Сто дена или едно големо ништо
Сто дена или едно големо ништо
(што би рекле УТКА)
Да се пишува за „успесите“ на владата на Мицкоски во нејзините први сто дена е исклучително тешка или подобро кажано невозможна задача. Не затоа што сум излегол од форма за пишување, впрочем како универзитетски професор никогаш и не престанувам да пишувам, едноставно тоа е затоа што незнам од каде да почнам да ги „оплакувам“.
И ете, бев трпелив и почекав да поминат сто дена влада на Мицкоски и си достојав на зборот дека нема да пишувам колумни и да критикувам. Додржав а ми се плачеше и имав да кажам безброј работи, од намерно провоцирање на Грците, преку безимени венци на настани во други држави, преку ароганција и насилничко однесување на обезбедување на функционери секако со нивен амин, потоа за Ричард Гир и неговите колеги политикантски глумци повеќето само статисти и нивните безбројни гафови, кавга со Бугарија, ступидни изјави на министри кои наметнуваат прашање за степенот на интелегенција на овие траги-комични ликови кои мораат да ги прашаат своите адвокати за нивното „национално чувство“ и што ли уште не. Затоа и напишав: „од каде да почнам да ги оплакувам“. Доколку и почнам да ги оплакувам, и десет колумни ќе бидат малку за да се набројат сите глупости и недоветности кои ги направи целата персонална владеачка гарнитура, така што оплакувањето ќе се престори во „последное ридание“.
Сепак, немам намера да плачам над неспособноста на Мицкоски и неговите коалициони партнери од ВЛЕН и ЗНАМ. Мојата и на внатрепартиската фракција јасна политичка цел е да укажеме на слепата послушност на членовите на ВМРО-ДПМНЕ или совршенството на клиентелизам кон потполно погрешните политики на Мицкоски и неговата влада како погрешен политички дискурс. Ова е и основната цел на првата колумна во овој годишен циклус на колумни преку која едноставно најпрво Вас драги мој сопартијци а потоа и македонските граѓани сакам да ве потсетам на лажните предизборни ветувања на Мицкоски и катастрофално лошиот почеток во првите сто дена на неговата влада. Доколку денот по утрото се познава, многу бргу ќе ни се стемни со оваа влада, истата ќе се натпреварува со претходните две влади на СДС за тоа кој ќе го освои првото место за неспособност.
Се надевам дека овој глас ќе допре до вашата убиена совест, драги мој сопартијци, и ќе ја оживее. Оправдувањата дека сте лојални кон партијата е само еден од многуте директни показатели за неспособност за индивидуално политичко расудување и учество во креирањето на партиските политики од најниско до највисоко ниво. Тоа покажува и дека моите сопартијци немаат претстава за сопствената улога во партијата, големината и значењето на членовите и нивниот активизам. Секако покажува и политичка тапост како резултат на слепо следење на некакви си насоки и папагалско повторување на наметнати тези по секакви теми кои имаат за цел да ги оправдаат погрешните државни политики.
Во ваква внатрепартиска состојба на умртвеност на членството и негова безгласност не верувам дека можете да се сетите кога последен пат по изборите сте имале состанок во МК или ОК а не пак кога сте имале конкретна дискусија по политички прашања, а при тоа со клиентелистичка занесеност на најсилно кон непосредните соработници на Мицкоски, по принципот на „внатрешниот круг“ на Сталин. Негување и потхранување на суетата на „животворната светлина“ како што некои од клиентелистите го нарекуваат семоќниот за нив Мицкоски, воопшто не изненадува. Оттука, не изненадува мултиплицираната анти САД, анти НАТО и анти ЕУ хистерија која преку суптилна пропагандна операција се вградува кај базичните членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој тренд на создавање аполитична маса, која божем е партиско членство доведува до воспоставување на потполно безумие во партијата и донесување на одлуки од страна на еден лик кој е несомнено под туѓо влијание. При тоа, се работи за доброволно откажување од сопствената слобода на одлучување, дури и размислување кај членството. Тоа откажување од слобода за одлучување до степен на откажување од здраво разумското размислување и донесување сопствен суд не е појава која е опасна само за ВМРО-ДПМНЕ туку е опасна за целото општество.
Токму затоа и стоте дена на владата на Мицкоски се едно големо НИШТО. Ништо се затоа што освен пропаганда со висок интензитет не гледаме никакви конкретни а не пак успешни или соодветни проекти за кои се обидуваат да не убедат дека постојат. Ништо се затоа што нема ниту идеја за започнување на стратешки проекти кои би се реализирале за 3-4 години во целост. Ништо се и затоа што и оние проекти кои беа поддржани од ЕУ како инфраструктурни така и политички се прекинаа. Ништо и дури безобразни се затоа што со 5% за вработените во образованието или 2.500 денари за пензионерите се потценува интелегенцијата на граѓаните наспроти 78% зголемување за државните функционери.
Најголемо НИШТО се затоа што и идните денови и месеци на оваа влада нема да бидат нешто, тоа е логичен заклучок бидејќи сето тоа што Мицкоски го вети пред изборите се покажа како ЛАГА. И секако ќе биде НИШТО затоа што Мицкоски и неговите коалициони партнери не само пред сопственото членство, пред македонските граѓани, туку и пред нашите партнери во НАТО и ЕУ покажуваат огромна лична и групна хипокризија заснована на меѓусебно договорени лаги, замајување, заблудување и конфронтирање на граѓаните. Оваа хипокризија е особено и јасно видлива во рамките на спорот со Бугарија, односно внесувањето на дел од бугарскиот народ во Уставот на Северна Македонија како македонски граѓани, а во исто време нивната поврзаност со Бугарија посебно финансиска поврзаност е целосна и исклучително застапена. Згора на се, премиерот се прави недоветен дека не знае како неговиот коалиционен партнер се сретнува со рускиот амбасадор во Македонија, а откако „конечно дозна“ не реагираше. Впрочем тие – владата на Мицкоски сметаат на краткото паметење на граѓаните, нивната незаинтересираност и апатичност, а во однос на партиските членови на нивното доброволно одрекување од разумот, додека пак за клиентелата во своето опкружување Мицкоски воопшто не се грижи, тие се веќе препарирани.
Навраќајќи се кон моите сопартијци мора да раскажам една интересна случка од онаа ВМРО-ДПМНЕ од пред повеќе од 20 години кога имаше жива политичка расправа во партијата особено во врска со изборните резултати за секој местен комитет.
Имено, по локалните избори 2000 година во Куманово на кои нашиот кандидат за градоначалник сега покоен Бранислав Даштевски (татко на Александар Даштевски) изгуби катастрофално, а беше промовиран во кандидат за градоначалник под притисок на една група „од горе“ иако членството не го поддржуваше, во ОК Куманово направивме една анализа на изборните резултати. При таа анализа на резултатите по местни комитети и по избирачки места, се коментираше поодделно за секое избирачко место. За секое избирачко место нашите набљудувачи, координаторите, претседателите на МК и координаторите на МК од ОК без задршка отворено зборуваа за грешките и проблемите. Во таа расправа учествуваше и Драги (наш член од основањето на партијата кој многу добро ги познаваше комитетите и знаејќи што се случуваше на терен за секој местен комитет на крајот додавеше: „И тука УТКА“. На крајот, Драги, се надевам дека е жив и здрав, го доби прекарот УТКА, но утка како промашување на нашите изборни цели во однос на добиени гласови, не во персонален контекст. Е сега, замислете во ВМРО-ДПМНЕ да има слобода да ги анализира Драги – Утка стоте дена на Мицкоски со сигурност ќе констатира дека се една голема УТКА, а кој е најголема Утка во тоа ништо, сетете се самите.
Но тогаш во ВМРО-ДПМНЕ имаше идеологија и никој не му се налути на Драги-Утка, а денес за жал постои клиентелизам бидејќи каузата ВМРО-ДПМНЕ ја киднапира Мицкоски и како што вели еден негов министер: „ние не разговараме со оние што не критикуваат“, и не што не разговараат туку се лутат и стигматизираат секого кој е самомислечки и здраво разумски човек. Оттука, добивам чувство дека наскоро никој нема да сака да разговара со оваа влада, а пораката за тоа уште пред завршувањето на стоте дена стигна директно од ЕУ преку одвојувањето на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ при што ние се само исклучивме од евро интегративните процеси. Онаа шарена лага и хипокризија на Орбан ве молам да не ја земате за сериозно, токму тоа претставува добра основа за внатрепартиска дебата, доколку има со кого да се дебатира. Видливо е дека Мицкоски тоа не го разбра и очекувам при посетата на Вон дер Лајен во Скопје кон крајот на месецот да ја искористи посетата за уште малку квази патриотска пропаганда.
Сакам да ги предупредам моите сопартијци сите „обични“ членови на ВМРО-ДПМНЕ кои воопшто не се обични, дека политичка партија без идеологија се претвора во бизнис здружение, а потоа многу брзо прераснува во криминално здружение. Потоа патот назад е невозможен. Сите ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ сме одговорни за партијата и не можеме да се повикуваме на одлуки од горе при што би се амнестирале за сите лоши, погрешни или катастрофални политики кои сме ги подржале и за кои не сме кажале јасно и гласно со збор и со дело дека се УТКА или едно големо НИШТО. Тоа што Мицкоски преку пропаганда се обидува да ви продаде надеж дека само уште малку да издржите до формирањето на новиот буџет, а потоа и до завршувањето на локалните избори за да си ги остварите вашите егзистенцијални очекувања и надежи, отсега ви кажувам дека нема да се случи. А зошто нема да се случи? Затоа што вашите цели не се важни за Мицкоски освен во лажните и хипокризични говори, а неговата цел да стане премиер вие му ја овозможивте. Сега ќе се обиде да владее преку ПР и пропаганда, а вие како членови на ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на „лојалност“ кон ВМРО-ДПМНЕ а всушност самозалажувајќи се и надевајќи се, доброволно ќе бидете „корисни идиоти“.
И повторно само за потсетување. Национал-Социјалистичката идеологија преку истата политичка структура во Германија од 1934 до 1945 година во пракса ја применуваше истата матрица преку максимата „наредба е наредба“ и секој извршувал наредби од горе со надеж дека ќе се амнестира од личната одговорност бидејќи едноставно биле лојални а всушност некритични и исплашени. При воведувањето на фашизмот во Италија а подоцна и во Германија членовите на партијата и граѓаните доброволно се откажуваа од својата слобода и правото на размислување претворајќи се во корисни идиоти. Резултатите врз поединците и општествата на овие држави од тоа ги знаете и не треба да ве потсетувам.
Сепак, драги мои сопартијци без разлика на нашите индивидуални интелектуални капацитети, степен на интелегенција, образование и други лични карактеристики, секој од нас како член на партијата носи лична одговорност за прифаќањето и поддржувањето на политичките одлуки кои ги спроведува, застапува, брани во општеството и на крајот во таквата поддршка ги материјализира во конкретни изборни гласови, а особено доколку тоа го прави безпоговорно, некритички, послушнички, полтронски или клиентелистички во надеж за остварување на сопствени лукративни цели. Ви укажувам сега, да не биде дека не ви било кажано кога на крајот ќе биде една голема УТКА со катастрофални последици кон Македонија и историска стигма врз ВМРО-ДПМНЕ. Потоа повторно ќе ни бидат виновни сите само не ние самите.
Оливер Андонов
П.С. На Нинбершкиот процес изјавите: „Јас само ги извршував наредбите“! не беа прифатени како олеснителна околност!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…
Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…