САД бара капитулација, Иран одговара: „Нема предавање“
Војната меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга влезе во втора недела без знаци на смирување, додека реториката од двете страни станува сè поостра.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека нема да има договор со Техеран освен „безусловна капитулација“, најавувајќи дека Иран ќе биде „многу силно погоден“.
„Иран, кој беше ужасно поразен, им се извини на своите блискоисточни соседи и вети дека повеќе нема да пука врз нив. Тоа ветување дојде само поради немилосрдните напади од САД и Израел“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Тој додаде дека Иран, кој порано го нарече „насилник на Блискиот Исток“, сега станал „губитник на регионот“, предупредувајќи дека се разгледуваат нови цели за напади.
Во исто време, иранските власти возвратија со порака дека земјата нема да се предаде. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја отфрли американската порака за капитулација и изјави дека Иран нема да попушти пред притисоците.
Паралелно со надворешната конфронтација, Техеран ја засили и внатрешната реторика. Иранското Министерство за разузнавање предупреди на делување на таканаречена „петта колона“, обвинувајќи лица кои фотографираат места погодени од напади и ги испраќаат снимките до странски медиуми дека дејствуваат како „очи“ на Израел во Иран.
Граѓаните се повикани да пријавуваат сомнителни активности преку телефон и локални апликации, додека глобалниот интернет во земјата и понатаму останува исклучен.
Борбите на терен продолжија и во текот на ноќта. Нови експлозии беа пријавени во Техеран, а Израел и Иран продолжија со меѓусебни напади.
Во Израел утрово се огласија сирени за воздушен напад во Ерусалим и Тел Авив, откако израелската армија соопшти дека работи на пресретнување ракети лансирани од Иран.
Во меѓувреме, иранскиот претседател сигнализираше дека Техеран би ги запрел нападите врз соседните држави доколку од нивна територија не се изведуваат напади врз Иран. Сепак, конфликтот продолжи да се шири и да носи нови последици во регионот.
Според иранскиот амбасадор во Обединетите нации, најмалку 1.332 цивили загинале во нападите врз Иран. Министерството за здравство на Либан соопшти дека во израелските напади таму се убиени најмалку 217 лица, додека израелските служби за итни случаи пријавија најмалку 10 загинати во Израел.
Поради напад со дрон, привремено беа прекинати и услугите на меѓународниот аеродром во Дубаи, кои подоцна беа делумно обновени.
Комбинацијата од закани за „безусловна капитулација“, предупредувања за „внатрешни непријатели“ и продолжување на нападите покажува дека кризата во моментов се движи кон понатамошна ескалација, без јасни знаци за дипломатско решение.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД бара капитулација, Иран одговара: „Нема предавање“
Војната меѓу Иран од една страна и…
Иранскиот претседател: Гаѓавме американски бази, не пријателски…
ранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, повтори дека Техеран…
(Видео) Под напад иранската нафтена инфраструктура во…
Израелските воздухопловни сили ја напаѓаат иранската нафтена…
СДСМ: Отпуштени 50 македонски работници, се реализира…
Според СДСМ, компанијата „Бехтел и Енка“ отпуштила…
(Видео) ЗНМ реагира за односот на Тошковски…
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја…