Рокас без предвидување за извештајот на ЕП: Тоа е независна институција, работи по свои правила

Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека не може да предвиди дали извештајот на Европскиот парламент за Македонија ќе биде усвоен на 24 јуни во Комисијата за надворешни работи на ЕП – АФЕТ. Тој вели дека ЕП е независна инстиуција која работи според сопствени правила.
„Европскиот парламент е независна ЕУ институција, која има свој Деловник, свои правила и процедури, секоја дебата организирана од ЕП подлежи на тие правила на Деловникот. Не би можел да дадам никаков коментар, ниту некакво предвидување“, одговори Рокас за време на денешната посета на Крива Паланка.
Гласањето на извештајот беше одложено со образложение дека известувачот Томас Вајц бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
Бугарските европратеници бараа истрага за извештајот и за известувачот Томас Вајц, кои изнесоа сознанија дека Македонија недозволиво влијаела на содржината на извештајот.