Украле 3.5 милиони евра и избегале од Македонија?

t

Два цели денови им беа потребни на МВР и Управата за финансиска полиција да одговорат на прашањата на Инфомакс за предистрагата поврзана со Државна лотарија на Македонија.

Како што објавивме претходно, повикувајќи се на податоци од официјален Ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија и извори на Инфомакс, за само една година во готовина од Државна лотарија на Македонија се изнесени најмалку 3,5 милиони евра.

Штета од минимум 3,5 милиони евра констатира Државниот завод за ревизија, само за 2024 година, во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија, во времето кога Перпарим Бајрами е директор на претпријатието, а раководител на сектор за финансии е Анета Настева. Според досегашните информации средствата биле секојдневно изнесувани како готовина од Државната лотарија на Македонија, а дел од лицата осомничени за проневерата неофицијално имаат златна виза во соседна Грција, како и значителен имот таму.

Дополнително, новинар со потекло од беровско, чија редакција згасна по доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската позиција во Соединетите Американски Држави исто така добивал донации од истото претпријатие.

Целата приказна е како холивудско сценарио за крими-серија. Фиктивни уплати, фалсификувани документи и потписи, изнесување на средства во кеш и дупка од 3,5 милиони евра за една година го прават веројатно најголемиот криминал од независноста на Македонија до овој момент, а овој случај ќе треба да се изучува како пример во учебниците по казнено право во државава.

Државната лотарија на Македонија има 10 сопствени продажни места (тоа се обично штандовите кои ги гледате во скопските или другите молови, каде вможете да уплатите лото, да купите грепка и слично). Системот кој е воспоставен изминатите години за овие конкретни продажни места предвидува дека истите имаат дневен промет кој се носи во просториите на државна лотарија и истиот треба да биде уплатен во банка како дневен промет од конкретниот ден. Дневниот пазар во овој случај бил носен во просториите на Лотарија, меѓутоа не бил уплаќан на сметка, туку истиот во готовина бил изнесуван од просториите о страна на лицата инволвирани во овој случај, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата на Инфомакс, меѓутоа конкретни имиња не можеме да објавиме за да не се наштети на евентуалната официјална истрага во надлежните органи. За да ја надополнат дупката која се јавува доколку не се уплати дневниот промер, лицата инволвирани во случајот, кои имале пристап до комплетната финансиска работа на Државна лотарија, сите сметки и податоци, префрлале од други сметки средства во различни износи на сметката каде се уплаќа дневниот промет. Средствата, според нашите информации се префрлани на неколку сметки, а целата шема воопшто немало можност да биде разоткриена пред Државен завод за ревизија да се вклучи во целата приказна, пораид тоа што никој освен лицата инволвирани во криминалот немале пристап до овие податоци во претпријатието.

Покрај продажните места кои се на Државна лотарија, претпријатието има и деловни соработници кои работат во име и за сметка на Државна лотарија. Тоа се практично оние трафики, тобака и слично каде исто така можете да купите грепки и да уплатите лото, меѓутоа се посебни субјекти кои вршат и други дејност, вклучително и вршење на работите во име и за сметка на Државна лотарија.

Според информациите на Инфомакс, најмалку еден таков деловен соработник потврдил шема за изнесување на пари од претпријатието. Деловните соработници треба, согласно Закон за приредување на игри на среќа, да добиваат од Државна лотарија средства во готовина за исплата на помалите добивки од игрите на среќа. Поголеми добивки се подигнуваат само лично од Државна лотарија на Македонија. Овде се констатирани пропусти со неиздавање на таканареченото „каса-прими“ од лицата инволвирани во криминалот, а истрагата ќе утврди дали биле фалсификувани документи и потписи за да се покријат и дупките во Буџетот на Лотарија од овие активности.

Во претходниот текст ги објавивме одговорите од Основното јавно обвинителство Скопје, како и од директорот на Државна лотарија на Македонија, Александар Климовски.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека не се во можност да споделуваат дополнителни информации.


„Имајќи предвид дека станува збор за конкретен предмет, во оваа фаза не сме во можност да споделуваме дополнителни информации за преземените или планираните процесни, оперативни и доказни дејствија. Согласно Законот за кривичната постапка, со предистражната постапка раководи јавниот обвинител, а дејствијата што ги преземаат јавниот обвинител и полицијата во оваа фаза се сметаат за тајна. Заради заштита на постапката и интересите на истрагата, повеќе детали не можат да бидат соопштени во овој момент.“ – стои во одговорот од МВР за Инфомакс.

Од Управата за финансиска полиција велат дека во рамки на предистрагата се спроведуваат сложени финансиски и сметководствени проверки, како и обемни анализи за да се утврди евентуално стекнатата противправна имотна штета.

– Во врска со поставените прашања, Ве известуваме дека Управата за финансиска полиција веднаш по добивањето на првични информации за постоење на сомнение за кривично дело има преземено мерки и активности за обезбедување и прибирање на докази, согласно одредбите од Законот за кривична постапка.

За предметот е известен надлежниот јавен обвинител, а сите дејствија се преземаат во континуирана координација и по негови насоки, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и сите околности релевантни за предметот.

Во рамки на предистражната постапка се спроведуваат сложени финансиски и сметководствени проверки, кои опфаќаат анализа на обемна финансиска, сметководствена и друга документација, прибирање податоци и известувања од физички и правни лица, како и разговори со поголем број лица инволвирани во постапката.

Во тек се интензивни финансиски истраги и проверки кои опфаќаат следење и анализа на финансиските текови, утврдување на движењето на средствата, како и активности за лоцирање и идентификување на имот и евентуално стекната противправна имотна корист поврзана со предметот, вклучително и проверки на финансиски трансакции и имот во странство.

Поради фазата во која се наоѓа постапката и согласно законските ограничувања поврзани со заштитата на предистражната постапка, во овој момент не сме во можност да споделиме дополнителни информации.“ – велат од Управа за финансиска полиција.

Инаку, сите потребни материјали од страна на Државна лотарија на Македонија одамна се предадени во Управата за финансиска полиција, а поред информациите на Инфомакс, истите се известени за состојбата уште во август минатата 2025 година.

Иако посебно беше поставено прашањето дали лицата кои се под истрага им се достапни на органите на прогонот, одговор на можеби најважното прашање во ситуацијава не добивме.

Како што спомнавме претходно, неофицијално, едно од инволвираните лица има таканаречена „златна виза“ во соседна Грција и повеќе недвижности во истата држава, која е и членка на ЕУ. Лицата, од нашите податоци имаат редовни влезови и излези од Грција, константно, речиси секој викенд во перидот кој е под истрага, а постои и сомнеж за перење на пари токму во Грција. За тоа повеќе ќе читате во следното продолжение на овој текст, засега, останува прашањето, колку институциите се ажурни во случај во кој има штета од најмалку 3,5 милиони евра и дали и овој пат, како и многу пати претходно, криминалот ќе биде побрз од државата и ќе ги користи „златните привилегии“ на плажа, платени со наши пари?

Продолжува…

А. Митовски

А.Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Украле 3.5 милиони евра и избегале од…

Два цели денови им беа потребни на…

Meet Prespa 2026 и годинава ќе ги…

Meet Prespa 2026 и годинава ќе ги…

Криминал од 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА во Државна…

Штета од минимум 3,5 милиони евра констатира…

Герапетритис: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна…

Грција сака една или повеќе земји од…

Мицкоски за инвестициите во дата центри: Ние…

Се обидуваме да ја развиваме државата, да…