Ристоска : Сакаме промени, а ништо не менуваме – државниот обвинител мора да им служи на граѓаните, а не на политиката
Борбата против корупцијата стагнира, а довербата на граѓаните во обвинителството со години е на ниско ниво. Во пресрет на изборот на нов државен јавен обвинител, овие прашања повторно се во фокусот на јавноста.
Во дебатата во „Топ Тема“ на Телма, обвинителката Ленче Ристоска зборуваше за својата кандидатура, за критериумите според кои треба да се избере новиот државен обвинител и за потребата од деполитизација на функцијата.
Ристоска истакна дека ѝ е значајно што Советот дал позитивно мислење за нејзината програма.
„За мене навистина е значајно што Советот, разгледувајќи ја мојата програма, даде зелено светло и дека јас имам капацитет да ја извршувам функцијата државен јавен обвинител“, рече Ристоска.
Во однос на изјавата на премиерот поврзана со кандидатурата, таа посочи дека е проблематично да се носи став без увид во професионалната биографија и визија на кандидатот.
„Да се донесе став за кандидат без притоа да се има увид во биографијата, професионалното досие, мојата визија и севкупното професионално делување – отвора сериозно прашање кои се критериумите според кои Владата ќе одлучува кој ќе биде следниот државен јавен обвинител“, изјави таа.
Според неа, таквиот пристап остава дилеми околу мерилата што ќе се применуваат при изборот.
„Тоа е исто како професор да одлучи дека студентот паднал без да му го оцени тестот. Сметам дека ова е погубно“, додаде Ристоска.
Таа нагласи дека функцијата државен јавен обвинител не треба да се гледа низ призмата на политичката постапка на избор, туку низ уставната улога – служба на граѓаните и заштита од криминал и корупција.
„Јас ја гледам функцијата низ призмата на уставната улога – да им служи пред сè на граѓаните и да ги штити од криминал и корупција“, рече Ристоска.
Повика постапката за избор да се базира на објективни и професионални критериуми, во согласност со препораките на Венецијанската комисија, која инсистира на департизација и деполитизација на функцијата.
„Постапката треба да се базира на објективни и професионални критериуми. Владата го предлага кандидатот, но потоа тој избор се гласа во Собранието – затоа критериумите мора да бидат јасни и мерливи“, истакна таа.
Осврнувајќи се на критиките во јавноста, Ристоска рече дека не може да се согласи дека работењето на предмети од висока корупција може да биде дисквалификација.
„Како личност која се занимавала и водела предмети од висока корупција, сметам дека одговорноста за совесно и професионално извршување на задачата не може во никој случај да претставува дисквалификација во понатамошниот кариерен развој“, изјави таа.
Според Ристоска, нејзината кандидатура не е мотивирана само од амбиција да ја добие функцијата, туку од потребата за суштинска промена. Таа посочи дека токму затоа изготвила детална програма од над 60 страници.
„Јас не се кандидирав само да победам во оваа битка. Изминатите 35 години се повторува истиот образец – ниска доверба и очекувања кои не се исполнуваат. Не можеме да очекуваме различен резултат ако постојано го повторуваме истиот начин на работа. Верувам во посериозен и системски пристап во вршењето на функцијата државен јавен обвинител, кој ќе ја доближи оваа институција до граѓаните“, порача Ристоска.“, нагласи таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ристоска : Сакаме промени, а ништо не…
Борбата против корупцијата стагнира, а довербата на…
Обвинителството за Груби бара домашен притвор, ќе…
Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на…
Фрчкоски: Целиот инженеринг околу доаѓањето на Артан…
Целиот инженеринг околу доаѓањето на Артан Груби…
ИСЛАНД ЌЕ ГЛАСА ЗА ПРИКЛУЧУВАЊЕ КОН ЕУ…
Исланд размислува да распише гласање за рестартирање…
Министерството за здравство им посака лесни пости…
дневниот Велигденски пост. Пет дена претходно на…