Тошковски удри по самарот, Гаши нѐ направи магариња

t

Претпоставувам дека ја знаете народната поговорка „кога не можеш по магарето, удри по самарот“? Имитирајќи го Езоп, бидејќи станува збор за басна, ќе си дозволам да ја протолкувам поговорката, нагласувајќи дека непознатиот автор сакал да го долови непријатниот момент со кој секој од нас во животот се има сретнато, односно кога не можеме да го казниме виновникот, па бесот го искалуваме на небитниот. Значи, виновникот е магарето, а самарот е небитниот.

Зошто е ова битно? Па за да се објасни будалштината што се случи од пред некој ден, кога на скопскиот аеродром претседателката на Косово, Вјоса Османи, на комерцијален лет, одби да влезе во редовна процедура на проверка на нејзиниот телефон и багаж. Без да навлегувам кој бил во право, ќе кажам кој не бил. Односно целиот циркус можеше да се избегне доколку Вјоса не му се јавеше на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој за да ѝ помогне, го пратил шефот на своето обезбедување (со иницијали С.С.).

С.С. со уште неколкумина експресно дошол на аеродром, каде што според тоа што го прочитавме во медиумите, извадил пиштол, се туркал и се заканувал. Несомнено е дека С.С., да се изразам колоквијално, се однесувал како да е несаглам. Не смеел да извади пиштол, не смеел да се заканува и не смеел да ги турка аеродромските службеници, кои инсистирале на спроведувањето на процедурата. Но, да не заборавиме дека С.С. на аеродром дотрчал по наредба на Африм Гаши, кој реагирал на, претпоставувам, драматичниот разговор со Османи, која од некакви причини не сакала телефонот и багажот да ѝ бидат скенирани. Значи, Гаши е тој што дал наредба, претпоставувам усна, а била упатена до С.С. од што произлегува дека телохранителот делувал по инструкциите на претседателот на Собранието. Човек да помисли дека вината за немилиот настан е кај Гаши, бидејќи тој е наредбодавецот. Но, не, не било така.

Не било така зашто министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тоа така го објасни.

– Службеникот што од позиција на обезбедување на претседател на Собрание се упатил кон ВИП-салонот сè со цел, според доказите (чии?), првично да ја смири ситуацијата. Како изреагирал е друга работа. Апсолутно е недoзволиво дејствието што го преземал. Дури и да отишол да ја смирува ситуацијата, тој одлучил да постапи спротивно на законот – вели министерот појаснувајќи во стилот на Езоп, дека Гаши му наредил на С.С. да оди на аеродром, ама вториот е сам одговорен за тоа што извадил пиштол.

Интересно, но сличен е и ставот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што порачуваат Африм Гаши да си остане претседател на Собранието, бидејќи, „не е лоцирана одговорност кај него“, иако тој ги дал насоките на обезбедувањето при инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи.

Значи, Езопот во случајот со ВМРО-ДПМНЕ е надградба на изјавата на Тошковски, кој не гледа вина кај Гаши, па следствено на тоа од партијата потенцираа дека во постапката не е „лоцирана неговата одговорност“, па човекот може да си остане во фотелјата во Собранието.

Но, да се вратиме на почетната поговорка, за која веќе елаборирав дека е посветена на виновникот и небитниот, прикажани низ басната за магарето и самарот. Во случајот, Тошковски удира врз С.С (самар)., а битниот Гаши, сите нас нѐ направи магариња.

Да бидам Езоп докрај, оваа наша басна би ја завршил со следново толкување. Вистинската претседателка беше спасена од витезот во блескав оклоп, односно на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ се растура коалицијата со Вреди, па затоа со јавноста комуницира како да е ментално заостаната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Касами со албанско знаме го пречека таткото…

Градоначалникот на Тетово Билал Касами Денес во…

Спасовски за говорот на претседателката Сиљановска-Давкова: „Не…

Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за…

Мециновиќ: Давкова да престане да биде „министер…

Морам да напоменам дека обраќањето не беше…

Мицкоски најави проширување на истрагата за „Државна…

Истрагата за државната „Лотарија“ се проширува. Злоупотребите…

Ватикан: Што значи Светата година 2025?

Теологот од Аугсбург, Јорг Ернести добро се…