Сржта на трагедијата во Кочани не е дел од истрагата – никој не се гони за корупција

t

Денеска констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што слободно можеме да кажеме дека имаме катастрофална состојба. Корупцијата и криминалот нè доведуваат до фаза да ги губиме животите на нашите деца. Или одлучно и системски ќе смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме, констатираше на една од прес-конференциите министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по трагедијата во Кочани што зеде 62 жртви, пренесува Слободен Печат.

Еден месец по трагедијата што ја води кочанското обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, осомничени се вкупно 59 луѓе и три фирми. Меѓу нив има поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, на Дирекцијата за заштита и спасување, полицајци, но и покрај големиот број осомничени, родителите на загинатите се најгневни на полицијата и обвинуваат за селективна правда.

Министерот констатираше дека корупцијата и криминалот ги уби нашите деца, но во истрагата, како што анализира за „Слободен печат“ Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, најзагрижувачки е тоа што од ваквиот пристап се добива впечаток дека делата со коруптивна природа кои логично се во сржта на трагедијата, не се опфатени во истрагата.

– Ако навистина трагедијата е резултат на системска корупција, тогаш истрагата не смее да се задржи само на технички пропусти во безбедноста. Во спротивно, постои ризик не само од селективна правда, туку и од создавање преседани што ќе ја нарушат правната предвидливост и довербата во институциите – вели Аврамовски за „Слободен печат“.

Тој напоменува дека во моментов сè уште нема доволно официјални и суштински информации од Обвинителството за да може аргументирано да се процени начинот на спроведување на истрагата, особено во делот на правната основа и квалификацијата на кривичното дело.

Апстрактни соопштенија
– Тоа, само по себе, остава простор за критика, но и појава на сомнежи во јавноста, особено ако се има предвид тежината на трагедијата, јавниот интерес за одговорност, како и системските проблеми со недостиг на јавна доверба во ваквите процеси. Иако иницијалната комуникација од Обвинителството беше транспарентна, подоцнежните информации беа сведени на формалистички и апстрактни соопштенија, како што е бројот на осомничени и притворени лица – вели Аврамовски.

Од она што е досега достапно, освен транспарентноста, тој издвојува неколку проблематични аспекти, особено фактот што речиси сите што се под истрага се осомничени за исто кривично дело – „тешки дела против општата сигурност“, според членот 292, а во врска со членот 288 од Кривичниот законик. Всушност, од издавањето лиценца до организирањето на концертот, сите осомничени се товарат за исто дело иако дејствата се различни.

– Особено загрижувачки е фактот што речиси сите лица опфатени со истрагата се осомничени за исто кривично дело – „тешки дела против општата сигурност“, според член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Оваа одредба предвидува казнивост за службени или одговорни лица што не постапуваат по прописите за заштита и со тоа предизвикуваат опасност по животот или имотот. Но, во конкретниот случај, под едно исто кривично дело се ставаат дејства што се суштински различни: неспроведување инспекциски надзор, незаконито издавање лиценци, непоставување заштитна опрема, па дури и организирањето на самиот концерт – анализира Аврамовски.

Големиот број осомничени за исто кривично дело, тој го споредува со времето на пандемијата кога се гонеше за „непостапување според здравствените прописи во епидемија“ што ја нарушува правната сигурност, но и го комплицира докажувањето и ефикасноста на истрагата.

– Во тој поглед, се поставува прашањето како Обвинителството ќе ја докаже причинско-последичната врска меѓу дејства сторени пред повеќе години и трагичниот настан годинава? Ова е особено тешко кога станува збор за пропусти што се случувале во континуитет, како на пример издавање годишни лиценци, бидејќи не е доволно само да се утврди непостапување по прописите, туку мора да постои и докажана опасност или конкретна штета – додава тој.

Ваквиот пристап на Обвинителството, според него, е поради ограничувањата што произлегоа од измените на Кривичниот законик кои ја намалија казнивоста и рокови на застарување за кривични дела поврзани со корупција и се обидува да ги гони овие лица преку алтернативен правен пат.

