе во Велес

На 11.07.2026 во 12:30 часот во Велес,…

Построги правила за загадувачите од 2027: Општините…

Инвестициите во подобрување на системот за управување…