Откриен споменик на Махатма Ганди во Скопје: Траен симбол на вредностите што ги обединуваат двата народа
Во Музејот на град Скопје денеска е откриен споменик на Махатма Ганди. Откривањето на споменикот на овој духовен водач на индиската борба за независност претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат народите и поттик за натамошно зајакнување на пријателството меѓу Македонија и Индија.
Споменикот е откриен во време кога во посета на земјава е индиската претседателка Драупади Мурму која денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на церемонијата во Музејот на град Скопје.
– Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство – рече Мурму.
Нагласи дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, вербата на Ганди во дијалогот, сочувството и мирниот соживот останува актуелна и денес.
– Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја почувствуваат пораката на Ганди. Нека ги инспирира да ја отфрлат омразата, разликите да ги решаваат на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија – истакна индиската претседателка.
Претседателката Сиљановска-Давкова со порака дека промената што сакаме да ја видиме во светот треба да започне токму од нас самите.
– Веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода да ги организира животите во согласност со нивната сопствена волја. Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ, нагласи Сиљановска-Давкова.
Градоначалникот на Скопје нагласи дека настанот има посебна симболика бидејќи се случува во Скопје, градот во кој е родена Света Мајка Тереза.
– Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на различни начини, но нивните животи ги поврзува една универзална порака – дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другите се најголемата сила што човекот ја поседува – рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека нивното наследство и денес инспирира милиони луѓе ширум светот и додаде дека Скопје ја знае вредноста на солидарноста.
– Скопје е град кој ја знае вредноста на солидарноста – град кој по големата трагедија во 1963 година ја почувствува подадената рака од целиот свет и затоа длабоко ја разбира важноста на меѓусебната поддршка, почитта и пријателството меѓу народите – истакна градоначалникот.
Поставувањето на споменикот на Ганди во јавниот простор, порача Ѓорѓиевски, претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат луѓето, а не на оние што ги разделуваат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Откриен споменик на Махатма Ганди во Скопје:…
Во Музејот на град Скопје денеска е…
Над 8.300 повици на бројот 112 по…
Скопјани во голем број побарале помош и…
Петнаесет повредени во невремето во Скопје примени…
Петнаесет повредени лица се примени во две…
(Видео) Инспекциските служби на Град Скопје на…
Инспекциските служби на Град Скопје на терен,…
ЦУК: Повеќе од 1000 повици од граѓани…
Поради невремето проследено со силен ветер, кое…