– Но во кривичното право не е дозволено „креативно“ толкување само за да се избегнат правните пречки, особено кога нив ги има наметнато самата држава. Тоа претставува сериозен ризик за принципот на законитост и за правната предвидливост, кои се основни постулати на фер и праведна кривична постапка – нагласува Аврамовски.

Од Обвинителството не откриваат дали има нови моменти или некакво проширување на истрагата за трагедијата во Кочани. Оттаму не ги коментираат ниту пораките и повиците што ги испратија родителите на загинатите, кои на протестот во саботата обвинија за селективна правда. Не одговорија ниту на нашите прашања – како ги коментираат реакциите во јавноста дека сите осомничени во истрагата се гонат за исто кривично дело и како ќе ги убедат родителите на загинатите дека истрагата е неселективна со оглед на тоа дека не се опфатени полицајците што биле присутни таа вечер, ниту началниците од ОВР Кочани и од СВР Штип под чија наредба би требало да постапуваат полицајците.

Родители на загинатите: Папазов го пречека Велигден дома, а ние на гробишта!
На протестот што се одржа во саботата во Кочани каде што беа пратени потресни пораки, родителите беа најгневни кон полицијата и на одлуката пред празници да бидат пуштени од притвор градоначалникот што го водеше Кочани кога се случи трагедијата – Љупчо Папазов, но и сите 14 полицајци што се осомничени во истрагата за пожарот.

– Предвреме известивте за рацијата, а задоцнивте за животите на нашите деца. Зошто ги пуштивте убијците на нашите деца да го дочекаат празникот со нивните семејства? А знаете ли каде ние ќе го дочекаме празникот? Појадок, ручек, вечера… на гробишта – порачаа родителите со слики во рацете од загинатите деца.

Тие кажуваа дека рацијата била предвреме најавена, а полицајците не им помогнале во спасувањето на повредените. Конкретно, една од мајките рече дека не ѝ помогнале да го одведе детето до автомобилот и стоеле со скрстени раце.

– Никој не им помогнал на нашите деца, никој… Да им помагале, ќе беа во болница. Јас моето дете го најдов на два чекора пред вратата, уште мирисаше на парфем – рече една од мајките.

На протестот се дофрлуваше дека некои од тие што ги пуштиле, се шетале во Дубаи, а газдарицата на дискотеката се шетала низ градот.

– Зошто нашите деца да платат? Тоа е болката. Сите овие деца се од чесни семејства, родителите чесно ги заработувале своите пари. Зошто баш ние, не сме соучесници. Ние не сакаме мито, не сакаме корупција – рече една од мајките.

Едно девојче што во кобната моќ било во дискотеката, сведочеше дека ги молела полицајците да помогнат, но тие не помагале. Порачаа дека правдата мора да излезе на виделина и дека ќе продолжат да протестираат.

– Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до нашиот последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16 март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит – рече една од мајките.

Пораките што ги пратија беа „Нашите деца беа убиени од алчноста – правдата мора да излезе на виделина“! Протестот се предводеше со транспарентот „Пулс од 2012 до 2025, истрага од 2025 до 2038, судење од 2038 до ???“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека во најкраток временски период истрагата ќе финишира.

– Истрагата што се води од Јавното обвинителство, сето она што е преземено досега, е споделено со јавноста, истрагата сè уште е во тек. МВР постапува по насоки добиени од јавното обвинителство. Се надевам дека за максимално краток временски период ќе завршиме со целокупната истрага за да се продолжи со понатамошниот тек на постапката – рече Тошковски.

Републичкиот јавен обвинител по прес-конференцијата со министерот, не се појавил во јавноста со нови информации.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Повеќе од 40.000 туристи се заглавени во…

Будење со звукот на сирените за воздушен…

Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…

Во центарот на Општина Градско, под плаштот…

Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…

(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…

ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…

УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…