Пелегрини – Сиљановска: Западен Балкан не смее да остане простор на геополитички натпревар и игри

t

Словачка ја поддржува европската перспектива на Македонија и тоа го прави како пријател, партнер и сојузник. Но во исто време јасно велиме дека проширувањето како процес мора да биде фер, предвидлив и заснован на истите правила што важат за сите кандидати – рече словачкиот претседател Петер Пелегрини на денешната прес-конференција по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, која е во официјална посета на Словачка.

Ова, според него, значи дека и земјите кандидати мора да ги исполнат договорените критериуми, но оти и Европската Унија мора да испрати јасен сигнал дека исполнувањето на условите ќе значи и конкретни чекори напред.

– Исто така, ова е важно и за довербата меѓу граѓаните во земјите кандидати. За време на моите посети на земјите од Западен Балкан реков дека не треба да има скратени патишта и дека не смее да има непотребни пречки, дека сите услови мора да се применуваат за сите, а европската заложба мора да ја има својата важност. Словачка ги почитува заедничките одлуки во рамките на Европската Унија, сите го почитуваме гласот на секоја земја членка. Сојузништвото во Европската Унија не може да се гради со заобиколување на чувствителните прашања, напротив, на добрососедски односи, на дијалог и на сите заложби што се дадени – рече Пелегрини.

Нашата амбиција, додаде тој, не е да се решаваат чувствителните прашања од перспектива на судија, туку предлогот е да се почитува европската перспектива на регионот, притоа да се почитува и достоинството на сите вклучени страни.

Рече дека на средбата со македонската претседателка разговарале и за НАТО Алијансата.

– Ние, Словачка и Македонија сме сојузници, тоа е многу важно во ова време бидејќи живееме во време кога безбедноста во Европа не може да се земе здраво за готово, затоа НАТО мора да остане Унија на споделени вредности и доверба. И двете страни имаат интерес Европа да биде посилна и поверодостојна во делот на одбраната во рамки на Алијансата. Ништо од ова не може да го замени НАТО, туку напротив, да се зајакне европската безбедност, бидејќи таа не започнува на границите на Европската Унија, затоа тоа е важно, рече словачкиот претседател.

Според него и Македонија, но и регионот чиј дел е таа, е многу важен за целата Европа и оти таа треба да се прошири, пред сè во делот на стабилноста. Западен Балкан, нагласи, не смее да остане простор на геополитички натпревар и игри.

– Ставот на Словачка е јасен: стабилен и просперитетен и европски ориентиран Западен Балкан, бидејќи тоа е во стратешки интерес за целата Европа, рече претседателот на Словачка.

Словачка, нагласи тој, сака да биде партнер на нашата држава и ја разбира нашата амбиција за членство во ЕУ.

– Партнери сме коишто го поддржуваме европскиот пат на Северна Македонија и истовремено знаеме дека довербата во Европа се темели на правила и добрососедски односи и дека скоро ќе бидеме во можност да седиме на иста маса во Брисел, истакна Пелегрини.

Македонската претседателка вели дека со Пелегрини разговарале за нашиот пат кон ЕУ, кој, како што рече, понекогаш го нарекува маратон, затоа што се работи за долг пат со бројни ирационални пречки од идентитетски карактер, што е спротивно на суштината на природата на Европската Унија. ​

– Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Мислам дека токму почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја. Особено го цениме ангажираниот став на Словачка, но и на неколку други земји, кои бараат помошно рационално решение за интегрирање на Западен Балкан во европските структури, за да можат земјите, значи, коишто долги години се во кандидатски статус да не бидат оставени настрана, да не бидат на периферијата, односно да можат да бидат чуени. Тоа е нешто што е кредибилно и тоа е нешто што нè обврзува. ​Јас многупати сум кажала и ќе повторам: Европа е наш природен дом — географски, историски и културно. Она што ние го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според копенхашките критериуми, да добиеме можност да се фокусираме на реформите и на владеењето на правото, наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања што немаат врска со духот и словото на копенхашките критериуми, рече Сиљановска-Давкова.

За неа, како што нагласи, интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко, тоа е безбедносно и стратешко прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок.

-​ Разговаравме и за актуелната безбедносна состојба во Европа, што ќе биде тема на претстојниот НАТО Самит во Анкара. Како членка на Алијансата и какo држава со целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ ние ќе продолжиме да придонесуваме за колективната и за регионалната безбедност, зошто таа е и наша безбедност. ​Европската Унија и Обединетите Нации, во разговорот потенцирав, никнаа како антивоени и како базично и суштински мировни проекти, со цел трагедиите од минатото да не се повторат. Но, денес сме исправени пред растечки вооружени конфликти. За малите и за средните држави, според мене, мултилатерализмот и покрај големите искушенија е мировен и императив. Тој овозможува да учествуваме во процесот на одлучувањето. ​Убедена сум на крајот дека денешниот политички дијалог, како продолжение на оној во Скопје, ќе го продлабочи македонско-словачкото пријателство и соработка и ќе внесе нова динамика во односите, истакна македонската претседателка.

Таа рече дека ова е прва нејзина официјална посета на Словачка и смета дека не само што овозможува продолжување на политичкиот дијалог на словачка почва, по посетата на словачкиот претседател на Македонија, туку и ќе придонесе да се зацврстат веќе стабилните билатерални односи, како преку разбирање и поддршка. ​

– Ние сме две мали земји во срцето на Европа, поврзани со силни историски, културни и духовни врски, обединети преку наследството на светите браќа Кирил и Методиј. Онаму каде македонската заедница, којашто со децении е присутна во Словачка, чинам дека е успешно интегрирана во словачкото општество и дека гради еден недоверлив, цврст словачко-македонски мост. ​Денеска, со претседателот Пелегрини разговаравме на повеќе теми, изразивме обострана подготвеност за унапредување на соработката, се разбира во духот на заедничките односи, но и взаемната почит и разбирање, рече Сиљановска-Давкова.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пелегрини – Сиљановска: Западен Балкан не смее…

Словачка ја поддржува европската перспектива на Македонија…

Сиљановска-Давкова во официјална посета на Словачка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која престојува во официјална…

Пендаровски: Во протоколите со Бугарија никаде не…

Владејачката коалиција и владејачката партија се заплеткаа…

Во првиот квартал 2 472 хипотеки на…

Во периодот јануари – март годинава во…

Мицкоски со честитки до Јанша: Македонија и…

Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил телефонски разговор…