СУШНО ЛЕТО: Како земјоделците да се прилагодат на промените?

t

Годинава имаме сушно лето, а тоа им отвора многу работа на земјоделците и мораат да наводнуваат на два-три дена.

Деновиве ќе имаме температури и до 41 степен и високо УВ зрачење. Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер-агроном вели дека ако се погледне наназад во една подолга временска рамка ќе сфатиме дека климатските промени се дел од промените кои неминовно настануваат, а човечкиот фактор само го засилува тој процес правејќи штети најмногу врз сопствениот опстанок. Објаснува дека е нормално да има сушни години, исто како што е нормално да има врнежливи години.

„Ако лани во текот на пролетта и летото имавме над четириесет дена секојдневно врнежи од дожд, годинава имаме долга суша. Таквите услови за одредени култури влијаат добро, а за други не. Годинешните високи температури, слаби врнежи, висока инсолација, долгите сушни периоди предизвикаа стагнирање на физиолошките процеси кај растенијата, дури и целосно гинење онаму каде што не е обезбедено засенчување и наводнување, како и некои други агротехнички мерки како што е мулчирањето. Меѓутоа сега, а и натаму во наредните сезони, човекот односно земјоделецот мора да се сосредоточи со природните процеси и тој да биде оној кој ќе се адаптира на промените што настануваат. За што подобро адаптирање на тие промени кои секоја година се од различен карактер, потребна е постојана едукација, користење добри земјоделски практики кои се однесуваат на еколошкото и одржливото земјоделско производство, користење на стари и автохтони семиња и засадување и засејување на култури кои се отпорни на болести, штетници и способни да се адаптираат на климатските промени. Конкретно годинешните проблеми се настанати заради неможноста да се справиме со сушата, а истата е предизвикана од повеќе фактори“, вели Димкоски.

Објаснува дека тука станува збор за деградација на обработливите површини со прекумерна експлоатација, претерана или лоша обработка на почвата, апликација на големи количества минерални ѓубрива, потоа проблеми со системите за наводнување или недостаток од истите.

„Затоа годинешната суша лошо се одрази врз здравјето на растенијата, го намалува нивниот имунитет, причинител е за појава на болести и штетници кои ја користат слабоста на растението, појава на изгореници и оштетување на плодовите што ја намалуваат нивната пазарна вредност, паѓање на цветот, некрози на листовите и како краен резултат на сето тоа помал род со помал квалитет. Во градинарството особени штети трпат растенијата кои во повеќе фази на растот имаат особено изразена потреба од вода, а такви се културите од фамилијата Cucurbitaceae како што се краставиците, дињите, лубениците, тиквичките, потоа зелковите култури, плодовите култури во фаза на цветање, заврзување и зреење и т.н. За крај потенцирам дека, ние сме тие кои треба да се адаптираме на климатските промени, а тоа може да се направи со земјоделска стратегија во која ќе се вклучат земјоделците како и сите релевантни државни фактори. Таа стратегија треба да се направи и примени час поскоро затоа што храна ни’ е потребна на сите, а веќе се чувствува дефицит од земјоделски производи“, раскажува Димкоски.

Земјоделците се жалат дека родот е намален кај многу култури, а и квалитетот не е на посакуваното ниво. И претходните години имаше поплаки дека родот кај некои зеленчуци е за 30 отсто помал од очекуваното. Има предвидувања дека во иднина исто се очекуваат жешки лета и благи зими, без поголеми снежни врнежи.

Сања Атанасовска
foto freepik.com

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СУШНО ЛЕТО: Како земјоделците да се прилагодат…

Годинава имаме сушно лето, а тоа им…

ВЛАСТА СМИРУВА: Минималецот ќе се зголеми во…

Од власта потсетуваат дека идната година минималецот…

КАФЕТО ПОСКАПУВА: Виетнамците се откажуваат од производство

Поскапува кафето на берзите. Глобалната цена на…

БОГАТИТЕ БЕГААТ ОД ОВИЕ ЗЕМЈИ – еве…

Во годишниот извештај за глобалната распределба на…

ШТО МОЖЕ ДА СЕ КУПИ ВО ОХРИД…

Српска блогерка Милица на „Тик ток“ го…