Тренчевска: Само во Македонија, Владата си пресметува сопствена потрошувачка кошничка
Само во Македонија Владата си пресметува сопствена потрошувачка кошничка, нагласи потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска на телевизија Сител, во однос на најавената владина потрошувачка кошничка.
Тренчевска посочи дека Владата повторно се обидува статистички да ја сокрие реалната состојба во која живеат граѓаните – се вели во соопштението на СДСМ.
„Во многу земји во светот постои просечна кошничка, постои и минимална синдикална кошничка. Таа минимална кошничка секаде ја изработуваат синдикатите. Единствено во Македонија и во Србија просечната потрошувачка кошничка ја прави Владата. Никаде во светот Владата не ја прави таа кошничка, туку ја прават државните институции, како кај нас Државниот завод за статистика, односно официјалната статистичка институција во државата. Во Британија, во Австрија, во Германија, секаде каде што има ваква кошничка, освен кај нас и во Србија. Очигледно и двете влади сакаат да имаат влијание врз тоа како ќе се пласира колкава е потрошувачката кошничка, а врз основа на тоа да ги градат и понатаму да ги креираат политиките, што е нонсенс“, рече Тренчевска.
Воедно, Тренчевска додаде, дека просечната потрошувачка кошничка што ја најави Владата не е репер за креирање на идни социјални политики затоа што во нејзе влегуваат куповната моќ и на богатите и на сиромашните, додавајќи дека не може на едно исто место да ги ставите навиките на богатите и навиките на сиромашните.
„Минималната е за преживување. Тоа е минимум средства коишто се потребни на едно четиричлено семејство за да може да го помине месецот. Не е тоа луксузирање, туку минимум за достоинствен живот на едно четиричлено семејство. Просечната потрошувачка кошничка ја рефлектира куповната моќ на населението наспроти реалните навики, односно тука влегуваат куповната моќ и на богатите и на сиромашните. И вие, во услови кога паѓа животниот стандард, апсолутно е дека сиромашните граѓани помалку купуваат. Затоа цената на просечната потрошувачка кошничка е многу пониска од онаа што ја пресметуваат синдикатите. Не може на едно исто место да ги ставите навиките на богатите и навиките на сиромашните“, рече Тренчевска.
Во интервјуто Тренчевска посочи дека Владата зборуваше дека ќе донесе методологија, но методологијата никој не ја види, не се знае како ќе мерат, кои производи ќе ги стават во мерењето на просечната кошничка.
„Не смееме да ги изедначуваме едната и другата. Минималната синдикална кошничка е тој репер којшто треба да ѝ служи на Владата за креирање на социјални политики, а не просечната потрошувачка кошничка. И врз основа на оваа кошничка на синдикатите треба да се зголемува минималната плата и да се креираат мерки за да им се помогне на сиромашните“, порача Тренчевска.