Се договорил ли Таче со Петков дека Македонците постојат од 44-та?

t

И покрај најавите дека со формирањето на работните групи ќе се зголемат ефикасноста и транспарентноста во преговорите меѓу Македонија и Бугарија, се чини дека за некои прашања превезот на тајност и мистерија и натаму останува, така што во недостиг од официјални информации јавноста се обидува со читање меѓу редови да насети за што точно се разговара и какви обврски или ветувања имаат дадено политичарите од двете земји, пренесува Нова Македонија.

Токму неодамнешното интервју на бугарскиот премиер Кирил Петков за британскиот сервис Би-би-си отвори нови дилеми во однос на тоа што е ветено или договарано или, пак, едноставно станува збор за најобичен блеф на бугарските политичари, кои во недостиг од аргументи многу често прибегнуваат и кон извртување на тезите.


Имено, на прашањето на новинарот од Би-би-си зошто не се почитуваат правата на етничките Македонци во Бугарија и не се спроведуваат пресудите од Меѓународниот суд на правдата, бугарскиот премиер го избегна одговорот и наместо тоа изнесе сосема друга негова теза, велејќи дека со македонскиот премиер постигнале согласност по прашањето на Бугарите во Македонија.
– Добри вести се тоа што кога разговараме со премиерот на С. Македонија ние всушност целосно се договоривме дека Бугарите треба да имаат легални права, кои ги имаат сите Македонци и другите народи, како што се Албанците, добра работа е што имаме разбирање околу тоа – одговори Петков, без да одговори зошто не се почитуваат правата на Македонците во Бугарија.
Но она што е симптоматично во изјавата на Петков е тврдењето „ние се договоривме“. Што точно сака да каже Петков со ова? За што се договорил и со кого? Дали добил некаква асиметрична согласност од наша страна или едноставно блефира и со ваквите тврдења само купува време и ги замајува домашната и меѓународната јавност.

По ваквата изјава на бугарскиот премиер, кај овдешната јавност се наметнува дилемата дали Петков намерно се обиде со блефирање да го избегне прашањето за Македонците во Бугарија или, пак, навистина има нешто договорено, за што јавноста не е запознаена.

Ако се оди според онаа народната „каде што има чад, има и оган“, дополнителна недоумица на целата ситуација донесе и коментарот на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, на интервјуто на Петков.
– Клучно за Бугарите во преговорите е да се впише бугарското малцинство во македонскиот устав, за Македонците, пак, идентитетските прашања. Признавањето на бугарското малцинство, различно од македонското мнозинство е правиот пат за преговорите – истакна Османи.

Некои од аналитичарите, во изјавите на Петков препознаваат сигнали дека некои работи се веќе договорени и дека се бара начин како да ѝ се соопшти тоа на овдешната јавност.

– Ако ги слушнавме и работите што ги изнесе министерот Османи во неговото интервју викендов, тогаш верувам дека она што го изјави Петков за Би-би-си за влегување на Бугарите во македонскиот устав е веќе договорена работа и, веројатно, кога ќе се отвори тоа прашање ќе се вметнат уште некои дополнителни работи, кои ние како јавност сè уште не ги знаеме – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Според него, говорењето на Петков за некаков договор со Ковачевски не е обичен блеф, туку сериозна изјава што има своја заднина.

– Верувам дека бугарскиот и македонскиот премиер имаат постигнато некаков договор. Петков не го споменува напразно Ковачевски. Има некаков нивен договор, веројатно сега се бара начин како да го протуркаат тоа во јавноста – категоричен е Пекевски.

Негово мислење е дека вазалскиот однос на македонските политичари повторно ќе се преслика и во однос на она што е договорено со Бугарија.

– Како што беше случајот со Преспанската спогодба, кога ние исполнувавме дури и повеќе од тоа што беше предвидено, а Грците ништо, истото тоа ќе се случи и со договорот со Бугарија. Искрено, не верувам дека Софија ќе го откочи процесот на евроинтеграција на Македонија сè додека не го добие она што го сака, тоа е дека ние сме нација од 1944 година и дека претходно сме биле ист народ со Бугарите. Ако се следат последните изјави на Ѓорѓиев, Османи и Ковачевски, работите одат во таа насока – заклучува Пекевски.

Во меѓувреме, „Нова Македонија“ се обиде да добие коментар и од македонската влада околу наводите на Петков за постоење некаков договор околу правата на Бугарите во земјава, од каде што велат дека непосредно пред влезот на земјава во ЕУ во Уставот би можело да се вметнат и други етнички заедници, покрај Бугарите.

– Владата на Република Македонија го следи примерот на врвните европски демократии. Затоа и немаме никаков проблем во процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија, непосредно пред влезот во Унијата, Уставот да биде отворен за промени според ЕУ-директивите. Тоа е можност за вградувањето на помалкубројните етнички заедници коишто живеат во Македонија, а не се споменати во Уставот. Со таа промена не само Бугарите туку и Хрватите, Црногорците и другите етнички заедници би биле вградени во нашиот устав – појаснуваат од Владата.

Извор: Нова Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Русија објави: Загубивме двајца високи офицери во…

Русија призна дека изгубила двајца високи офицери…

(Видео) “Добредојдовте драги браќа”: Со камбани СПЦ…

Српскиот патријарх Порфириј, на својата фејсбук страница…

Не запира: ЕУ во април имала инфлација…

Потрошувачките цени во Европската унија во април…

(Видео) Путин распореди “Терминатори” во источна Украина

Во обид да го зајакне својот арсенал,…

НАТО ќе ги продолжи разговорите со Финска…

Претставниците на НАТО во средата не успеаја…