Српскиот парламент ги прогласи измените на Уставот во областа на правосудството

t

Собранието на Србија ги прогласи Законот за промена на Уставот на Србија и Уставниот закон за спроведување на Актот за промена на Уставот на Србија, со што стапи во сила Законот за кој граѓаните се изјаснија на референдум, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изрази благодарност до сите кои учествуваа во промената на Уставот и оцени дека Србија направила чекор напред во владеењето на правото и независноста на правосудството и е сигурен дека тоа е за доброто на државата и нејзините граѓани.

Дачиќ појасни дека на оваа седница нема да има расправа, туку дека се работи само за свечено прогласување на Законот за промена на Уставот. Тој посочи дека промената на Уставот ќе остане како „аманет за ова собраниско свикување“ и редок пример дека актуелната власт се откажала од дел од своите овластувања, особено кога станува збор за кадровски прашања.

Граѓаните на референдум на 16 февруари се изјаснија за промена на уставот на Србија.

На референдумот излегле 1.995.215 гласачи, од 6.510.323 кои се запишани во избирачкиот список, за промена на Уставот гласале 59,62 отсто, а против промената се изјасниле 39,35 отсто.

Уставните измени се однесуваа на делот за правосудството, изборот на судии и обвинители, кои повеќе нема да ги избира српскиот Парламент, туку Високиот судски совет и Високиот совет на обвинители, но и преименувањето на Врховниот касационен суд во Врховниот суд.

На седницата присуствуваа премиерката Ана Брнабиќ, министри, претставници на судови, обвинители и претставници на дипломатскиот кор.

Дачиќ кажа дека е можно да се организира уште една седница на Собранието на Србија, за да се донесат одлуки важни за функционирање на државата, додека следното свикување не биде подготвено за работа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

По четири година битка со безмилосната болест,…

По долга борба со тешка болест, почина…

Вучиќ: Најмногу ме погоди што Македонија гласаше…

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во интервју…

Вучиќ: Колективниот Запад нѐ потцени

Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва изјави…

Само во Србија: Кој го проектирал овој…

Необичен пешачки премин се појави во населбата…

Гласање за Резолуцијата за Сребреница денес во…

Генералното собрание на ОН денеска ќе гласа…