Стојанче Јовановски останува во притвор, се проверуваат пропусти по физичките напади и смртта на неговата сопруга и ќерка
Стојанче Јовановски останува во притвор дополнителни 48 часа по смртта на неговата сопруга Ивана и нивната ќерка по пад од балкон во општина Карпош. А сега се проверува кои надлежни институции направиле пропусти откако најмалку три физички напади со кои е запознаена јавноста се случиле откако е поднесено барањето за развод. Еден во декември за кое Центарот за социјални работи Скопје добил допис од МВР и за кое имало и сведоци. Вториот додека Ивана била хоспитализирана на клиниката за дигестивна хриругија и третиот на трагичниот ден за кој има и видео запис.
Професорот и директор на дигестивната хирургија Огнен Костовски потврди за Телма дека во кај Ивана биле забележани значи на насилство и од персоналот била пронајдена во бесознание и се пружила прва помош и била прегледна од неврохирург и трауматолог, а повикан бил и психолог. Била повикана и полицијата и социјални работници.
Министерот за социјална политика Фатмир Лимани изјави дека согласно новo пријавените наоди, односно случката на клиниката се јавила потреба инспекцискиот надзор да продолжи со цел целосно и темелно утврдување на фактичката состојба за целокупното досегашно постапување по предметот. Министерството, според него, будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност, но и да се зајакне системот на заштита.Претходно беа нотирани и недостатоци и неправилности кај Центарот за социјални работи.
„Во однос на извршениот инспекциски надзор, неправилностите кои се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување на непосреден контакт со жртвата, односно вршење на непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници телефонски и административно контактирале со жртвата со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот.Сакам јасно и недвосмислено да порачам: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди. Доколку се констатира одговорност, таа мора да биде превземена согласно закон, без исклучок“, изјави Фатимир Лимани, министер за социјална политика.
Ова е втор краткотраен притвор за Јовановски кој се товари за наведување за сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди поврзани со семејно насилство и загрозвување на сигурноста. Обвинителството собира докази на она што претходело пред трагичниот настан.
„Се постапува по издадените наредби за вештачење на три мобилни телефони и на други предмети, се обезбедуваат и анализираат видео записи од повеќе критични локации, а се обезбедува и целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство кои се однесуваат на осомничениот и починатата жена. Дополнително се преземаат и други дејствија од значење за докажување на кривичните дела чии елементи се испитуваат во моментов“, соопштуваат од ЈОРСМ.
А колку пријави до полицијата имала Ивана за физички напади врз неа од МВР не ни одговорија, ниту колку од нив се случиле во јавност пред сведоци. Од МВР само велат дека дека постапката е во тек и во координација со обвинителството се преземаат сите потребни мерки и активности. Надлежното обвинителство пак го проверува постапувањето на полицијата.
„Од страна на јавниот обвинител издадени се конкретни насоки за спроведување на проверки и прибирање на сите релевантни информации и докази во насока на утврдување на фактичката состојба. По доставување на известување од Секторот за внатрешна контрола, обвинителството ќе изврши сеопфатна оценка на сите прибрани сознанија и без одлагање ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување. ОЈО ГОКК внимателно ги следи сите околности поврзани со случајот и во рамките на своите надлежности ќе постапи решително и без толеранција кон евентуално незаконито постапување од страна на службените лица“, велат од ОЈО ГОКК.
Телма веќе пишуваше дека Јовановски има дебело судско досие. Неколку пресуди за тешки кражби, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, насилство и напад на службено лице. На крајот на минатата година бил и фатен со 19 грама марихуана и 7 грама амфетамини во багажникот на неговиот автомобил.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стојанче Јовановски останува во притвор, се проверуваат…
Стојанче Јовановски останува во притвор дополнителни 48…
Битиќи: Жена е убиена поради институционални слабости,…
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на собраниската…
Сопственикот на „Пулс“ се жалел на душекот…
Со првообвинетиот за пожарот во т.н. кабаре…
Пријавил дека има поставена бомба, за да…
Р.Б. од Кичево е лишен од слобода…
Мицкоски на средба со претставници на нафтената…
Имав средба со претставници на нафтената индустрија…