При зголемен сообраќај, системот ЕЕС во Грција може привремено да функционира без земање биометриски податоци
На одредени гранични премини, во случај на зголемен сообраќај, а со цел воспоставување нормален проток на патници и возила, постои можност привремено и делумно да се суспендира имплементацијата на ЕЕС системот, односно регистрацијата да се врши без земање биометриски податоци, отстапка што важи до 8 јули годинава, со можност да се продолжи до 6 септември, произлегува од одговорите на пратенички прашања доставени од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос.
Во изминатиот период, со километарските колони што во одредени денови се создаваат на копнените гранични премини, особено на „главната порта за влез/излез“, како што во Грција се нарекува граничниот премин Евзони, освен натписите во медиумите, реакциите од хотелиерите од северниот дел на земјата, неколку пратеници од различни партии, преку пратенички прашања доставени до надлежното Министерство побараа одговори и објаснувања за новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација на сите државјани од трети земји.
Објаснето е дека со одлука на Европската комисија од 30 јули 2025 година, на 12 октомври 2025 година започна со работа, на ниво на цела Европа, Системот за влез и излез – новата постапка за пасошка контрола на државјани на трети земји при преминување на надворешните граници на Европската Унија и нивниот влез/излез од Шенген-зоната, a целосната примена на системот беше воспоставена на 10 април 2026 година, при што целосно ја замени досегашната практика на ставање печати во патните исправи.
– Согласно регулативата, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрација во системот за сите преминувања на лицата што подлежат на регистрација, меѓутоа до 6 септември 2026 година, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај од таков интензитет што времето на чекање на граничните премини станува прекумерно, постои можност за делумно суспендирање на употребата на ЕЕС (регистрација во системот без земање биометриски податоци). Оттука, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрацијата во системот на сите преминувања, дури и кога не се земаат биометриски податоци, при што остануваат оперативно достапни сите алтернативни процедури предвидени во член 21 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226, пишува во одговорот од заменик-министерот од 27 мај.
Дополнително, упатува и на соопштението од грчката полиција од 8 мај годинава во кое е објаснето дека Грција успешно го стави во целосна функција системот за влез и излез (ЕЕС) на 10 април 2026 година, а за натписите во медиумите за начинот на примена на ЕЕС во Грција, појаснето е дека „надлежните грчки органи ги преземаат сите неопходни мерки за обезбедување непречен проток на посетители на граничните премини за влез и излез од земјата, користејќи ги можностите што ги предвидува европското законодавство“.
– Во овој контекст се нагласува можноста што Регулативата 2025/1534 на ЕУ им ја дава на земјите членки, во текот на првите три месеци од целосното функционирање на ЕЕС, привремено да ја суспендираат постапката за земање биометриски податоци за ограничен временски период и на конкретен граничен премин, кога тоа е неопходно за повторно воспоставување на нормалниот проток на патници, пишува во соопштението од грчката полиција.
На можноста за делумна суспензија на системот, без земање биометриски податоци се осврнува заменик-министерот во одговорите од 21 мај на другите две пратенички прашања.
Објаснува дека до 8 јули 2026 година во исклучителни околности при зголемен сообраќај на граничните премини, системот за влез/излез ЕЕС, може да се користи без земање биометриски податоци, а овој рок може да биде продолжен до 6 септември 2026.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
При зголемен сообраќај, системот ЕЕС во Грција…
На одредени гранични премини, во случај на…
„Македонија е торпедирана со вета“ – Кошта…
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го…
Мицкоски денес на Самитот ЕУ- Западен Балкан…
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на…
Муцунски: Во овој момент нема услови за…
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија…
Украински дрон со 100 килограми експлозив заврши…
Грција испрати официјален дипломатски протест до Украина…