Сиљановска-Давкова: Европа треба да биде заедница на вредности и принципи, а не на двојни стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати пред учесниците на летната школа „Re:Europe: Rethinking Europe Together“, проект финансиран од Канцеларијата за француско-германско пријателство, имплементиран од Парискиот Институт за политички науки при Дижон и Хумболтовиот универзитет од Берлин.
На летната школа, којашто ја раководи професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Иван Дамјановски, покрај од земјава, учествуваат и студенти од Германија, Полска, Израел, Бугарија, Франција, Словачка, Луксембург и Украина.
Најпрво, Сиљановска-Давкова потсети на бројните идеи за европско обединување. Потем, ја акцентираше решеноста на татковците-основачи за ставање крај на војните, преку формирање на европската заедница, претходница на ЕУ, втемелена не само на економски, туку и на демократски принципи и вредности.
За неа, Конрад Аденауер и Роберт Шуман, но и Алчиде Де Гаспери и Жан Моне се државници, цврсто убедени миротворци. Француско – германската комисија не била замислена како политичка арена за притисоци, туку како демократски простор за дебата и разбирање на другиот. За жал, македонското искуство со меѓудржавни комисии е во тукидитовски стил.
Преку примерот на различни евроинтеграциски искуства, таа укажа на неконзистентноста на евроинтеграциската политика, непочитување на Копенхашките критериуми и на конститутивните акти на заедницата/унијата, како и на практикување двојни стандарди во процесот на проширување.
Според претседателката, ЕУ мора да се реформира за да биде функционален, демократски политички систем, но и да се прошири за да биде компетитивен актер на комплицираната и непредвидлива глобална сцена. Таа посочи дека главна пречка на овој пат е консензусот, како метод на одлучување, но и злоупотребата на ветото од страна на некои членки, преку условување на преговорите и напредокот со идентитетски компромиси од ревизионистички карактер.
Претседателката го демонстрираше горенаведениот феномен на македонскиот, антиевропски преседан, анализирајќи ги наметнатите уставни промени однадвор, спротивно на меѓународното, но и европското право, во духот на уставниот инженеринг.
„По 36 амандмани и евроинтеграциски лет во место, пак бараат од нас уставни измени, но сега, не за членство, туку за почеток на преговорите?!“ – рече таа.
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова отвори низа прашања:
– Зарем не е и нашиот устав Lex superior и најважен општествен договор на македонските граѓани, а не книга на политички желби на соседите?
– Зошто би менувале устав со повисоки стандарди на зашита на малцинствата, не само од Бугарија, туку и од најголемиот број членки на ЕУ?
– Што станува со дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани по толку уставни измени и празни ветувања?
– Зошто се толерира и стимулира демократскиот дефицит во ЕУ, со одбрана на ирационални, националистички барања?
– Зарем војната на европско тло не е релевантно предупредување за бесплодноста на реактивната политика и нужноста од превентивна?
Таа порача дека е време за: преиспитување на селективниот пристап на евроинтеграциската политика на ЕУ и нејзиното менување во текот на преговорите; доследно почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур; водење сметка за мислењата на Венецијанската комисија; фокусирање на реформи, наместо на уставен инженеринг.
„ЕУ мора повторно да инспирира со демократскиот капацитет и низ реформи да ја анулира бирократската инертност и спорост во одлучувањето, да воспостави ефикасен механизам на спреги и кочници, да ја зајакне улогата на европскиот демос во Европскиот парламент и преку храбар чекор на проширување, како оној од 2004, да стане важен и силен играч во меѓународните односи” – заклучи претседателката.
По нејзиното обраќање следеа прашања од студентите кои најмногу интерес пројавија за: реформите неопходни во ЕУ како и во ОН; можните механизми коишто би ги принудиле европските земји да ги почитуваат сопствените принципи и вредности, како и за важноста од внатрешни реформи и владеење на правото во процесот на евроинтеграцијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска-Давкова: Европа треба да биде заедница на…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати пред…
Медведев: ЕУ зазема непријателски курс и донесува…
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија,…
СДСМ: ВМРО од Македонија прават црна точка…
„После изјавата на Мицкоски дека за ЕУ…
Албанија влегува во последната фаза од преговорите…
Албанија денеска во Брисел влегува во нова…
Русија предупреди на „системски напади“, ЕУ им…
Европската унија соопшти дека нејзините дипломати остануваат…