По Италија, и финската министерка за внатрешни работи бара Шпанија да биде исклучена од Шенген
Миграциската криза во Сеута прераснува во поширок европски спор. По повикот од Рим, и финската министерка за внатрешни работи Мари Рантанен јавно го поддржа предлогот Шпанија да биде исклучена од Шенген-зоната.
Во објава на социјалните мрежи денеска, финската министерка за внатрешни работи Мари Рантанен од Партијата на Финците ја обвини Шпанија дека не успеала да ја обезбеди границата кај градот Сеута.
„Шпанија целосно потфрли во заштитата на надворешната граница на Шенген од нелегални преминувања. Ова не може да продолжи. Сите европски земји треба да го поддржат предлогот на Мелони. Земјите што не ја исполнуваат обврската да ја заштитуваат надворешната граница не можат да бидат членки на Шенген“, напиша Рантанен.
Засега нема дополнителни детали за позицијата на Финска, ниту, пак, за конкретните чекори што би можеле да бидат преземени.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони претходно изјави дека нејзината влада разгледува „вонредни мерки“, меѓу кои би можело да биде и суспендирањето на Шенгенскиот договор со Шпанија.
„Снимките од Сеута се шокантни“, напиша Мелони на платформата „Икс“. Таа порача дека Италија „нема да стои со скрстени раце“ и дека „нема да отстапи ниту чекор“ во однос на нерегуларната миграција.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, исто така, оцени дека станува збор за закана за националната безбедност.
Шпанија го повика италијанскиот амбасадор
Мадрид реагираше остро и го повика италијанскиот амбасадор на разговор. Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес го обвини Рим дека ја злоупотребува миграциската криза за домашно политички цели.
Тој оцени дека таквите изјави се несоодветни кога се упатуваат кон пријателска и партнерска земја и порача дека Шпанија очекува „европска солидарност, а не партиска демагогија“.
Илјадници луѓе пристигнуваат во Сеута
Причина за спорот е тензичната состојба во шпанската ексклава Сеута, каде што во изминатите денови од Мароко влегоа илјадници луѓе.
Процените за точниот број значително се разликуваат. Во еден извештај се споменуваат околу 49.000 луѓе за 24 часа, додека шпанскиот јавен сервис ТВЕ објави дека во четвртокот биле регистрирани меѓу 2.000 и 3.000 преминувања на границата.
Шпанските власти испратија дополнителни војници во Сеута, а прифатните центри се преоптоварени. Според досегашните информации, најмалку 18 луѓе загинале обидувајќи се да стигнат до шпанската територија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
По Италија, и финската министерка за внатрешни…
Миграциската криза во Сеута прераснува во поширок…
Санчез за мигрантската криза во Сеута: „Тоа…
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, испрати порака…
ЗА 24 ЧАСА ВО СЕУТА ВЛЕГЛЕ 49.000…
Во период од 24 часа, околу 49.000…
Шпанија ја праќа војската на границата со…
Шпанија ќе ја распореди војската за да…
Италија бара суспендирање на Шенген со Шпанија…
Италијанскиот министер за надворешни работи повика на…