Реакции за Кривичниот законик – законски измени за уште поголема неказнивост на функционерите
Измените ги намалуваат максималните казни во споредба со стариот Кривичен законик од пред 2023 година, што ги скратува роковите за застарување и го стеснува просторот за ефективно гонење сложени корупциски предмети, особено оние што се откриваат по подолг временски период, а не го штитат ниту буџетот од злоупотреби, велат од Платформата на граѓански организации и од Блупринт групата, пренесува Слободен Печат.
Предлог-измените на Кривичниот законик се еднакво лоши, ако не и полоши од претходните, создаваат правна несигурност и ризик од институционална конфузија во преоден период и од амнестија во иднина, реагира правната фела, откако по многу месеци чекање и мислење, деветмина пратеници од владејачката партија, која остро ги критикуваше скандалозните измени од 2023 година, до Собранието достави свои предлози.
Новиот Кривичен законик што се подготвува со години, сè уште не е готов. Овие предлози беа претставени како враќање на казните за функционерите, но се проблематизираат токму измените на членовите со кои требаше да се вратат казните за функционерите.
– Новите предлог-измени на Кривичниот законик се еднакво лоши, ако не и полоши од претходните, бидејќи декриминализираат веќе криминализирани поведенија. Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во практика значи легализација на повредите на законите што овие лица ги извршиле. Не гледам како декриминализацијата на коруптивните поведенија е во насока на заштита на јавниот интерес и борбата против корупцијата – вели за „Слободен печат“ обвинителката Ленче Ристоска, која е и обвинителка за врски со Македонија во Единицата за судска соработка на ЕУ – Еуроџаст (Eurojust).
Сериозни последици по правната сигурност
За Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и за Блупринт групата за реформи во правосудството измените не претставуваат вистинско враќање на состојбата од пред 2023 година, туку воведуваат нови решенија со сериозни последици по правната сигурност и борбата против корупцијата.
Тие бараат тековните измени на Кривичниот законик да се ограничат исклучиво на враќање на решенијата што важеа пред 2023 година, без воведување нови концепти. Исто така, бараат да се повлечат или темелно да се преиспитаат одредбите за проширената конфискација што овозможуваат одземање имот без кривична постапка и судска осуда, потоа да не се стеснува поимот „корист“ само на имотна корист кај делата за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што се создава ризик од неказнивост за сериозни облици на корупција. Невладините бараат да се задржи или да се вметне формулација што овозможува да се обезбеди ефективна кривично-правна заштита од тешки, но нетипични службени злоупотреби.
Според нив, за ова е неопходно да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка. Од Платформата ја проблематизираат проширената конфискација која овозможува одземање на имот и без утврдена кривична одговорност.
– Ваквиот пристап се доближува до т.н. граѓанска конфискација, без јасно да биде утврдено кој и зошто одговара, поточно кое е кривичното дело што ја прави проширената конфискација апликативна. Дополнително, овој модел е неусогласен со постојниот Закон за кривичната постапка и создава ризици по правото на сопственост, презумпцијата на невиност и правната сигурност. Оттука, со овие измени, иако наменети за привремено санирање на правната рамка до донесување нов Кривичен законик, повторно се воведува нов концепт без јасни правила – пишува во реакцијата на организациите.
Измените ги намалуваат максималните казни, во споредба со стариот Кривичен од пред 2023 година, што ги скратува роковите за застарување и го стеснува просторот за ефективно гонење сложени корупциски предмети, особено оние што се откриваат по подолг временски период, а не го штитат ниту буџетот од злоупотреби, додаваат оттаму.
– Воедно, се воведува нова инкриминација, наместо за враќање на старата одредба од ставот 5. Со предложените измени се врши враќање само на инкриминацијата за злоупотребата на службената положба и овластување при постапките за јавни набавки, но не и на други форми на злоупотреба на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата. Дополнително, дел од однесувањата што се опфаќаат имаат карактер на управни пропусти, што може да доведе до претерана криминализација без реално зајакнување на борбата против корупцијата. Особено загрижува што со овие измени не се обезбедува соодветна заштита на средствата од јавните фондови и фондовите на Европската Унија, што е спротивно на декларираните заложби за зајакнување на владеењето на правото – се вели во реакцијата.
Организациите реагираат и на постапката за предлагање на измените, без претходни најави и без јавни консултации, иако беше најавено формирање работна група во Министерството за правда. Ова создава впечаток на паралелни и некоординирани процеси и ја намалува довербата во квалитетот на предложените решенија.
– Имајќи го предвид досегашното искуство со брзи и недоволно промислени измени на КЗ, сметаме дека е неопходна јавна и стручна расправа за да не се повтори практиката на формално „поправање“ на законот, без суштинско решавање на проблемите. Поради тоа, во период кога се подготвува целосно нов Кривичен законик, најодговорен пристап е враќање на проверените решенија од пред 2023 година, без воведување нови модели со далекусежни последици. Сите суштински реформи треба да бидат дел од сеопфатен, транспарентен и инклузивен процес, а не резултат на „ад хок“ интервенции. Пред усвојување на измените, да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка. Овие барања се особено важни ако се има предвид дека и за измените во 2023 година реагиравме навреме, предупредувајќи на последиците кои, за жал, денес се потврдуваат во практиката – порачуваат тие.
Срамен предлог, коментираат од СДСМ
СДСМ бара да се повлечат измените, а Министерството за правда да го објави веќе подготвениот нов Кривичен законик и да се отвори вистинска јавна дебата.
– Иако нов Кривичен законик се подготвуваше повеќе од четири години од работна група составена од професори, експерти, судии и обвинители, тој не е поднесен. Претставувањето на овие измени како „репарација“ или „враќање на правдата“ е правна илузија и измама, очаен обид за спас на власта од одговорност за криминал и корупција. Целта е заштита на функционерите на власта од кривична одговорност за криминални скандали и сомнителни тендери – рече Снежана Калевска-Ванчева.
За Левица измените се донесени заради амнестирање и изрекување смешни, условни казни за висока корупција и криминал на функционерите.
– Практично, наместо заострување на казнената политика, се создава правна рамка што овозможува побрзо застарување, поблаги санкции и реална можност за условни казни за најтешките форми на корупција преку ублажување на казните. Главната вистина е едноставна и непријатна: ДПМНЕ свесно чекаше за да застарат предметите на нивните функционери. Со тоа чекање и со вакви „поправки“ во последен момент, власта дефинитивно не ја спасува правдата и неселективноста. Не смее да се заборави дека зад скандалозните измени од 2023 година постоеше широка коалиција и тивок консензус помеѓу тогашната власт на СДСМ и ДУИ со ДПМНЕ – реагираат од Левица.
Собраниски извори брифираат дека измените сè уште не се ставени на дневен ред за седница и дека ќе има комисиска расправа на која ќе може да се предлагаат амандмани. Истовремено најавуваат и јавна дебата за предложените измени.
Новиот Кривичен законик сè уште не е готов и неговото носење се најавува за идната година.
Извор: Слободен Печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Реакции за Кривичниот законик – законски измени…
Измените ги намалуваат максималните казни во споредба…
(Видео) И кажале гласај за Касами за…
Дел од здравствените работници во Клиничката болница…
ИКЕА влегува во Македонија
ИКЕА е во завршни преговори за влез…
ДПМНЕ пак дели тендери, фирмата на Нефи…
Мицкоски и ДПМНЕ сите тендери ги собраа…
Жерновски: Ова е тоа скандинавско визионерство кое…
Ова е тоа скандинавско визионерство кое те…