Уапсен моќен црногорски бизнисмен: „Босот на шверцот со цигари“ чувал пиштоли дома
Црногорскиот бизнисмен Веселин Веско Баровиќ синоќа бил уапсен под сомнение дека сторил кривично дело затајување данок, како и за неовластено поседување оружје и експлозивни материи, објави „Вјести“.
Баровиќ денеска е спроведен на сослушување во Основното државно обвинителство во Подгорица.
Управата на полицијата (УП) соопшти дека 73-годишниот бизнисмен се сомничи дека затаил данок во износ од речиси 332.000 евра, а при претресите на локации што ги користел во три града, од него биле одземени два пиштола, муниција и рамка со муниција за автоматско оружје, кои ги поседувал нелегално. Постои сомнеж дека Баровиќ го сторил делото во 2018 година.
Полицијата во овој предмет, во координација со надлежното обвинителство, ќе продолжи со активности од финансиската истрага во наредната фаза на постапката.
Полицијата синоќа извршила претреси на повеќе станови, куќи и други објекти што ги користел Веселин Баровиќ во Подгорица, Даниловград и Будва, по што тој, по претресот на куќата во населбата Бандиќи, бил приведен.
Баровиќ повеќе од три децении важи за близок пријател на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ.
Тој бил спомнуван и во обвинението на италијанскиот обвинител Џузепе Шелзи како „еден од босовите на шверцот со цигари“ што во 1990-те години се одвивал преку Црна Гора.
За време на масовната ваучерска приватизација, како сопственик на „Еурофонд“, заедно со група поврзани луѓе и фирми презел повеќе црногорски претпријатија, а бил активен и на берзите – во земјата и во регионот.
Баровиќ речиси три децении бил клучна фигура во црногорската кошарка – претседател на КК Будуќност во периодот на најголемите успеси на клубот во поранешната држава, како и претседател на Кошаркарскиот сојуз во неколку мандати.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Уапсен моќен црногорски бизнисмен: „Босот на шверцот…
Црногорскиот бизнисмен Веселин Веско Баровиќ синоќа бил…