Сопственикот на „Пулс“ се жалел на душекот и на претресите, не на нечовечки третман – соопштија од кумановскиот затвор

t

Со првообвинетиот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, е извршен разговор од страна на раководниот тим на затворот во Куманово, при што е заклучено дека тој нема никаков проблем со кој било од вработените во установата. Ова е наведено во писмениот допис од затворот во Куманово, за што на денешното рочиште информира Судот, откако на минатото адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на Дејан Јованов-Деко, побара да донесе решение за негово преместување од затворот во Куманово во тој во Идризово. Како причина за ваквото барање до Судот, таа наведе дека затворскиот персонал во кумановскиот затвор се однесува деградирачки, нечовечки и понижувачки кон обвинетиот.

Во дописот од кумановскиот затвор до судот е наведено дека по добиените сознанија од медиумите дека притвореното лице се жали на нечовечко однесување од службени лица во затворот во Куманово, на 26 февруари годинава, со него е извршен разговор од страна на раководниот тим на установата.

„Притоа, притвореното лице посочи дека нема никаков проблем со кој било вработен во затворот. Имаше забелешки за душекот на кој спие, како и за чести претреси. Ако притвореното лице има потреба од специјален душек, истото треба да е поткрепено со соодветна медицинска документација“, се вели во дописот од затворот во Куманово.

Од кумановскиот затвор посочија и да не се нарушува угледот на установата, како и дека редовни претреси се прават во сите ќелии, а не само кај притвореното лице.

На денешното рочиште адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на Дејан Јованов-Деко, рече дека управата на Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари усно ја известила оти во притворот има капацитет да се прими нејзиниот клиент.

Таа посочи дека сè уште нема одговор од Судот на нејзиното барање Јованов да биде префрлен од притворот во Куманово во тој во Шутка.

„Затоа повторно упатувам барање тој да биде преместен“, рече Коцевска.

За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.

На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.

Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сопственикот на „Пулс“ се жалел на душекот…

Со првообвинетиот за пожарот во т.н. кабаре…

Пријавил дека има поставена бомба, за да…

Р.Б. од Кичево е лишен од слобода…

Мицкоски на средба со претставници на нафтената…

Имав средба со претставници на нафтената индустрија…

Трамп: Имаме многу победници, но Шпанија е…

Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно остро…

Санчез по заканата од Трамп: Не за…

Шпанскиот премиер Педро Санчез се спротивстави на…