Филипче: Новиот министер за земјоделство да одговори дали има бугарски пасош
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) Венко Филипче денеска побара новиот министер за земјоделство да одговори дали има бугарски пасош и двојно државјанство, оценувајќи дека смената на министерството нема да ги реши проблемите во земјоделскиот сектор.
На средба со земјоделци во Општина Чешиново-Облешево, тој посочи дека Владата до неодамна го бранеше претходниот министер за земјоделство, по што предложила ново кадровско решение.
Праша дали токму предложениот министер е причината поради која не помина предлогот највисоките владини функционери да немаат двојни државјанства.
„До пред неколку месеци жестоко го бранеа министерот за земјоделство, на кој што му поднесовме интерпелација, која не помина во Собранието, за после само неколку недели да предложат друг министер за земјоделство, со спорна биографија. Има едно многу интересно прашање, а тоа е дали поради овој министер кој што сега е предложен за земјоделство не помина предлогот највисоките функционери во Владата да немаат двојни државјанства? Овој предлог човек за министер треба да каже дали има резервна татковина, односно дали има бугарски пасош. Така што, очигледно е дека во овој сектор, за жал, луѓето нема да видат ништо добро“,рече Филипче од посетата на Чешиново-Облешево.
Според него, проблемите на земјоделците ќе продолжат и покрај кадровските промени во Министерството за земјоделство, посочувајќи ги како клучни – откупот на земјоделските производи, ниските откупни цени и неизвесноста околу субвенциите.
На средбата со земјоделците тој посочи дека оризопроизводителите се соочуваат со сериозни потешкотии, наведувајќи дека дел од минатогодишното производство сè уште не е откупено и дека нема јасни најави за откупни цени за новата сезона.
„Трагична незаинтересираност на власта. Има заостанати количини од минатата година. Само половина од произведениот ориз е откупен од минатата година, 50 отсто седи по амбарите, никој не е заинтересиран да го откупи, глувци има по амбарите, што ризик да се прошират болести во овој регион. Дополнително на сите овие проблеми, нема никаква насока ниту најава за откупни цени или субвенции за оризот којшто се произведува оваа сезона“,кажа тој.
Во рамки на реконструкцијата на Владата, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски на 30 јуни на прес-конференција објави дека го преземаат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а за министер ќе биде предложен Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во овој ресор.
„Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Тој и самиот е земјоделец. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнисмен менаџер и дипломиран дефендолог“,рече Димитриевски.
Според јавно достапната биографија, Серафимовски завршил додипломски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, каде што се стекнал со звањето дипломиран дефендолог.
Додипломски студии завршил и на отсекот бизнис-менаџмент на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ во Варна, Бугарија. Високото образование го продолжил на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград, каде што магистрирал меѓународни односи на Правно-историскиот факултет. Серафимовски докторирал на Стопанскиот факултет при Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во бугарскиот град Велико Трново, каде што се стекнал со звањето доктор по организациски науки.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Новиот министер за земјоделство да одговори…
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) Венко…
Невреме во Франција остави околу 20.000 домаќинства…
Околу 20.000 домаќинства во југозападниот дел на…
САД бараат Иран да гарантира слобода на…
Иранскиот министер за надворешни работи пристигна во…
Само оние кои плаќаат членство во приватен…
Поднесена е измена на Законот за заштита…
Осуденик натепал затворски службеник
На 10.07.2026 околу 10:45 часот во СВР…