Посебна виза за професионалните возачи ќе ги тргне блокадите?
Европската Унија првпат ќе го отвори прашањето за долгорочен престој во Шенген-зоната на институционално ниво, за професионалците чија работа подразбира постојано движење меѓу повеќе земји членки. Меѓу овие професионалци се и возачите на камиони од трети земји, кои во моментов ја блокираат транспортната логистика на клучните гранични премини на Западен Балкан.
Новата визна стратегија ќе биде официјално објавена утре, во Брисел, а според работниот документ на Европската комисија, до кој имаше пристап „Блиц бизнис“, се предлага започнување стратешка дискусија за исклучоци од правилото 90/180 дена. Ова правило, кое го ограничува престојот на професионалците од трети земји на максимум 90 дена во период од 180 дена, според превозниците, сериозно го отежнува работењето и влијае на ефикасноста на меѓународниот транспорт.
Документот предвидува дека може да се разгледа престојувањето во Шенген-зоната подолго од 90 дена, под услов времето поминато во поединечна земја да не надминува 90 дена. Како примери се наведуваат професионалните возачи и другите работници што работат за компании со седиште во ЕУ и чија работа зависи од постојаната мобилност меѓу различни земји членки.
– Првпат проблемот со кој се соочуваат транспортерите од Македонија и од регионот со години е формално признаен како прашање на конкурентноста на Европската Унија – велат соговорниците на „Блиц бизнис“.
Протестите на Западен Балкан ја разбудија ЕУ
Товарниот сообраќај од Западен Балкан кон Шенген-зоната веќе неколку дена останува блокиран. Протестот започна во понеделникот, кога беа поставени камиони од Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина на клучните гранични премини, барајќи од ЕУ да го измени правилото за електронска евиденција на престојот во Шенген, познато како правило 90/180 дена.
Овој систем им овозможува на професионалците што не се државјани на ЕУ да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена, што, според превозниците, сериозно го отежнува секојдневното работење и го нарушува ритамот на меѓународниот транспорт. Првичните процени на стопанските комори покажуваат дека дневните економски штети поради застојот достигнуваат до 100 милиони евра, што се смета за сериозен удар врз економијата на регионот.
Во меѓувреме, македонските надлежни институции интензивно работат на решение преку поддршка од земјите членки на ЕУ. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска, во Загреб, оствари средба со својот хрватски колега, Олег Бутковиќ. Во центарот на разговорите беше токму проблемот со новиот систем за електронска евиденција, кој ги погодува не само македонските превозници туку и целиот транспортен сектор на Западен Балкан.
– Станува збор за суштински предизвик, кој не се однесува само на македонските превозници туку го засега и целиот транспортен сектор во регионот. Овој проблем има пошироки економски импликации, бидејќи ги погодува и компаниите од ЕУ што инвестирале во регионот и се силно извозно ориентирани кон европските пазари – нагласи Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е отворен проблемот уште од септември, со Европската комисија.
– Барем од она што е последна најава, очекувам да се реши ова. Јас побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Очекувам деновиве да се слушнеме, повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот да ја ставиме на маса – изјави Мицкоски.
Апели на превозниците
Превозниците од Македонија, заедно со колегите од Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, едногласно го кренаа гласот против дискриминирачките правила на ЕУ. Тие бараат да бидат третирани како меѓународни транспортери на стока, а не како туристи или мигранти што треба да бидат депортирани.
Од асоцијацијата „Макам-транс“, која ги застапува здруженијата на работодавците на превозните трговски друштва, укажаа дека е спорна економската оправданост за обезбедување по двајца возачи за едно возило.
– Не е економски оправдано едниот возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Не е оправдано тоа ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците – изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макамтранс“.
Протестите веќе влијаат и на автобускиот меѓународен превоз. Претседателот на асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, изрази голема загриженост за начинот на кој ЕУ го применува правилото за престој (90/180) во Шенген-зоната, кое, без исклучок, важи и за професионалните возачи.
– Овој начин на пресметување сериозно го отежнува секојдневното работење, ги попречува линиите за меѓународен автобуски и товарен превоз и има сериозни негативни последици врз транспортот, економијата и туризмот. Ако не биде донесено поволно решение, асоцијацијата „Исток“ е подготвена да се приклучи на заедничките протести со камионските превозници – рече Трпковски.
Протести се одвиваат и во соседните земји. Во Србија, блокирани се најфреквентните премини кон земјите од ЕУ, формирајќи колони од камиони и предизвикувајќи сериозни економски загуби. Во Црна Гора, блокадите го оптоваруваат пристаништето Бар, клучна точка за снабдување на државата со стоки, вклучително и со гориво. Во Босна и Херцеговина, товарниот сообраќај на неколку премини е забавен или целосно запрен.
Сепак, бизнисмените во Федерацијата на БиХ веќе упатија апел до камионџиите да ја прекинат блокадата. Здружението на работодавачи на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Надворешно-трговската комора на БиХ и Трговската комора на ФБиХ ги повикаа домашните логистички компании веднаш да ги ослободат граничните премини.
– Ние ги разбираме проблемите на овие компании, бидејќи тие ги претставуваат проблемите на сите бизнисмени од БиХ во прекуграничното работење. Речиси две години континуирано предупредуваме за тешкотиите во прекуграничното работење, особено во врска со престојот на возачите и на работниците во Шенген-зоната. За жал, и покрај бројните иницијативи и апели, ова прашање не е систематски решено до денес – се наведува во соопштението.
Бизнисмените предупредуваат дека сегашните блокади најмногу ѝ штетат на домашната економија, создаваат ризик од нарушување на синџирите на снабдување и неизбежно водат до повисоки цени на стоките. Според нив, веќе се отвора простор за комерцијални спорови поради штетите, а доколку продолжат блокадите, обемот на штетата ќе биде значително поголем, што на крајот паѓа врз бизнисмените и граѓаните.
Нова визна стратегија на ЕУ
Новата визна стратегија на ЕУ првпат официјално го признава проблемот како прашање на конкурентноста на Европската Унија. Во работниот документ се предлага стратешка дискусија за исклучоците од правилото 90/180, особено за професионалците чија работа зависи од постојаната мобилност меѓу земјите членки, вклучувајќи ги и возачите на камиони од трети земји.
Сепак, експертите предупредуваат дека ова не значи итно решение. Долгорочниот процес само што започнува и ќе бидат потребни дополнителни дијалози меѓу националните власти и институциите на ЕУ. Протестите на превозниците, сепак, покажаа резултати: Европската Унија формално ја призна економската штета и ја отвори дискусијата за подобрување на визната политика за професионалците.
Целта на новата политика е да се олесни работењето на компаниите, да се зачува конкурентноста на единствениот пазар, но истовремено да се задржат безбедносните и миграциските стандарди.
Протестите на Западен Балкан се повеќе од регионален проблем – тие се директно поврзани со функционирањето на европскиот транспортен систем и економијата на целиот континент. Без итно и конкретно решение, штетата ќе продолжи да се зголемува, а блокадите ќе останат, предупредуваат тие, ставајќи ја на тест способноста на институциите на ЕУ да реагираат за реални проблеми на теренот и да обезбедат непречено функционирање на меѓународниот транспорт.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Посебна виза за професионалните возачи ќе ги…
Европската Унија првпат ќе го отвори прашањето…
(Во живо) Пешевски: Генерален штрајк во приватен…
Секој ден ќе бидеме пред Влада додека…
(Фото+видео) Река од народ се движи кон…
Река од народ се движи кон Владата.…
(Во живо) Трендафилов: Ќе поднесеме закон, да…
ССМ ќе поднесе Закон да се намалат…
(Во живо) Започна протестот на работниците за…
Од пред зградата на работничкиот дом пред…