Финската премиерка повика на поголема европска стратешка автономија наспроти руската агресија

t

Финската премиерка Сана Марин од Стразбур ја повика Европа да ја поддржи Украина и европската енергетска независност преку обновливи извори на енергија, јави дописникот на МИА.

Зборувајќи пред европратениците во Стразбур како дел од циклусот дебати „Ова е Европа“, финската премиерка Сана Марин рече дека Украинците ја докажале својата храброст, својата издржливост и дека мора да ја добијат војната – нема друга алтернатива.

„Европејците, исто така, мора да продолжат да обезбедуваат секаков вид помош за Украина и да бидат подготвени да усвојат уште построги санкции и визни ограничувања против Русија. Кусогледите акции на Русија веќе имаа ефект на зајакнување на сојузот меѓу западните земји, особено преку апликацијата на Финска и Шведска за членство во НАТО“, рече Марин.

За тензиите на енергетскиот пазар, Сана Марин повика на краткорочни мерки за намалување на цената на електричната енергија и за справување со проблемите поврзани со тргувањето со деривати.

„На среден и долг рок, само инвестициите во обновливи извори на енергија и енергии без јаглерод, дополнителни преносни мрежи и капацитети за складирање ќе стават крај на оваа енергетска криза. Инвестициите направени за поддршка на зелената транзиција не прават посамодоволни и затоа пакетот „Fit for 55“ мора да се придвижи напред и да се задржи неговата амбиција“, рече Марин.

Таа потсети дека „ЕУ ја докажа својата способност да реагира на многу кризи“. „Овие кризи во исто време ги открија нејзините ранливости, а Европа сега треба да ја зајакне својата стратешка автономија на полето на енергијата, производството на одбранбени материјали, суверенитетот на храната и технологиите“, истакна Марин.

Таа смета дека на Европа треба да и се обезбеди буџет кој ќе и овозможи да се соочи со овие кризи и со предизвиците. Во исто време, смета дека релаксирањето на европските даночни правила не е најдобриот начин за реформирање на ЕУ, а планот за закрепнување, како што рече, „беше само еднократен, иако незаменлив, инструмент за одговор“.

Премиерката повика и на подобрување на економските критериуми на кои се заснова ЕУ, за подобро да се земат предвид социјалните, еколошките и тешкотиите при вработувањето.

„Сегашната криза не е првата со која Европа треба да се соочи, ниту ќе биде последна“, рече финската премиерка.

Затоа, таа ја повика Европа да се спротивстави на „енергетската уцена предводена од Русија, да остане обединета и да ги брани своите вредности: демократијата, владеењето на правото и човековите права“.

По нејзиниот говор, европратениците ја поздравија апликацијата на Финска за членство во НАТО. Тие повикаа на одржување на европското единство наспроти енергетските уцени и побараа реформи на енергетскиот пазар.

Некои пратеници ја истакнаа важноста на безбедноста на храната „за да се осуети тактиката на Владимир Путин“. На крајот, европратениците зборуваа за придобивките од европскиот заеднички пазар за земјите-членки и изразија жалење за тешкотиите со кои треба да се соочат жените на одговорни позиции, како што е премиерката Сана Марин.

Оваа дебата беше шеста во циклусот „Ова е Европа“ во Европскиот парламент, по говорите на естонската премиерка Каја Калас (во март), италијанскиот премиер Марио Драги (во мај), ирскиот премиер Микеал Мартин (во јуни), хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (во јуни) и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (во јули). (МИА)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонски музичари ќе нè забавуваат на Плоштад…

На новогодишната ноќ, на плоштадот „Македонија“ во…

ДПИ: Цените на производите од „новогодишната кошница“…

Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите)…

(Видео) Битиќи до Кочоска: Компаниите ги оставивте…

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната…

Снегот предизвика проблеми во Бугарија, Боровец остана…

Снежното невреме во Бугарија предизвика проблеми во…

Финансиска полиција спроведува акција за апсење на…

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан…